23 Април, 2024
0.1097

Задолжителна котација, по втор пат

Објавено во: Колумни 22 Февруари, 2013

Добивај вести на Viber

Тоа што Владата го најави како реформи за раздвижување на пазарот на капитал во ноември 2012 година полека постепено го спроведува. На самиот крај на минатата  година го укина оданочувањето на капиталните добивки остварени од продажба на акции за наредните три години а на 21 јануари оваа година го усвои Законот за изменување и дополнување на законот за хартии од вредност. Посебно значајно во овој Закон е воведувањето на задолжителна котација за оние издавачи чии хартии од вредност не котираат на берзата, а ги исполнуваат условите  за задолжителна котација утврдени во правилата за котација на Берзата.

Владата и Македонска берза ги утврдуваат новите правила според кои акционерските друштва задолжително ќе мора да котираат на Берзата, а критериумите ќе бидат познати за две недели. Тоа значи дека од втората половина на февруари ќе почне да важи задолжителната котација за сите акционерски друштва што ќе ги исполнат условите. Моментално на официјалниот пазар на Македонската берза котираат 32 акционерски друштва, а за очекување е дека со исполнувањето на законската обврска за задолжителна котација тој број најмалку двојно ќе се зголеми (барем такви се очекувањата на Македонската берза). Во секој случај, целта на оваа законска измена не е масовност на процесот, туку вклучување на котацијата на одреден број на поголеми акционерски друштва во кои има критична маса на акционери кои би ги продавале акциите, а кои поради различни причини во минатото не котирале на берзата.

Тоа значи дека според обврската произлезена со новите измени на Законот за хартии од вредност, бројот на котирани компании се очекува да се зголеми за плус триесетина. Новините во законот според најавите, треба да овозможат поголемите и добри акционерски друштва да котираат на берзата, а тоа ќе значи повеќе информации за потенцијалните инвеститори.

На  Македонската берза ги утврдуваат посебните услови кои треба да ги исполнат издавачите на хартии од вредност за да котираат на платформата „задолжителна котација“. Измените и дополнувањата на правилата за котација се очекува да бидат усвоени од берзата во втората половина од месец февруари, по што ќе следи процедура на добивање согласност од Комисијата за хартии од вредност. Се надевам дека релевантните институции надлежни за спроведување на  овој Закон ќе ја задржат аналогијата како кај постојната берзанска котација, односно при утврдување на критериумите за задолжителна котација да се земат предвид големината на друштвото од аспект на основачкиот капитал, бројот на акционерите во друштвото и минималниот процент од одреден род на акции што е во посед на јавноста (т.н. free float). Извесно е дека овие критериуми за задолжителна котација ќе бидат пониски во однос на постојните посебни услови за котација.

Но бизнисмените се затечени и збунети. Најголем дел од нив велат дека се уште не знаат што ќе се бара од нив. Многу од нив почнаа да се јавуваат по брокерските куќи да се распрашаат за сите можни ситуации во кои би се нашле, за предностите, за обврските кои би им следувале. Меѓу нив има и такви менаџери кои веднаш почнале да размислуваат и веќе ангажирале свои правни советници да ги преиспитаат сите можности, бенефити, привилегии, обврски, задолженија.....Но има и такви кои се веднаш спремни да извршат законска трансформација од АД во ДООЕЛ. Но зошто?

Што фактички значат овие реформи? Раздвижување на македонскиот пазар на капитал преку воведување задолжителна котација на успешните акционерски друштва. Се работи за стимулативни реформски мерки со кои што ќе ги мотивираат квалитетните и ликвидни компании да излезат на Берзата што ќе им биде основен извор на финансирање. Ова е значајно за фирмите како реформска мерка, бидејќи ќе има две придобивки. Прво, фирмите што излегуваат на Берза ќе обезбедат алтернативен начин на финансирање во однос на финансирањето од банките. Тоа значи дека ќе се прошири спектарот на потенцијални акционери, односно ќе може акциите на тие фирми да ги купуваат поголем број на акционери и со тоа фирмата ќе го намали сопственото задолжување. Во исто време ќе обезбеди капитал којшто ќе го намали задолжувањето кај банките, а со тоа ќе се влијае на намалување на цената кај банкарските кредити бидејќи банките сега се во монополска позиција во однос на финансирањето, односно условите на кредитирање зависат од нивна волја.

