18 Април, 2024
0.0258

За Влажно Евтин и други конспиратори

Објавено во: Колумни 05 Јули, 2016

Добивај вести на Viber

Навистина сум гневен драги мои, искрено. Во овие летни месеци навистина мислев да бидам релаксиран и да пишувам „лајт“ колумни, за љубовта, убавината и добрината. Ама... го изгледав интервјуто на Здравко Савески во емисијата За центнаоној Влажно Евтин и морав да реагирам. Да реагирам значи дека морам пак да глаголам за политика, наместо да убавувам за убавината и добрината. И тоа нормално дека ме разгневи, оти ми го поремети убавувањето. Но, нејсе, морав.Морав, затоа што Влажно Евтин епарадигма на она што ни се продава последните месеци во Македонијава. А што ни се продава? Ни се продава параноја! А Влажно Евтин и неговата За цент е квинтесенција на таа параноја. Затскриен зад наводна интелигенција, зад наводно “истражувачко новинарство“, зад наводна умност, а и објективност...создава невидена параноја, неосновано креирајќи тешки „теории на заговор“. Драги мои, ДПМНЕ-то се навистина „генијални“ – имаат за секого по нешто: „информација“, „медиум“ или „теорија“ за секого. На пример, за „лумпен пролетаријат“ го имаат Бурекот, за „античко-шарпланински“ верници во плочеста Земја го имаат Миленчич, за „Цеци“ и „турбофолкери“ - Шител, за троа „поеманципирани“ и „информирани“ Анал 5, за љубители на подолги, псеудо-интелектуални четива – Мирки, за „интелигенцијата“ и „неутралците“ НоваТВ... сè за сечиј вкус. Тешка фингерајка е тоа, виртуелна реалност за секого. Секому според нивото и потребите. Страшен популизам. Мислам дека во иднина ДПМНЕ-то ќе се изучуваат во учебници. Сериозно: како испорачуваат сè што треба да се испорача – сакате „независен медиум“? Нема проблем, ќе направиме. Сакате „дебата“? Нема проблем, ќе обезбедиме! Сакате „критика“? Нема проблем, ќе најдеме наши „критичари“! Во тој контекст и Влажно Евтин и неговите теории на заговори, замоткани во наводно истражувачко и аналитичко новинарство се дел од „тоталната стратегија“ на ДПМНЕ-то за задоволување на сечии вкусови и обезбедување на привид на реалност. Влажно Евтин има за одработување и тоа си го одработува совршено добро, задоволувајќи го делот од публиката што ДПМНЕ-то го таргерирало како публика за Евтин. Видете, Влажно Евтин и не е глуп, напротив, умен чоек е, особено што таа умност знае да ја наплати. Во случајов на пример, „умно“ и убаво ќе спакува на едно место: левичари, анархисти, вахабисти, исламисти, бегалци, Роза Луксембург, соросоиди, Канвас, Протестирам, Шарена револуција, ЛГБТ, СДСМ, Левица, марсовци, Американци, Германци, индијанци, каубојци...во една теорија на заговор дека цел свет се „окомил“ на Македонијава и дека само тој успева да го „раскринка“ тој заговор за кој никој од нас, „наивциве“ не сме свесни! Во оваа прилика, би сакал да му кажам нешто што мислам дека и самиот тој добро го знае, ама сепак го одработува тоа што го добил како задача, за тоа што добил (а што добил, тој си знае). Имено, дека со теории на заговор се хранат приучени и недоучени луѓе. Верувањето во теории на заговор е еквивалетно на верување во магии; конспираторите се всушност израз на митолошка и рудиментирана свест. Впрочем, правени се научни иследувања и постојат трудови, дека луѓето кои веруваат, фаворизираат и популаризираат вакви конспирации се во преднаучна состојба на свест и со ниско ниво на интелигенција, заради што, наместо да размислуваат, да врзуваат логички, да утврдуваат каузалност, поедноставно им е да креираат конспирација и сè да препишат на неа, што е еквивалентгно на митолошките објаснувања кога луѓето не можејќи, на пример, да си ги објаснат грмотевиците, полесно им било да мислат дека тоа боговите се лутат или тркалаат буриња по небото. Но, мислам дека Евтин ова многу добро го знае, оти и покрај сè тој е интелегентен лик, кој само си има за одработување. Нејсе, сепак јас троа ќе се задржам на неговото дело, оти неговиот „лик“ би требало да е предмет на психолошка експертиза, а тоа веќе не е мој фах. Што е целта на неговото дело? Целта е, како што впрочем е целта на сите „одработувачи“ во овие десет години владеење на ДПМНЕ - ширење страв! Параноја! Поданиците се владеат со страв, драги мои! И секој има задача во разни форми, на разни медиуми, за разна публика,со разни содржини, да го шири тој страв. Евтин во случајов, треба на приучените, недоучените да им продава теорија на заговор дека цел свет е против нас и дека суштината не е во тоа што народецов се бунтува против една корумпирана банда која краде, туку дека светот се организирал да ја сотре оваа библиска земја. А тој е тука да ни ги отвори очите, да ни каже да заборавиме на „професионалниот лажач“ од Битола со најскапо платен училиштен превоз, да заборавиме на „чоколадите“, да заборавиме на „пиштолот у уста ко говедо“, да заборавиме на сè, едноставно да се сплотиме пред надоаѓачката опасност од светскиот заговор против Македонијава. И во налет на инспирација, како и прецедникот ни Хорхе, блада ли, блада некакви си конспирации; испомеша и баби и жаби, стави сè во едно лонче и го зовре на стотка, додека не почна да испарува стравот. А колку е тоа бесмислено, може да се види ако само троа подзастане да брбори и почне да аргументира. Ама не, тој знае дека тоа што го говори нема врска и затоа меле ли меле, при тоа и сече, лепе и монтира...делови од изјавите на соговорникот. Основното тврдење во емисијата е тотална бесмислица: „Солидарност и Ленка кои се едни од најистакнатите активисти во “Шарената револуција” се финансирани од германската фондација Роза Луксембург Штифтунг која финансира повеќе невладини организации и анархистички здруженија чии активисти пак се забележани во Грција и кои се сомничат за поттикнување на мигрантите нелегално да ја поминат границата и да влезат во Македонија“. Вакво тврдење можете да изречете само овде и за тоа да не добите пријава? Роза Луксембург поттикнувала нелегално минување на граница??? Или кога обвинува дека Германија директно стои зад ова во Македонија, само заради фактот што организацијата Роза Луксембург добива пари од буџетот на Германија? „Сите фондации од Република Германија се финансирани од буџетот, тие пари се префрлаат во партиски структури а преку тие структури се дистрибуираат во одредени партнерски организации во светот. Такви во Македонија се Солидарност и Ленка кои практично се финансирани директно од буџетот на Германија што подразбира дека има своја активна улога во нивното делување и преку нив остварува делови од својата политика“ – вели тој во емисијата. Тоа говори само дека не разбира оти принципот на финансирање на невладините во Германија директно преку буџетот не значи дека Германија на тој начин ја остварува својата политика, ами организацијата на која тие пари се префрлени. И да, таа организација има свои интерес, ама тоа не е интерес во пежоративната смисла, интерес за разнебитување држави, ами идеолошки интерес. Сите ние имаме интерес, партиите се интересни групи кои се застапуваат за некаков интерес, ама не личен интерес да си купите стан Евтин, ами интерес на идеолошка и идејна група – ако сте „зелена“ партија, вашиот интерес е намалување на емисијата на гасови, ако сте лево ориентирана партија, вашиот интерес се работничките права, ако сте десни, вашиот интерес е капиталот и слободниот пазар...Затоа Роза Луксембург и финансирала публикации на Здравко, Мариглен и други членови на Левица со ЛЕВИЧАРСКА содржина, оти тоа е интересот на левичарска организација како Роза Луксембург. И да, наместо да се потсмеваш и иронизираш како тоа „многу и е стало на Роза Луксембург за здравјето, трудот или работничките права во Македонија“, па финансирала книги со такви наслови („Здравјето како право и услуга во Р.Македонија“, “Богатството и сиромаштијата во Р.Македонија” или “Обезвреднување на трудот: Анализа на трудово правната легислатива 2010-2014 година), обиди се да разбереш дека ù е важно оти тоа е дел од левичарската идеологија! А не можам да разберам како тебе не ти е важно „здравјето како право“, или „обезвреднувањето на трудот“ во РМ? Имено, затоа што не ти е важно, ниту тебе, ниту на твоите налогодавци, ете затоа невладини од Германија ни финансираат такви анализи, Сорос-и, УСАИД-и, и други ни прават училишта, опремуваат градинки, инсталираат опреми по болници, донираат...додека вие спичкувате 500 милиони во мермер и бронза! Оваа реченица говори лошо по тебе Евтин: „Да финансираат одредени дела кои не им се интересни на македонските гледачи, а им се интересни на германските гласачи, кои даваат свои пари“ Епа баш тоа е жалното Евтин, што Германците ги интересираат вистинските проблеми во твојата држава додека ти се занимаваш со конспирации кои дигаат прашина во очите на македонскиот граѓанин за да не види дека го крадат пред нос! И како шлаг во казанот во кој испомеша сè и сешто Евтин заклучува: „Во месец април имаше најмалку три настани кои имаат големо влијание на политичката ситуација во Република Македонија и пошироко. Првиот настан е мигрантската криза во која загинаа неколку лица во обид нелегално да ја поминат границата, во која биле вклучени членови на невладини организации и новинарски здруженија кои се финансирани од германски разузнавачки структури. Вториот настан е најавата за упад на 40 косовски терористи во територијата на Република Македонија со цел да нападнат македонски затвори каде се уапсените членови од терористичката група која минатата година беше во Куманово, а третиот настан се големите протести на скопските улици против аболицијата на претседателот Иванов“ И!? Која е каузалната врска овде Евтин? Што ми говори ова? Тоа ли, на крајот на краиштата, се причините за кризата Евтин? Не се изнесените милијарди, мизеријата во која живееме, автократијата што ја сведочиме? Знам дека и самиот не го мислиш сериозно ова и дека само „чесно“ си ја одработуваш задачата. А се мачиш, се мачиш и препелкаш додека вариш во ист казан и левичари и вахабисти и анархисти... Види Евтин, на крајот на краиштата, да се биде лев не е грев! Да се биде лев значи да се верува со солидарност, во еднаквост, правда и благосостојба за сите. Овие млади момци и девојки од улиците на шарената Македонија, допрва доаѓаат и се умни, жизнерадосни и решителни, решени да ја исчистат Македонијава од сè што е евтино! Кај нив не ќе можеш да се „престроиш“, оти тие не купуваат евтина роба! Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?