24 Април, 2024
0.0279

Злоупотреба на државни средства, поткуп, заплашувања - Ќе имаме ли чисти избори?

Објавено во: Анализа 22 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

Добар дел од министрите и пратениците објавија кандидатури за градоначалници, па токму од нивните функции може да вршат злоупотреби, притисоци и уцени врз гласачите на претстојните локални избори на 15 октомври. Ваквата појава често ја гледавме на претходните изборни циклуси по што дојде и заклучокот дека партијата ја поклопила државата за што беа преземени одредени реформи преку клучниот политички договор во Пржино. 

На еден од брифинзите Фактор побара од портпаролот на Владата конкретни одговори за мерките кои се преземаат за спречување на корупција на претстојните избори со можна злоупотреба на државните ресурси како користење на службени возила и средства во кампањата. 

- Најголем чекор кој Владата го презеде за гарантирање на фер и слободни локални избори во октомври е усвојувањето на декларација со препораки до сите носители на јавни и државни функции, како и вработените во органите на државната управа да ги преземат сите неопходни законски мерки, како и политички и институционални чекори, за да го гарантираат неприкосновеното избирачко право на секој граѓанин и да обезбедат почитување на принципот на тајното гласање за да може гласачите слободно да гласаат, без страв или заплашување. Подоцна и премиерот Заев ја претстави декларацијата на заеднички настан со МОСТ и ЕУ.

За преклопувањето на партијата и државата своја оценка дава и експертот за антикорупција Миша Поповиќ од Институтот за демократија. 

- Генерално се работи за појава во која политичките партии кои беа на власт направија паралелизам помеѓу нивната кампања и функционирањето на јавните институции.

Поголем проблем најверојатно е  она помалку видливото, но веројатно одлучното изедначување на партијата со државата, во која партиски активисти правеа партијата да посредува помеѓу граѓаните и она што и без таа партија им следува од државата - социјална помош, здравствени интервенции, субвенции, вработување и слични секојдневни проблеми. Ова е постојан процес и само се засилува пред избори.

Спречувањето на оваа појава е најголемиот предизвик во наредниот период. Примамливоста да се злоупотребат можностите на државата за партиски цели е голема, а институциите кои имаат задача да го спречат ова се слаби. Така, трошокот од казна кај прекршителите сѐ уште е низок. На краток рок единственото што може од внатре да го спречи овој процес е лидерство, односно свесна и спроведена одлука на партиските раководства во сегашната власт дека ваквите активности не смеат да се повторат.

Учеството на истакнати државни функционери во изборна кампања секаде е сива зона. Не можете да спречите премиер или министерка да учествува во кампања. Тоа што можете да направите, како контролен механизам, е трошоците за нивното учество да не ги сноси државата и нивната улога да е јасно разделена во кампањата. Ако зборуваме за локалните избори, функционерите од централната власт треба да се посветат на локални прашања, бидејќи нивните ветувања на национални или теми од нивната надлежност, може да се сфатат како кампања од позиција на власт, а не рамноправно како другите партии и кандидати.

Како одите подолу така сивата зона помеѓу легалното и нелегалното се стеснува. Партиските активисти кои преку партизираните јавни институции прават партијата да биде посредник помеѓу граѓаните и правата што им следуваат се веќе јасни прекршувања на правото, етичките кодекси и во голем дел може да се толкуваат како злоупотреба на службена должност или корупција. Институции со интегритет релативно лесно може да го спречат овој процес, меѓутоа реалноста кај нас не е таква и претстои долготраен процес на нивна изградба, вели Поповиќ.

За начинот на кој ќе се трошат јавните средства за претстојните избори на една прес конференција министерот за финансии Драган Тевдовски посочи дека Граѓанскиот буџет како новитет ќе овозможи за директен увид во тоа на кој начин и за која намена се трошат јавните пари, па така и одговорноста ќе биде многу поголема. Со Граѓанскиот буџет треба да се зголеми транспарентноста, да се подобри увидот во трошењето на јавните финансии.

Што научивме од претходните изборни искуства и можеме ли да се издигнеме над ситуацијата овој пат. Кои се надлежни институции кои може да спречат изборна корупција и злоупотреби и како медиумите и невладините организации да го искористат својот потенцијал?

- Надлежни институции се обвинителството, полицијата, Државната комисија за спречување на корупцијата, ДИК, Државен завод за ревизија итн. Меѓутоа надлежни институции се и оние институции кои се или може да бидат злоупотребени. Корупцијата е широк општествен проблем, но секој поединечен акт секогаш се одвива на конкретно место, во некоја канцеларија, шалтер, клиника или кабинет. А кога зборуваме за изборни нерегуларности тогаш најчесто зборуваме дека некој ризик од злоупотреба на институцијата веќе станал реалност преку корупција и клиентелизам. Исклучително е важно институциите во Македонија да направат проценки на ризици од корупција, донесат антикорупциски политики и планови за интегритет кои ќе бидат специфични за нивната работа.  Овие планови ќе им овозможат на институциите да го лоцираат јазот помеѓу правилата и праксата и најдат начини како да го стеснат.

Медиумите, доколку се слободни и независни, можат да направат многу преку алармирање доколку повторно се појави оваа пракса. Во отсуство на силни институции, само медиумите и граѓанското општество може да го подигнат ризикот од казна, вели Поповиќ.

Поткупот на гласачи и натаму ќе биде еден од главните предизвици. 

Секако, поткупот на гласачите не треба да се занемари. На последна, сѐ уште необјавена анкета, 7% од испитаниците известија дека на последните избори им било понудено подарок, услуга или пари за да гласаат за одредена партија. Тоа, по проекција, се повеќе од 100.000 гласачи. Еден дел од оваа група се и оние ранливи групи, најчесто Роми, за кои знаеме дека редовно добиваат поткуп.

За овие избори најважно е да се фокусираме на поголемиот проблем преку намалување или искоренување на можноста институциите повторно да бидат злоупотребени за да се обезбеди победа. Како што кажав, во овој момент можеме да сметаме само на лидерство, односно политичка волја тоа да не се прави, и на будното граѓанско општество и медиуми кои ќе бидат спремни да ги идентификуваат овие активности доколку се појават, вели Поповиќ за Фактор.

Автор: Христијан Станоевиќ