18 Април, 2024
0.0263

Зошто Македонија има ниско ниво на продуктивност?

Објавено во: Колумни 25 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Проблемот на продуктивноста во македонското стопанство иако е исклучително битно прашање, многу малку е третирано од страна на елитите ( и власта и опозицијата) иако движењата на оваа економска категорија директно влијаат врз динамиката на стопанскиот развој и на подобрувањето на животниот стандрад на населението. Одговорот на прашањето зошто е тоа така веројатно се крие во фактот што неповолните движења во продуктивноста на трудот (посебно во периодот на деиндустријализација на стопанството и развојот со ниски стапки на раст) длабоко задираат во постојните системски услови за работење, во макроекономската политика  и во однесувањето на субјективниот фактор на сите нивоа. Се создава впечаток  дека продуктивноста  мора да биде таква каква што е, со оглед на економското ниво на развиеност на земјата, иако и помалку информираните знаат дека од растот на продуктивноста на трудот зависи динамиката на економскиот раст и стеснувањето на јазот во степенот на развиеноста со земјите кон кои се стремиме да се приклучиме. Тешко е да се ослободиме од впечатокот како да се нема време за покомплексен пристап за отстранување на причините од споменатиот калибар, кога има толку дневно-политички прашања за решавање од кои зависи изборот или реизборот на политичките елити. Неодамнешната информација според која земјата бележи најниска продуктивност на трудот (ефикасност, мерена според БДП по вработен) во регионот, после Албанија, е сериозен индикатор кој покажува дека  продолжува истенчувањето на и така тенкиот животен стандар на македонскиот граѓанин. Надлежните сеуште официјално не се произнеле иако за многу понебитни прашања тоа го прават со цел да укажат дека  имаат „контрола над ситуацијата”. Сметам дека не е олеснување ако причините за падот на продуктивноста да се бараат во објективни проблеми како што се неповолната стопанска структура, ниската техничко-технолошка опременост на постојните капацитети, недоволното образовно ниво на работниците и менаџерите и тн. Нема сомнение дека тие влијаат врз ефикасноста на работењето на вработените во сите средини, но тие не се еднаш за секогаш дадени услови, туку се подложни на промени во насока на подобрување. Суштината  е значи во тоа зошто во период од две децениски развој нема посакуван напредок во надминувањето на споменатите проблеми, а со тоа и во зголемувањето на продуктивноста. Ова наметнува многу прашања: зошто нема јасна развојна (неизбежно, извозно ориентирана) политика и мерки со кои ќе почне да се менува неповолната стопанска структура; зошто не се инвестира доволно во изградба на нови и  модернизација на постојните капацитети;  да не зборуваме за образовниот систем кој, и покрај експанзијата, со квалитетот не придонесува за промени на состојбите во ефикасноста во работењето (голем јаз меѓу образованието и потребите на работното место). Несоодветно  е ако причините за ниската продуктивност  се бараат пред се во работниците и  во менаџерите , бидејќи работниците наводно не се залагаат доволно за да произведат поголемо производство во работното време, а  менаџерите не им обезбедуваат услови, преку подобра организација и материјална мотивираност, да ги интензивираат напорите во работењето. Јасно е дека и работниците и менаџерите потфрлуваат во нивните функции, но ниту едните ниту другите не се главен извор на проблемот. Недоволното ангажирање на работниците дури и може да биде  директна причина за потфрлање во остварувањето на производните можности, ако не се доволно мотивирани за зголемување на квантитетот и квалитетот на производите. Меѓутоа, нема рационално објаснување зошто би биле незаинтересирани менаџерите да ја зголемуваат ефикасноста во работењето, особено ако се има предвид дека во најголем број фирми менаџерите се или претприемачи на бизнисите или главни акционери на фирмте. Во обата случаи тие имаат директен интерес да создаваат услови за зголемување на ефикасноста во работењето за да го максимираат профитот. Значително поинаков е односот меѓу менаџерите и вработените во јавните претпријатија и  во државната администрација, бидејќи економските мотиви се супституираат со политички (вработување на „наши кадри” независно од потребите, а на сметка на буџетот). А тоа ги еродири резултатите на  ефикасноста остварени во приватниот сектор. Сакале-несакале причината за најниската продуктивност на Македонија во регионот треба да се бара во деформираниот вредносен систем. Бидејќи никој не вложува за да создава загуби, неопходно е да се одржуваат реални ценовни односи и во земјата и спрема странство. Ниту работниците не го вложуваат сиот потенцијал во производството, ако за тоа не бидат соодветно наградени. Значи, во сите работни средини треба да се воспостави врска меѓу продуктивноста  на трудот и платите на вработените. Продуктивноста не може да се зголемува  со плати од кои тешко се преживува. Но, и тие не можат да се зголемуваат доколку сопствениците на капиталот се борат само да го одржуваат бизнисот, а не и да го развиваат. Затоа е неопходно да се забрзаат реформите со кои ќе се создадат услови во кои  само порастот на продуктивноста води кон пораст на стандардот на вработените и благосостојба во општеството. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок