Забрана за сообраќај на некои превои и патни правци поради обилни врнежи од снег
Објавено во: Македонија 13 Февруари, 2018
Забрана за движење на тешки товарни возила и на автомобили на одредени места во Македонија.
На планинските превои Пресека, Буково и кон граничниот премин Ќафасан има забрана за движење на тешки товарни возила, а на Буково има забрана за движење и на автомобили.
„Напоменуваме дека забрана за движење кон планинскиот превој Буково важи и за патничките моторни возила. Во таа насока, полициски службеници од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, поставија сообраќајни контролни пунктови кај Подмолје на магистралниот пат Охрид-Кичево и кај Емо во близина на селото Косел на магистралниот пат Охрид-Ресен“, информираат од СВР-Охрид.
„Поради тоа, а со цел избегнување на несакани последици, апелираме на исклучива нужност во користењето на патничките автомобили, а кон споманите патни правци и целосно почитување на важечките забрани за движење на тешките и други моторни возила и секако почитување на инструкциите и насоките на полициските службеници кои се на терен. Воедно, потсетуваме дека за сите моторни возила неопходно е носење и користење на зимската опрема“, велат од СВР-Охрид.