23 Јануари, 2018
0.5799

Заев: Обезбедивме навремена субвенција за достоинствен приход на тутунопроизводителите

Објавено во: Агробизнис 26 Декември, 2017

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, советничката за земјоделство, шумaрство и водостопанство, Ленче Николовска и директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Јане Станкоски, денеска посетија откупни пунктови за тутун Сокотаб во Кривогаштани и во Тутунскиот комбинат во Прилеп.

Премиерот Заев се сретна и разговараше со присутните тутунопроизводители и откупувачи и заеднички беше констатирано дека откупот се одвива солидно, без потешкотии и проблеми и беа нотирани позитивните ефекти од повисоката просечна откупна цена на тутунот, како резултат на дополнителната субвенција за тутунот. 

По обиколката на откупниот пункт во Тутунски комбинат Прилеп, во изјвата за медиумите, премиерот Заев истакна:

„Сакам да го споделам тоа што го разговаравме со граѓаните. Ова е убава година за тутунопроизводителите заради тоа што има добар квалитет на тутунот. Просечната цена која што се постигнува до сега е 209.5 денари. Заедно со субвенцијата која што е обврска на владата и која што ќе се исплати во предвидениот рок, се добива просек од 269 денари. Тоа се 4,4 евра, за кои што можеме да кажеме дека се достоинствени приходи“ изјави премиерот Заев. 

Премиерот Заев оцени дека трендот на покачување на откупната цена е задоволителен и дека во споредба со минатото, ова е позитивен исчекор.

„Мене ми е важно заедно со владата да продолжиме во трендот на продуцирање на зголемување на побарувачката за тутунот. Тоа значи дека мора да отвориме нови перспективи за Тутунскиот комбинат. Тутунскиот комбинат ќе има своја иднина преку тоа што ќе се отворат постапките за негова трајна трансформација каде што ќе ги зголемиме и количините за откуп, но и количините на финалниот производ. Драго ми е што влегуваат нови компании како откупувачи. Фирмата Мисиријан од Грција е веќе нов склучувач на договори кои што ќе почнат од март“, истакна премиерот.

Во таа насока премиерот Заев дополни дека зголемениот број на откупувачи ќе продуцира зголемена побарувачка и ќе влијае позитивно на покачување на цената.

„Драго ми е што откупот се одвива организирано и контролирано. Нема незадоволни луѓе и лоши чувства како што сме знаеле да видиме низ годините. Се надевам дека сите заедно како чинители во општеството ќе продолжиме да бидеме фокусирани на оваа дејност заради тоа што 30.000 семејства живеат од тутунот. Тоа се повеќе од 100.000 граѓани", посочи премиерот Заев.

Во однос на следните чекори што Владата ќе ги преземе во новата 2018 година во оваа област тој посочи дека се работи на изменување и дополнување на законот, што ќе значи воведување на раст на субвенциите односно мотивирачкиот ефект што субвенциите треба да го постигнат.

„Знаете дека со промените на законот коишто оваа година ќе се донесат, а ќе важат за новата сеидба и сезона, и она што идната година ќе се предава на откупните пунктови, откупната цена на тутунот ќе биде 80 денари субвенции за прва класа и 70 денари за втора класа. За третата класа и другите останува 60 денари. Ова е дополнителна мотивација за тутунопроизводителите да произведуваат што е можно поквалитетен тутун знаејќи дека ќе земат повеќе субвенции", истакна премиерот.

Премиерот Заев на крајот од својата изјава порача дека владата продолжува да ја поддржува оваа гранка со цел да се создаваат услови за нејзина поголема профитабилност, што ќе придонесе младите луѓе да останат да работат и живеат во Македонија од земјоделска дејност. 

За време на оваа посета, премиерот Заев оствари средби и со градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јовановски и градоначалникот на општина Кривогаштани, Рубин Шефтероски и се задржа во кус разговор за функционирањето на општините.

Можеби ќе ве интересира

Николовски потпиша свечена изјава за поддршка на Европската декларација за развој на производството на соја без ГМО

Николовски потпиша свечена изјава за поддршка на Европската декларација за развој на производството на соја без ГМО

Расте откупната цена на тутунот, се интензивираат инвестициите во тутунската индустрија

Расте откупната цена на тутунот, се интензивираат инвестициите во тутунската индустрија

Дали земјоделците должници ќе можат до државни субвенции?

Дали земјоделците должници ќе можат до државни субвенции?