29 Март, 2024
0.0240

За војните, насилството и болката

Објавено во: Колумни 12 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Макијавелизмот е често цитирана флоскула, посебно сентенцата-Целта ги оправдува сретствата, максима која ја слушаме и восприемаме во случаи и ситуации во кои луѓето  за да остварат соодветна цел, најчесто онаа која ним ќе им донесе одреден бенефит, подобра позиција, материјална поткрепа, не бираат сретства со која истата ќе ја остварат. Дел од нив толку бескрупулозно ги употребуваат најмизерните сретства, оние кои луѓето со чист ум, разумните и совесните, никогаш не би ги помислиле, а не пак (зло)употребиле, сретства кои не се во редот на нормалното, правилното и праведното. Прашањето кое апропо ваквото поимање на макијавелизмот гласи: Koја е таа цел, толку голема, вредна и возвишена што ги тера луѓето да го заборават човечното во себе и да посегнат по начини на достигнување и остварување на таа цел и да користат механизми кои се далеку од здравиот разум, далеку од човековото достоинство и далеку од нормалното и моралното?

Во време на кризи и конфликти секогаш на површина испливуваат инстинктите На прашањата кои ни се наметнуваат, а кои го допираат анималното во човекот и кои се однесуваат на сеењето насилство и агресија, на прашањата кои ги загатнуваат скриените и потсвесни човекови импулсивни и невообичаени реакции, на прашањата кои ги тангираат мотивите за сеење на зло и повреда на друго човечко битие често немаме разумен и рационален одговор. На овие прашања се навраќам деновиве, бидејќи мислите и умот ми се усредоточени кон едно крваво минато, кон едно не многу далечно време, време во кое доминираше Хопсовата максимата Belum omnium kontra omnes-војна на секој против секого, во која нема правила, во која човекот се трансформира во животно, во која секој на секому е волк, ситуација во која ќе нападнеш и повредиш за да се заштитиш.  За време на немири, за време на бунтови, а посебно за време на конфликти во кои има неколку страни и во кои секоја од страните смета дека целта за која се бори е праведна, нормална и легитимна, се заборава доброто, праведното, посакуваното, умното, мудрото. Во време на кризи и конфликти секогаш на површина исплививаат инстинктите, нагоните, нерационалноста, емоциите(посебно негативните) и според реакциите и акциите што ги прават луѓето кои се директни учесници во конфликтите се добива впечаток дека тие никогаш не успеале докрај да ги социјализираат сопствените нагони и инстинкти и дека животинското наспрем човечкото доминира кај нив. Само болен ум и недоволно созrеан и социјализиран човек може да посака нечија болка Од неколкуте дилеми, кои сметам дека си ги поставува секој трезвен, рационален и разумен човек, умствено и емоционално изграден и созреан се изделуваат оние кои се насочени кон барањето одговор на прашањето Што е тоа толку силно, кој е тој порив, кој е тој механизам што ги тера луѓето да повредат, што ги потренува и ги мотивира да удрат, претепаат и убијат друго човечко суштество, што е тоа во нив што ги трансформира од луѓе во нелуѓе. Мисли различни, теории многубројни, ставови спротистевени, но општа согласност кај секого дека само болен ум и недоволно созrеан и социјализиран човек може да посака нечија болка, да посака нечие повредување, да посака нечие патење, да посака нечија смрт. Да удриш некого, да повредиш некого, да одземеш нечиј живот не значи само лишување и повредување на таа индивидуа, многу подлабоки се трагедиите и последиците, се завиваат во мака, болка и црнина членови на семејства, ближни и драги луѓе, се менува нечија судбина и животна патека. Да сееш омраза, да практицираш насилство и агресија, да уживаш во повредување на некој кој е поинаков од тебе те прави нечовечен, ти го одзема достоинството, ти го урива интегритетот и те прави смртник кој не е достоен за никаква почит. Осумнаесет години од масакрот во Сребреница, настан кој вечно ќе биде запаметен Морници ми лазат и солзи ми ги квасат очите немо набљудувајќи ги тажните сцени кои ги следам на масовните медиуми, а кои ни покажуваат одбележување на еден тажен настан. Осумнаесет години од масакрот во Сребреница, настан кој вечно ќе биде запаметен и запишан во аналите на историјата како еден од најкрвавите настани на овие балкански простори. Душата ми плаче кога ги гледам натажените лица на луѓето кои изгубиле некој близок тогаш, сите тие расплакани, со болка во душата, но и гнев во срцето се потсетуваат на тој црн ден. Врисок, молкот и онеменост од болката и тагата кои ги гуши душите на натажените, изгубени во времето и просторот, немо сведочејќи за трагедијата која ги снашла. Тажните и немили настани се дел од нашата секашност, но тие покрај што треба да потсетуваат за одредени ситуации кои се случиле, треба да прожнеат и една порака-Ниту една цел не е толку вредна за да одземеш човечки живот, ништо не е толку големо и достојно за да за него навредиш, повредиш и убиеш, ништо не е толку суштествено и битно за да те натера да одземеш нечиј живот. Сеќавањата болат, спомените остануваат, живите помнат и чествуваат, но и порачуваат-Стоп за бруталноста, насилството, конфликтите и војната. Само почитта кон културно, религиски и етнички другиот, толеранцијата и љубовта кон секое човечко битие не чини достојни да го носиме епитетот вистински луѓе. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје
 

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?