Земјоделците повторно на мака, ајварката се откупува двојно поевтино
Објавено во: Агробизнис 17 Септември, 2016
Струмичките земјоделци повторно се разочарани од непочитување на откупните цени кои на терен се одвиваат двојно поевтини, а најголем ќар би имале откупувачите и преработувачите кои ќе се богатат над нивниот труд. Токму затоа најавуваат здружување и протести со цел да го заштитат својот производ од кој најмногу се надеваат на ајварката за претстојната сезона на правење зимници.
Преставниците на Сојузот на земјоделци и Синдикатот на земјоделски производители го повикаа министерот Михаил Цветков и првиот човек на инспекторатот Цветан Трипуновски да преземат мерки бидејки ајварката во струмичко почнала да се откупува по 10 денари иако во февруари годинава се договориле таа да се движи од 13 до 24 денари.
Доколку не се покачи цената постои закана ајварката да скапува по нивите бидејќи земјоделците се доведени во многу тешка положба и не можат да ги покријат своите трошоци. Најавуваат граѓанска непослушност доколку земјоделскиот инспекторат не ги реши проблемите со откупната цена и не застане на нивна страна.