Во моментов, од 539 акционерски друштва во Македонија, само 32 котираат на Берзата. За да компаниите бидат мотивирани Владата ќе ги намали и трошоците за котизација, така што за иницијална јавна понуда тие ќе чинат 5.000 денари за сите институции - Берза, Комисија за хартија од вредност и Централниот депозитар за хартија од вредност.

Владата одлучи со Закон да ги натера добрите компании во земјава да излезат на Македонската берза. Тоа значи дека фирмите ќе треба да ги отворат вратите за потенцијалните инвеститори, транспарентно и во строго определен рок да ги објавуваат финансиските резултати, ценовно чувствителните информации, да издаваат нови емисии на акции и така да дојдат до свеж капитал. Со слична мерка владата се обиде и во 2002 година и тогаш од две котирани компании бројот порасна на 98. Беа постигнати одредени позитивни ефекти за развојот на пазарот во тоа време, но тие мерки беа пропратени со низа даночни стимулации. Секаде во светот е престиж да се биде фирма која е котирана на берза, а кај нас се покажа дека е сериозна обврска и товар за фирмите. Многу од фирмите , односно нивните акционери не се спремни да ги објавуваат своите ценовно чувствителни информации, а уште помалку своите финансиски показатели. Компаниите кај нас се спремни да земат кредит да се задолжат кај банките со високи каматни стапки само да не им се разводнува капиталот и да не им се меша некој од надвор во носењето одлуки и во управувањето.

Со воведување на задолжителна котација инвеститорите не очекуваат радикални промени на берзата, но сепак оваа мерка ја оценуваат како позитивна, бидејќи на долг рок може да предизвика интерес кај инвеститорите за компаниите кои ќе се најдат на задолжителна котација.

Брокерите потврдуваат дека со акциите на овие компании се тргува на Македонската берза но позитивно ќе биде што за овие компании ќе има повеќе информации. Посебно значајно е што со новиот Закон е предвидено акционерското друштво веднаш а најдоцна наредниот работен ден до КХВ да достави извештај за настанувањето на секоја ценовно чувствителна информација и најдоцна во рок од пет  работни дена најмалку во еден дневен весник во Република Македонија да објави соопштение за ценовно чувствителната информација. Во Законот се прецизирани за кои ценовно чувствителни информации се однесуваат овие обврски.

Со оваа мерка се проширува опсегот на информации, бидејжи правилата ќе се однесуваат на јавно поседуваните друштва кои и досега даваа известувања во согласност со Законот за хартии од вредност. Сепак, со новините ќе се зголеми транспарентноста, ќе има поголема видливост и повеќе информации кои можат да ги привлечат инвеститорите.

Промените на среден и долг рок би требало да влијаат на зголемувањето на тргувањето со акции на берзата и привлекувањето нови инвеститори на пазарот.

Убеден сум дека најновите законски измени ќе овозможат одреден број поголеми и добри компании да котираат на Берзата, а дека ќе се размрда берзата на краток рок, прилично не верувам, бидејќи проблемот во моментот е недоволна побарувачка, понуда има на постоечки котирани компании кои се тргуваат во помал обем. Недостаток на  инвеститори е од низа други причини, а не е толку проблемот на страна на понудата. Сепак за поздравување е секоја превземена активност во интерес на развојот на пазарот на капитал иако бенефитите од тоа ќе осетиме во иднина.

М-р Ѓорѓи Палевски, Гл. Извршен директор

Брокерска куќа ПОШТЕЛ-БРОКЕР АД

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок