Закажан референдум за рудници во Дојран, но Казандол изостана од прашањето
Објавено во: Македонија 19 Јуни, 2017
Да за референдум за рудници во Дојран, но без прашање за изградбата на рудникот Казандол во соседната оптштина Валдандово. На денешната седница, дојранските советници одлучија референдумот што не го потпиша градоначалникот Борче Стамов за 18 јуни, истиот да се одржи на 23 јули.
Жителите среде туристичка сезона ќе се изјаснуваат по едно референдумско прашање Дали сте за или против отварање рудници на територијата на општина Дојран. Ова е епилогот од денешната седница на која дојранчани повторно расправаа за референдумско изјаснување откако градоначалникот Стамов со оправдување дека немал мандат не им ја потпиша одлуката од 12 мај и не ја објави во службениот гласник на општината.
Во Валандово пак сеуште нема одлука за референдум. Таму најдоцна до крајот на јуни, претседателката на Советот Јасмина Сечкова треба да свика седница откако минатата недела, шест советника и доставија барање за вонредна седница на која треба да се расправа по доставената иницијатива за распишување референдум поткрепена со околу 2300 потписи како што налага законот. Таа и понатаму не свикува седница што за активистите од Спас за Валандово го сметаат за одолговлеквуање со цел референдумот биде неуспешен а комплексот Казандол да се изгради.
Извор: ТВ 24