19 Април, 2024
0.0271

Зошто нема структурни реформи?

Објавено во: Колумни 07 Јануари, 2013

Добивај вести на Viber

По одбраната на долгогодишната политика на курсот на денарот со „штетите“ кои би ги предизвикало евентуалното  депресирање на вредноста на националната валута во последно  време исклучително е актуелна тезата според која  курсот е реален, а за намалување на надворешно трговскиот дефицит треба да се извршат структурни промени во стопанството. Пораките кои се праќаат се повеќе од јасни,  нема потреба од било какво менување на досегашната политика, а најмалку пак да се протежира било каква промена на режимот на курсот на денарот. Камо среќа  состојбата да беше таква, а курсот навистина да беше реален и реално да ја мереше вредноста на домашните во однос на странските стоки, што во суштина е и основната функција на курсот на една валута. Меѓутоа ситуацијата е сосема поинаква, односно веќе неколку години состојбите во надворешно-економските односи на земјата се влошуваат, а ни од далеку не се наѕираат структурни промени кои би генерирале намалување на нерамнотежата во економските односи со странство. Она што е позитивно е фактот дека каква-таквата „стабилност“ се одржува врз дознаките од нашите вработени во странство, односно врз „извозот“ на работна сила. Додуша, и тоа е структурна промена, но неповолна, и никој досега не рекол дека таквата промена е нашата перспектива. Затоа истакнувањето на новата теза е само барање алиби за монетарната политика,  доколку истовремено не се предупредува дека веќе се доцни со структурните промени, а состојбите во надворешно економските односи без нив ќе се влошуваат. Но, кој треба да ги изврши структурните промени? Од она што се споменува како структурна слабост на домашната економија (низок степен на извозна диверзификација, висок степен на концентрација на извозот во неколку гранки, висок степен на увозна зависност на извозот) јасно произлегува дека макроекономската политика треба да изгради извозно-ориентирана развојна стратегија со политика на поддршка на извозот. Притоа, не е неважно дали таа ќе се остварува со промена на вредноста на националната валута или/и со мерки и активности кои ги допушта  Светската трговска организација. Веројатно најдобро би било мотивираноста за извоз да се обезбеди со допуштените мерки и активности, меѓутоа, тешко е да се верува дека само со нив може да се обезбеди пресврт во урамнотежувањето на размената. Теоретски тоа е можно, меѓутоа, практички е неизводливо, бидејќи претпоставува огромни прелевања на доход од постојното, мошне осиромашено стопанство. Затоа, комбинацијата на мерките и активностите за поддршка на извозот е најпогодна. А во која пропорција, зависи од пресметките за  нивото на рентаблноста на извозните активности кое обезбедува мотивираност за извоз. Во овој контекст точна е констатацијата дека конкурентноста на домашното стопанство не треба да се зголемува само преку промена на курсот, бидејќи и на тој начин, во случај на девалвација, се врши прераспределба на доходот во земјата на штета на увозно зависните  и на денарските штедачи. Со право се инсистира на подобрување на корпоративното управување во компаниите, на вложување во квалитетен менаџмент и квалификуваност на вработените, на зголемување на продуктивноста на трудот и тн.  Меѓутоа, зарем се‘уште не може да се сфати дека инсистирањето на споменатите активности е бессмислено во пазарни стопанства. Стопанските субјекти, по правило, се  заинтересирани да остваруваат што поголем профит, а тоа е поврзано со зголемување на производството кое, во наши услови, е можно само доколку се освојуваат странските пазари. А доколку се воздржуваат да извезуваат или да градат извозни капацитети проблемот е во мотивираноста. Но, од каде мотивираност кога мерката со која се мери вредноста на нашите стоки во однос на странските не е реална. Со преценета валута производителите имаат поскап производ кој треба да го пласираат надвор. Во таков случај ниту странците се заинтересирани да купуваат кај нас, ниту нашите производители имаат интерес да извезуаат. Среќна околност е што цените на металургиските производи, како значајни извозни производи, се релативно високи (иако не како пред кризата) па економската мотивираност  за извоз не е доведена во прашање. Доколку ситуацијата се помени, и  нивниот однос кон  извозот може да се промени, ако се исцрпени „внатрешните резерви“ за зголемување на економичноста во работењето. Во оваа светлина на состојбите, структурните промени во насока на динамизирање на извозот се прашање на мотивираноста за освојување на странските пазари. Не може да се очекуваат промени ако со извозот се остваруваат загуби. Нема резон од стопанските субјекти да се очекува да извезуваат во такви услови. Ниту инсистирањето на патриотизам нема да даде резултати. Треба да се создаде клима за извоз која ќе поттикне извозно преструктурирање во стопанството. Без таков пресврт чисто самозалажување е тврдењето дека курсот е реален. По дефиниција, на реалниот курс (кој генерира рамнотежа во односите со странство) не му треба одбрана. Него не го загрозуваат коментари во јавноста. Тој е израз на урамнотежените односи во домашната економија. А кога не е реален, мора да се брани со мерки кои неповолно влијаат врз деловната клима за динамизирање  на стопанскиот раст (релативно високи камати, кои ги дестимулираат инвестиционите активности, или, пак со нагласена рестриктивна монетарна политика, со која се редуцираат стопанските активности). Во овој контекст  крајно време е да се преиспита и монетарната политика. Иако централната банка е независна институција таа не може да дејствува против целите на макроекономската политика, меѓу кои од суштествено значење е и одржувањето на урамнотежени односи со странство. Јасно е дека оваа цел не треба да се очекува таа да ја остварува самата. Ниту, пак, може без да предизвика големи шокови во стопанството. Меѓутоа, не треба да создава илузии дека со монетарната политика  е се‘ во ред, особено дека курсот е реален и покрај неколку годишното влошување на економските односи со странство. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок