Заев од Македонска Каменица најави бенифициран стаж за рударите
Објавено во: Македонија 21 Октомври, 2017
Лидерот на СДСМ и Коалицијата „Живот во Македонија“, Зоран Заев попладнево на митингот во Македонска Каменица изјави дека следната година ќе биде донесен закон со кој ќе се регулира и бенифицираниот стаж на рударите.
Вели дека како левичари го почитуваат работникот.
„Кој ли се нема бенифициран стаж во Македонија, а потребата од бенифициран стаж тргна од тешката мака на рударот. Затоа, да знаете дека и таа правда ќе дојде овде и преку бенифициран стаж, рударите полесно и побрзо ќе одат во пензија, а тоа ќе отвори нови работни места на младите луѓе“ - изјави Заев.
Тој се обрати до младите порачувајќи им дека Владата со економските политики создава услови тие да останат во земјава.
„Дојдов да ветам инвестиции, една или две фабрики со триста работни места ја враќаме среќата во Македонска Каменица. Ве увервам дека со економските политики кои ги развивме, од идната година овде ќе се градат фабрики. Сакам на младите да им предочам да мислат да останат овде“- порача Заев.
Кандидатот за градоначалник на Македонска Каменица од СДСМ, Соња Стаменковска вети дека ќе биде борец за социјални права, за родова еднаквост и рамноправност.