18 Декември, 2017
0.3758
    ALK 7304.71    0%     CEVI 1144    0%     GRNT 762.38    0.86%     KJUBI 1400    0%     KMB 2700    0.01%     OHB 4767.86    -0.67%     RMDEN15 95.1    0.11%     RZUS 107.89    1.78%     STB 910    -1.09%     STIL 127    -2.31%     TNB 13100    0%     TPLF 1500    -1.69%     UNI 1870    -1.03%     ZILU 151    -2.58%

Ѕвечка оружје на северот од Европа

Објавено во: Колумни 15 Септември, 2017

Најголеми воени маневри се случуваат деновиве на северот од Европа. Пред четири дена, во понеделникот во Шведска, по 23 години, започна воена вежба „Аурора-2017“. Во неа учествуваат над 20 илјади војници од Шведска и САД инекои други земји членки на НАТО. Вчера во Белорусија започна големата воена вежба „Запад-2017“, со учество на нешто помалку од 13.000 војници од Русија и Белорусија. Во Украина веќе два дена се одвива вежбата „Неуништлива стабилност, на делот кон Белорусија, а од понеделникот во Лвовската област и заедничката вежба на украински, американски и воени сили од десетина други држави наречена „Rapid Trident-2017“. Згора на тоа пред некој месец во балтичките земји и во Полска беа распоредени четири американски бригади и други војници од НАТО. Во Латвија во тек е вежба на високи офицери на НАТО, која се одржува веќе неколку години.

Случајност ли е ваквото совпаѓање на масовно присуство на војници и воена опрема и по време и по место? Никако. Откако Русија и Белорусија најавија дека ќе одржат маневри на територијата на Белорусија, работите добија забрзан тек. На НАТО самитот во Полска членките беа единствени дека постои опасност за балтичките држави од Русија. Опасност особена нагласена по воените активности на Русија околу Крим и поддршката на проруските сили во Доњецката област во 2014 година. Па започна кампања за поддршка на тие држави. НАТО го искористи моментот и за прв пат испрати свои сили во држави кои се граничат со Русија, како и во Полска. Потег полн со провокација. Исто како и најавената руско-белоруска воена вежба.

Сето ова доведе до бурни реакции, особена на Запад. Како да се вкоренил страв кај некои држави од Русија. Особено на фонот на големата антируска хистерија на  Западот. Посебно ова се однесува за Полјаците, но не помалку и за балтичките земји и за Украина. Сите тие, освен Украина, се членки на НАТО, но постојано повикуваат на будност од можното руско воено активирање на нивните територии.

Некои политичари од НАТО потврдата за ваквите повици ја бараат во блиското минато. Во 2014 година во Русија имаше маневри пред зафаќањето на Крим од страна на „зелените човечиња“. Историјата со Грузија е поинаква, но е поучна. Во јули 2008 година имаше руски маневри „Кавказ-2008“. По нивното завршување војските не беа вратени во местата на нивно постојано лоцирање, туку останаа во близина на границата со Грузија. Грузинскиот претседател, тогаш, Михаил Саакашвили, наседна на провокацијата и се обиде по воен пат да стави ред во Јужна Осетија. Русија го искористи тоа и за малку можеше да влезе и во Тбилиси, ако не ја спречеше, според мене, вмешувањето во работите на тогашниот француски претседател Никола Саркози.

Од каде толку страв кај некогашните советски републики и Полска? Последнава отсекогаш во историјата била ривал со Русија. Се воделе дури и војни. Русија со Германија ја поделија меѓу себе пред да понат да војуваат едни со други во Втората светска војна, но Русите учествуваа и во ослободувањето на Полска и во враќањето на некои полски земји кои беа под владеење на Германија. За време на комунизмот меѓу двете земји имаше комунистичка солидарност, но повеќе кај елитите отколку кај народите. Комплексот од Русите стекнат во историското минато, кај голем дел полски граѓани останува, а со него и стравот. Оттука и демонизацијата на Русија во секој момент и во секој поглед од страна на полската политичка елита. Особено од онаа од десна провиниенција.

Балтичките држави и Украина имаат други проблеми. Во Естонија и во Латвија има голем процент рускојазично население, над 30 проценти, а патем, и голем број од нив до ден денес не се признаени за државјани на тие земји. Ако Русија им помогна на Русите во Украина, тогаш неминовно се поставува прашањето, а дали нема да им помогне и на оние во Балтикот. Иако тие земји се членки на НАТО. Дали НАТО би влегло во војна со Русија заради овие држави? Украина, пак, се плаши од Русите да не остават свои трупи во Белорусија, близу до северната граница на Украина. Но веројатно Порошенко, во таков случај, нема да го копира Саакашвили. 

Официјално НАТО алијансата нема ништо против сегашните воени игри на Русија и Белорусија. „Секоја земја има право да организира вежби на своите вооружени сили, па и Русија. Но проблемот е во тоа што Москва, тоа го прави во непроѕирен манир“, вели генралниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и ја повикува Русија на тотална проѕирност. Но аргументите за ова се на руско-белоруска страна.

Според меѓународни документи, за да мора да се поканат претставници на други држави да ги следат маневрите потребно е бројката на учесниците во нив да биде најмалку 13.000. А Русите и Белорусите најавија 12.750, од кои 5.500 се припадници на руските воени сили. Претставниците од странство се поканети на завршувањето на вежбата. Недовербата на едни кон други води кон лицитирање на бројот на учесниците во вежбата „Запад-2017“. Па така германската министерка за одбрана Урсула вон дер Лајен излезе со бројка од 100 илјади припадници на вооружените сили, други споменуваат 70, па 120, па 140, и така се до 240 илјади! Во стравот се големи очите, но очигледно и бројките.

Според тврдења на западни воени извори вежбата „Запад-2017“ е само прикритие на огромна мобилизација на руската модернизирана воена машина. Таа вежба во себе ќе вклучува маневри со учество на десантни единици, тенковски единици, железничка војска, воено-воздушни и воено-морски сили, стратешки војски, служби за безбедност и делови кои што се наоѓаат во Калининград, каде што е расположена и Балтиската флота.

Вака искажано, може да се посомнева во тврдењата на Русите дека во вежбата ќе учествуваат помалку од 13.000 лица. Инаку сценариото за вежбата е дека се случува бунт на сепаратисти во приграничнииот регион на Белорусија поддржан од три измислени земји – Веишнорија, Лубенија и Весбасрија, во кои НАТО ги препознаа Полска, Латвија и Литванија. НАТО се сомнева дека со вежбата се испробуваат операција за блокирање на трите балтички земји, Латвија, Литванија и Естонија и паралелно блокирање на пристапот на НАТО силите кои по таквата акција би им дошле на помош на своите членки.

Но има експерти кои тврдат дека вежбата „Запад-2017“ уште непочната стана успех за Владимир Путин. Доцентот по прашања за стратегија и безбедносна политика при Националниот универзитет за одбрана на Финска, Јури Рајтсало вели: „Веројатно Путин се обидува да каже нешто со тие воени вежби. И тој ќе успее во тоа подобро, ако ние за себе создадеме застрашувачки лик. Ние малку хистерично се однесуваме кон тоа“. Тој додава:„И ако не се случи ништо, тогаш и таквата ситуација ќе биде многу успешна за

Русија. Се создал заканувачки лик, а Русите имале само вежби“. Според него се крева многу врева, а непотребно. Она што треба се урамнотежени анализи и размисла за можни мерки кои би се презеле. Ако „Запад-2017“ е застрашувачка вежба, тогаш што треба да се направи за да не се плашиш од неа, вели Рајтсало. Тој истовремено нагласува дека во многу членки на НАТО „Запад-2017“ се користи да се протуркаат сопствените интереси. Особено во земјите од Источна Европа да има повеќе системи на воружување.

Наредната недела, до 20 септември амбасадорите на земјите-членки на НАТО ќе се сретнат повеќе пати за да добиваат свежи инфомации околу руско-белоруската вежба. Ќе се следи се што се случува на вежбата. Сигурно и од копно и од море и од воздух. Од она што го видоа околу подготовките за вежбата, заклучокот е дека нема ништо необично, но дека мора да се биде буден.

И додека набљудувачите од НАТО ќе останат будни до 20 септември, не е на одмет да се каже дека ваквите вежби, колку и да имаат воена, толку повеќе имаат и политича компонента. Во Латвија веќе се преземаат потези со кои им се олеснува животот на рускојазичните жители. Сега за децата на оние кои не добиле латвиско државјанство, донесена е одлука тоа по автоматизам да им се дава. И во Естонија се преземаат некои мерки. Можеби „Запад-2017“ придонесува кон ваквите потези. Тое е совремието.

Оружјето ја поттикнува политиката. А оружјето што ѕвечка на северот од Европа?

Најверојатно ќе се стиши, иако не се знае со сигурност дали нема да грмне во некој чин од воената игра.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кој ќе ги затопли американско-руските односи, Северна Кореја или Сирија?

Кој ќе ги затопли американско-руските односи, Северна Кореја или Сирија?

ВМРО-ДПМНЕ влезе во опозициски „филм“ дека се бори со режим

ВМРО-ДПМНЕ влезе во опозициски „филм“ дека се бори со режим

Огласите за работни места треба да се рамноправни, а не награда за партиска лојалност

Огласите за работни места треба да се рамноправни, а не награда за партиска лојалност

Гноиво од кое расте сето зло

Гноиво од кое расте сето зло

МОЌТА НА РАМНОСТРАНИОТ ТРИАГОЛНИК

МОЌТА НА РАМНОСТРАНИОТ ТРИАГОЛНИК

Пи-ар експертите не се пропагaндисти и манипулатори

Пи-ар експертите не се пропагaндисти и манипулатори

Партијата не е државата

Партијата не е државата

Путин,Путин...уште шест години!

Путин,Путин...уште шест години!