24 Април, 2024
0.0262

Живот пред екран

Објавено во: Колумни 23 Август, 2017

Добивај вести на Viber

„Можете ли да претпоставите колку убиства во текот на еден единствен ден гледа вашето дете?“ – ги праша психологот збунетите родители.

„Нашиот тригодишен внук, знае само некои англиски зборови“– се загрижи бабата за внучето, на кое уште пред првиот роденден му купија таблет.

„Децата си ги препознавам според лаптопите, не им ги гледам лицата“ – се насмеа еден тип во епизода од „Модерно семејство“.

„Ќе се дог. што да нарачаме за ручек?“ – преку порака им предложи таткото на мајката и децата, седнати во различни соби, пред различни екрани.

„Ќе дојде Калин, ќе си играме“ – рече Ведран, го исклучи компјутерот и го зема сонито.

„Мојава утре пак ќе заспие на час“ – искоментира мајката на ФБ, за девојчето чии палци околу полноќ сѐ уште беа на мобилниот.

„Ма ќе го завршам проектот, ќе му пуштам нешто на малиот да не ми досадува и крај!“ – гордо објасни „ангажираниот“ татко.

„За Нова година ќе добијам ајфон“ – се пофали прваче... 

Или, може и вака! Што помислувате кога ќе слушнете – атачмент, ама да не е во врска со интернет и праќање документи?.. Знаете ли дека атачмент значи и приврзаност? Примарна човекова потреба! Длабока и трајна емоционална врска, која поврзува едно лице со друго! Особено е значаен за децата! Наместо документи од далечина, се праќа и прима љубов, од близина. Се гради безбеден семеен свет за оние кои се раѓаат беспомошни. Преку допир, збор, гушкање, насмевка, доверба, грижа, поддршка... реалност. Атачментот не може да го замени ни еден екран, затоа што екранот не е човек за кој можеш да се приврзеш. Колку и да е паметен и светол, не дава искрена размена и комуникација. Не е родител.

Некои деца наместо да добијат сигурна витална приврзаност, се соочуваат со образец на неконзистентност, манипулативност, или едноставно–отсутност. А,  кога родителите се недостапни, достапни се екраните. Тие се дел од нашето современо живеење, но за жал многу лесно стануваат сериозен предизвик. Со нив наместо практични и паметни корисници, сѐ почесто имаме несреќни зависници. Го крадат времето станувајќи замена за блиски врски со најблиските, разболувајќи ги здравите деца. Ги заробуваат секогаш кога мама и тато се подолго отсутни: не се достапни затоа што се премногу време на работа, дома имаат обврски, уморни се, или едноставно, окупирани се со сопствените екрани. Се случува дури лекарите да пишуваат разни дијагнози, грешно тумачејќи ги детските симптоми, предизвикани всушност од нешто што добива име - екраноманија.

Превенцијата е многу важна за да не мора да се лечи, или дури да се прави детоксикација. Затоа да се потсетиме, што може да се случи кога прерано се станува корисник, или кога се минува границата помеѓу корисник и зависник:

-Најмалите деца кои времето го минуваат со екрани наместо со родители (или други луѓе), имаат сериозни проблеми со говорот, вкочанета мимика, правонасочен поглед и не се заинтересирани за околината. Бурно реагираат на секој обид да им се одземе „играчката“.

-Екраните ја зголемуваат депресијата, анксиозноста, агресијата. Ги пореметуваат сонот, исхраната и говорот. Го деформираат телото и го разоруваат мозокот. Можат да доведат до губење контакт со реалноста. Ја намалуваат физичката активност. Лишуваат од допир со природата и вистински контакти со други луѓе.

-Децата се подложни на зависност, во која спаѓа и дигиталната, како еден вид компензација и бегство од реалноста.Во неа потонуваат кога се чувствуваат осамено, тажно, отуѓено, бесцелно... кога се досадуваат. 

Да, превенцијата е многу важна, за да имаме вистинска конекција, наместо подоцна болна корекција. Современите семејства и воспитно-образовните институции се соочуваат и допрва ќе се соочуваат со проблемите кои ги манифестираат децата, како резултат на животот пред екран. Затоа, ако не заради нас, да се прашаме заради оние за кои сме одговорни и кои најмногу ги сакаме:

-Колку екрани има на располагање моето дете? Колку време е пред нив?

-Колку екрани имам јас? Колку време сум вистински присутен и поврзан родител?

Нема да се плашиме дека децата ни се во опасност да станат зависници од електронскиот кокаин, само ако ја сфатиме моќта на нашето квалитетно присуство и комуникацијата. Едно ангажирано дете, цврсто поврзано со семејството кое му нуди различни активности наместо екрани, нема да избега во нереалноста на виртуелниот свет. Едноставно, не му е потребна таква тажна замена за реалноста, ако на дофат има социјална интеракција, креативни игри и контакт со физичката околина. Ако има  сигурен атачмент.

Елизабета Петровиќ

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок