27 Мај, 2017
0.1485

Земјоделците излажани, субвенции нема: Министре време е да ни ја кажете вистината!

Објавено во: Агробизнис 20 Април, 2017

Земјоделците бараат итна средба со министерот за финансии Кирил Миноски за лично да им каже зошто не им се исплаќаат субвенциите. Ова му го соопштиле и на министерот за земјоделство Михаил Цветков, од кого побарале тој да ја организира средбата и освен Цветков и Миноски на средбата да присуствува и директорот  на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот разој Игор Златков. Од земјоделските здруженија порачуваат дека доколку до понеделник не се сретнат со министрите, во вторник ќе излезат на протести.

„ Ние побаравме оваа средба да биде со сите тројца и да ги соочиме аргументите, да се каже јасно пред нас кој ја кочи исплатата, има ли пари во Буџетот за нашите субвенции или има друг проблем. Доколку не се оствари оваа средба ние ќе излеземе на протести со блокада на патишта. Сметаме дека  доволно толериравме“, вели Ристо Велков, претседател на Сојузот на синдикати на земјоделци. 

Барањето за средба го потврдија и од други земјоделски здруженија, кои велат дека од исходот од средбата и дали таа ќе се одржи ќе зависат нивните идни чекори.

„Зависи од ставот на министерот за земјоделство, поточно дали ќе ни организира средба во Министерството за финансии, и од тоа ќе зависат нашите следни чекори. Нас субвенциите ни се сега потребни ние имаме разбирање за целата ситуација во земјава, но кога треба веќе да биде јасно и на Владата дека ова се редовни исплати. Кога има избори сите доаѓаат кај нас оти сме големо гласачко тело, а сега сите тие си земаат плата, а ние никако да ги добиеме субвенциите“, вели Љупчо Аризанов,  претседател на Регионалниот сојуз на лозари.

Но додека земјоделците ги чекаат парите и бараат средба, министерот Миноски е на пат во Америка.Според информациите се враќа во понеделник. Министерот за земјоделство Михаил Цветков, потврди дека разговарал со земјоделците, но оти денеска и утре не може да ја организира средбата бидејќи Миноски не е во Македонија. Но посочува дека штом се врати министерот за финансии веднаш ќе побара средба.

„Министерот за финансии Миноски се враќа во понеделник и јас веднаш ќе побарам средба за да се најде решение за исплатата.Не верувам дека нема пари во Буџетот за исплата на субвенциите, ние претходно сме исплаќале и по сто милиони евра годишно за субвенции. Претпоставувам дека сега проблемот е што одговорните службеници во финансии се плашат дека ако потпишат ќе сносат одговорност и ќе го прекршат Изборниот законик. Но Антикорупциската комисија даде позитивно мислење дека нема законска пречка за исплатата оти тие се планирани во Буџетот. Изборите веќе завршија и исплатата не може да се злоупотреби за некакви политички или изборни цели. Секако треба да видиме што е   проблемот во финансии и кои се тие меродавни институции кои ќе ги уверат одговорните службеници во финансии,  дека нема да сносат одговорност ако ги потпишат налозите за исплата. Решение за исплатата на субвенциите мора да се најде“, вели Цветков.

Дел од поранешните антикорупционери сметаат дека нема законска пречка за исплата на субвенциите оти тоа се редовни исплати планирани секоја година во Буџетот. Дел пак велат дека стравувавњето на одговорните службеници во финансии е оправдано. 

„Може да имаме мислење од Антикорупциската комисија кое е поинакво, но тоа не значи дека лицето кое што ќе постапи спротивно на закон ќе биде ослободено од одговорноста и мислам дека тука лежи клулот на непотпишувањето на налозите. Позитивното мислење на антикорупциска не го менува законот“,вели Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси Интернешнл-Македонија.

Речиси седум месеци исплатата на субвенциите е стопирана.Прво проблемот беше во спорниот член 8а од Изборниот законик, според кој не смее да се врши исплата до формирање на нова Влада. Откако Антикорупциската комисија даде зелено светло, се случија неколку директорски смени во Платежната агенција, за кои пак според упатените причината била токму стравувањето од потпишување на налозите за исплата. Сега  исплатата е закочена во министерството за финансии, од каде што веќе две недели молчат зошто не се исплаќаат парите за земјоделците. Вкупно треба да се исплатат 92 милиони евра, сума во која има субвенции за 2014,2015 и 2016 година.

Т.С

Можеби ќе ве интересира

Проблемите на земјоделците и земјоделските субвенции

Проблемите на земјоделците и земјоделските субвенции

И ЦВЕЌЕТО МОЖЕ ДА БИДЕ ОДЛИЧЕН БИЗНИС: Доказ за тоа е тринаесет годишната работа на семејство од Теарце

И ЦВЕЌЕТО МОЖЕ ДА БИДЕ ОДЛИЧЕН БИЗНИС: Доказ за тоа е тринаесет годишната работа на семејство од Теарце

Уставен пресуди во корист на земјоделците

Уставен пресуди во корист на земјоделците