Заев не очекува од политички причини да биде попречена екстрадицијата на Грујевски и Бошкоски
Објавено во: Македонија 23 Октомври, 2017
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не очекува поради политички причини да биде попречена екстрадицијата на Горан Грујевски и Никола Бошкоски од Грција.
Заев вели дека Македонија има воспоставена соработка со Грција и очекува да биде спроведено меѓународното право, а поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Грујевски и неговиот колега Бошкоски, кои се обвинети од СЈО да бидат екстрадирани.
„И во минатото, со предходната власт, Македонија немаше проблем во сите други аспекти, освен проблемот со името. Навистина имаме соработка со Грција од секој можен аспект. Министерствата за внатрешни работи и за правда соработуват и верувам ќе покажат соработка на дело, бидејќи тие се надлежни. Искрено не очекувам потреба од каква било политичка интервенција затоа што се работи за две соседни земји кои се пријатели. Опстојува еден горлив политички проблем кој верувам во периодот пред нас ќе го решиме заедно“- изјави Заев.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски деновиве изјави дека освен што треба да се екстрадираат Грујевски и Бошкоски, треба да се откријат и луѓето кои им биле логистика.