20 Април, 2024
0.0259

Заев живнат на првиот митинг, Груевски пак го повика народот

Објавено во: Анализа 26 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

Партиите вчера и официјално ја започнаа изборната кампања, а со тоа се одржаа и нивните први митинзи. Премиерот Заев трката ја почна со поддршка на кандидатите за градоначалници на СДСМ, конкретно во Демир Хисар од каде се види и каква кампања ќе води. Заев и СДСМ ќе се фокусираат на планско градење, сочувување на животната средина со здрав воздух и вода, повеќе пари за граѓаните и отворена општина за сите. Секако, вратениот „живот“ во Македонија и натаму ќе биде дел од слоганите на СДСМ.

„Од Америка доаѓам во Демир Хисар и ќе ви порачам, Македонија ја вративме повторно на шини, Македонија оди напред! Ќе има живот и на локално ниво, ќе се живее и во секое село и во секој град.“ порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев на првото обраќање во Демир Хисар.

Груевски и ВМРО-ДПМНЕ повторно го користат терминот референдумско изјаснување на народот на овие избори што е реприза од нивните претходни кампањи пред се за парламентарни избори. Лидерот на опозицијата говореше за започнување на нова ера што е официјален партиски слоган како и тоа дека народот повторно ќе и пресудел на СДСМ.

„Затоа драги пријатели велам дека на 15-ти октомври имаме локални избори но истовремено и  референдум. Можеби со драконски и незаконски владини забрани ќе се спасат од референдумите за мигранти, но нема да се спасат од референдумот на народот, реферндумот за нова ера и ново утро за Македонија. Кое доаѓа несопирливо. Кое никој неможе да го задржи. Позади кој стои народот. И луѓето кои прават споредба и направија споредба“, истакна Никола Груевски на првиот традиционален митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.

Сепак, и двајцата лидери се согласни дека овие локални избори се од огромно значење и за двете партии поради политичките пораки кои ќе бидат испратени и последиците од нив ќе влијаат и врз функционирање на владата што може да допринесе за одржување и на нови предвремени парламентарни избори.

„Ова не се обични локални избори на кои се гласа само за градоначалник и совет во општините. Ова се избори на кои одлучуваме како ќе продолжиме. Граѓаните веќе избраа слобода, Македонија веќе живее нова ера на слобода од режимот на Никола Груевски. Ве повикувам на 15 октомври да го заокружите бројот 19 за живот во општина Демир Хисар за сите“, порача претседателот на СДСМ. 

Сличен ефект имаше и во говорот на Груевски кој ја потенцираше важноста на овие локални избори.

„Охриѓани нема да ја пропуштат шансата да го одберат Др Митко Тилевски за градски татко, а  целиот народ има единствена можност на 15 октомври да каже што мисли за она што и се случува на Макеоднија во овие 4 месеци, за хаосот, за безредието, за неспособноста, за лажењето, за неисполнувањето на ветеното, за манипулирањето,  за хајките, за злоупотребите од новата власт, за договорот со Бугарија, за неуставните закони со кои се манипулира, за криминалите и тендерите на газдите во владата, за беснеењето, за начинот како наумиле да се реши името, за колапсот на економијата, за начинот како избраа претседател на Собранието на Република Македонија и како избраа Влада,  за одењето спротивно на вољата на народот, за потценувањето на нашата, на Вашата интелегенција и интегритет, за новосоздадениот хаос во здравството, безидејноста и незаинтересираноста за решавањето на проблемите, за помрачувањето кое и се случи на Македонија“, реќе Груевски пред партиските симпатизери во Охрид.

Ова е отприлика вкусот на кампањата на двете најголеми партии во Македонија и вакви или слични говори може да очекуваме и во наредните денови секако со различни замисли и идеи за секоја општина поединечно иако и таму веќе се наѕира кој што планира да прави. Што мислите вие за стартот на кампањата, на кого би му дале предност и чија порака засега повеќе ви е привлечна.

Х.С.