19 Април, 2024
0.0357

Зошто е тешко да се открие перењето пари?

Објавено во: Колумни 14 Август, 2013

Добивај вести на Viber

Перењето пари претставува процес што до одреден степен е обвиен со превезот на мистеријата. Многу често можеме да слушнеме дека одреден субјект се занимава со перење пари, ама никој ништо не му може. Дали е баш така? Како и многу други феномени, така и перењето пари има свои законитости. Во практика се среќаваат следните основни правила поврзани со перењето пари: Колку поуспешно процесот на перење пари ги „имитира" моделите и начинот на одвивање на легитимните трансакции, толку е помала веројатноста дека перењето пари ќе биде откриено. Легитимните трансакции имаат своја логика, цел и канали на извршување, како и соодветна пропратна документација. Ако нелегитимните трансакции успеат да се вклопат во оваа шема, ќе биде исклучително тешко да се направи разлика помеѓу легитимни и нелегитимни трансакции. Колку подлабоко перењето пари е навлезено во легалната економија и институциите на системот, толку потешко тоа се открива. Ова правило е јасно само по себе. Ако институциите на системот кои се задолжени да го спречат перењето пари и самите се инволвирани во оваа нелегална активност, јасно е дека „само небото ќе претставува граница“ за криминалните субјекти. Тогаш е премногу доцна да се стори било што. Колку е помал обемот на  претворање на нелегални во легални трансакции преку иста финансиска институција, толку е помала веројатноста за откривање на перењето на пари. Субјектите кои се занимаваат со перење пари знаат дека „ако ги стават сите јајца во иста кошница“, односно ако ги насочат сите свои активности кон една финансиска институција, порано или подоцна ќе бидат откриени. Токму затоа тие го дисперзираат ризикот и своите нелегални активности ги извршуваат преку различни финансиски институции. Колку е поголем бројот на  услуги во однос на физички произведените стоки во една економија, толку е полесно да се исперат парите. Ова е едно од „златните правила“ на перењето пари. Стоките кои физички постојат имаат своја објективна вредност и отстапувањата на цената во однос на нивната вредност (т.н. misinvoicing) се многу ретки. Ама затоа, во сферата на услугите, речиси се е можно. Услугите најчесто немаат објективна вредност, не котираат на берза, па многу е лесно да се стави било каква цена на одредена услуга. Токму затоа, консалтингот, истражувањето на пазарот, рекламирањето и сличните услуги често служат како параван за перење пари. И уште една работа, „најпопуларни земји“ во сферата на перење пари се токму оние каде што индустриското производство е на многу ниско ниво или воопшто го нема, ама разни финансиски и нефинансиски услуги се нудат на секој чекор. Доминацијата на мали и „независни“ фирми во сферата на производство и дистрибуција на нефинансиски производи и услуги го отежнува одвојувањето на легалните од нелегалните трансакции. Многу е тешко да се следи текот на парите кога се соочувате со повеќе мали фирми кои навидум се независни меѓу себе, а нивната поврзаност е тешко докажлива. Ова правило важи и на ниво на една национална економија, а уште повеќе во меѓународни рамки, каде што „независните“ фирми можат меѓу себе да си фактурираат наводни набавки на стоки или извршувања на услуги, а фактички „да ги вртат парите“ се до нивното конечно легализирање. Колку е поголема употребата на чекови, кредитни картички и други безготовински инструменти за извршување нелегални финансиски трансакции, толку е помала веројатноста дека перењето пари ќе биде откриено. Обично во процесот на спречување на перење пари најголемо внимание се посветува на готовинските трансакции, затоа што тие се најризични. Поради таквото внимание, многу често одредени безготовински трансакции поминуваат незабележано од страна на надлежните органи. Самите субјекти кои се занимаваат со перење пари знаат дека акцентот е ставен на готовинските трансакции, па се повеќе своите активности ги насочуваат во сферата на безготовинскиот платен промет. Колку е помал бројот на законски одредби кои го регулираат спречувањето на перење пари, толку е потешко да се влезе во трагата и да се неутрализираат парите од криминални активности. Сосема јасно. Никој не може да биде санкциониран за нешто што не е казниво со закон. На пример, во Република Македонија првиот закон за спречување на перење пари се донесе во 2001 година. Во периодот од 1991 до 2001 година, и да имало случаи на перење пари, истите не можеле да бидат откриени и процесуирани, поради непостоење на правна рамка. Зошто се чекало 10 години на ваков закон е прашање кое треба посебно да биде разгледано. Колку е помал обемот на нелегалниот во однос на легалниот приход кој во една национална економија доаѓа од странство, толку е потешко одвојувањето на нелегалните од легалните пари. Тука можеме да се повикаме на „барањето на игла во стог сено“ од народната поговорка. Како што е тешко да се најде иглата, исто така е тешко да се влезе во трагата на нелегалните пари, ако доминираат легалните приходи од странство. Ова правило важи за богатите земји со развиени правни и финансиски системи. Колку е поголем и поразновиден обемот на финансиски производи и услуги што една институција ги нуди на пазарот, толку е потешко да се открие перењето пари. Ако трансакцијата на криминалецот е една од вкупно 10 трансакции на таа финансиска институција, веднаш ќе биде забележана. Ама ако таа трансакција е една од 10.000, процесот на нејзино лоцирање и анализа ќе оди „малку“ потешко. Колку е поголема контрадикторноста помеѓу меѓународната и националната легислатива, толку е потешко да се открие перењето пари. Перењето пари е процес кој најчесто се одвива на глобално ниво. Криминалците кои се занимаваат со оваа активност многу често ги знаат „дупките во законот“ кај одредени земји и таму ги насочуваат своите активности. Затоа секогаш е потребно да се оди на хармонизација на националната со меѓународната легислатива и тесна соработка помеѓу надлежните органи од различните земји. Од горе наведеното може да се заклучи дека перењето пари претставува софистицирана активност, па нејзиното детектирање и превенирање воопшто не е лесно и едноставно. Токму затоа, дебатите за тоа дали некој перел пари или не, треба да се одвиваат во научните и стручните кругови. Само на тој начин ќе се избегне непотребната виктимизација на одредени субјекти, а оние кои навистина се занимаваат со перење пари ќе ја добијат заслужената казна. д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок