19 Април, 2024
0.1514

Заев и со програма ставена црно на бело не го разубеди ВМРО-ДПМНЕ дека нема албанизација

Објавено во: Анализа 11 Март, 2017

Добивај вести на Viber

Зоран Заев вчера ја одржа промоцијата на планираната програма на владата за наредните четири години иако во неа нема ништо што асоцира на кантонизација, федерализација, зголемена двојазичност и албанизација, албански јазик на парите и полициските или армиските униформи и наводни казни од 5000 евра за тие кои не го говорат албанскиот јазик, не успеа да ги разубеди ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Иванов и демонстрантите од „За заедничка Македонија“ дека ќе албанизира Македонија. 

Според владината програма на СДСМ и нивните партнери со кои го формираат новото парламентарно мнозинство претставени од вкупно 67 пратеници главните насоки ќе бидат за градење на правично општество, итни реформи во судството, медиумите, тајните служби за поголема демократија, како и за подобрување на стандардот на граѓаните, но нема никакви детали за рушење на унитарноста на Република Македонија.

Владината програма која е сублимат на предизборните ветувања на СДСМ и предизборните програми на албанските партии е срочена на 55 страници и може да се најде во печатена и електронска форма. Сепак, ова не е доволно за претседателот Иванов да биде уверен дека не е загрозен Уставот на Република Македонија. Секако, надвор од досегашната пракса СДСМ ја откри владината програма и без да има мандат, но и не отиде на радикален чекор што би значел претставување на програмата во Собранието и гласање за истата.

Заев вчера повторно побара од Иванов да се вразуми и да согледа дека за сите стравови ширени пред се од ВМРО-ДПМНЕ постојат државни институции и законски прописи кои регулираат буквално се, од постапка за носење на закон, негово гласање во Собрание, па до можно вето од самиот претседател на државата. Тука е и Уставниот суд кој може да пресуди дали одреден закон е во согласност со Уставот како највисок правен акт на државата.

Заев ја повикува „идната“ опозиција да ја искоментира Програмата на новата Влада на граѓаните на Македонија и да ја поддржи. Тој посочи дека ќе ја почитува опозицијата и никогаш нема да работи на нејзино уништување, како што тоа го правеше оваа власт, затоа што таа има важна улога во демократските процеси.

Антонио Милошоски на реакциската прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека не се уверени во програмата на Заев која ја нарече партиски памфлет и дека тој можел со еден збор да каже дека се откажува од „платформата од Тирана“ за што би добил поддршка за малцинска влада.

Не помогнаа ниту уверувањата на Заев дека за сите спорни прашања од албанската платформа засега може да се води само стручна дебата која им ја остава на експертите и професорите по уставно право, што не значи дека тој се согласува или би прифатил промена на државните симболи. 

Претседателот на СДСМ не го откри во целост евентулниот „План Б“ што доколку и натаму Иванов одбива да го додели мандатот, туку посочи дека мора да се биде стрплив докрај. 

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!