27 Септември, 2021
0.0206

Притвор или слобода за врвот на ВМРО-ДПМНЕ: Каква судбина има македонскиот Титаник?

Објавено во: Македонија 22 Јули, 2017

Главната петорка од врвот на ВМРО-ДПМНЕ и обвинителите од СЈО ги вкрстија аргументите во Апелациониот суд. Специјалното јавно обвинителство бара притвор за обвинетите од случајот “Титаник“ – Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски и Мартин Протоѓер. Тие пак тврдат дека се невини и едвај чекаат да почне судењето за да ја докажат својата правдина.

„Не сум виновен. Ова е политичка хајка“. Тоа се истите зборови кои ги обвинуваат главните обвинети од раководството на ВМРО-ДПМНЕ кои ги отвори тимот на Катица Јанева.

Груевски најави победа на избори и триумф во судот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не се памети кога подранил на некој настан и тоа 20 минути. Новинарите, дипломатите, функционерите, сите го чекаа во изминативе 11 години и додека беше премиер и како претседател на партијата, а поради него доцнеше дури и концертот на свеченото отворање на новиот објект на Македонската опера и балет.

Но, кога треба да бара пасошот да му се врати, тогаш Груевски е пред тајмингот. Претседателот на најбогата партија во Европа, тврди дека нема намера нигде да бега зошто народот е на негова страна и тој повторно ќе се врати на власт.

„Денеска продолжи политичкиот театар и политичкиот прогон од страна на СЈО и јас тука се појавив за да одговорам на сите нивни лаги и невистини и да порачам дека јас планирам на следните избори да победам, како политичка партија и како водач на политичка партија, и ВМРО-ДПМНЕ повторно да се врати на власт, а не да бегам од земјата,“ вели Груевски.

Специјалното јавно обвинителство го обвинува поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во пет случаи. Тој е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на финансирање на изборна кампања и повреда на избирачко право.

Тој се гони и во случајот Т.Н.Т, за уривањето на објектот Космос на бизнисменот Фијат Цаноски, дека ја злоупотребил службена должност и овластувања. СЈО води постапка против екс премиерот и за насилствата во општина Центар. За овој случај тој веќе седна на обвинителна клупа, а следно рочиште е закажано за во септември. А, неговото име се споменува и во предметите „Тенк“за набавката на мерцедесот во вредност од речиси 600 илјади евра и во „Траекторија“, за спорна постапка за избор на компанија за изградба на автопатите Кичево-Охрид и за Миладиновци-Штип.

Каде е тефтерчето на Гордана Јанкулоска?

Во бомбите ја слушнавме како распоредува судии во судовите и одлучува кој каде ќе биде распореден, а сега како обвинета не го споменува фамозното тефтерче. Јанкулоска сега вели дека верува во независноста на судството.

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, сака час поскоро да докаже дека е невина во судот. Таа пред судиите во Апелација вети дека не планира да бега и дека тоа е последно што и паѓа на памет.

„Јас во мојот случај не сум дала ниту повод, ниту причина воопшто да биде предложена каква било мерка за мене, а не па да се изрече таква мерка. Сепак, јас верувам во објективноста на судот и верувам дека судиите ќе работат согласно законот, согласно аргументите и согласно фактите, а нема да се солидализираат со исполнување на некаква политичка агенда“, изјави Јанкуловска.

Јанкулоска рече дека нема направено ниту едно од кривичните дела кои и се ставаат на товар и дека во нејзин интерес е сето ова што побргу да заврши. Таа додаде и дека целата своја кариера работела за доброто на државата.

Гордана Јанкулоска освен за Тврдина, каде СЈО бара притвор, е обвинета и во случајот Тенк.

Миле ми текна“, ама не дека ќе биде обвинет

Миле ми текна“ е една од речениците која излезе од „бомбите“, а сега меѓу граѓаните се употребува кога некој има некаква идеја. Груевски постојано на Јанакиески му се јавуваше со некакви предлози, наредби, за кои денеска екс министерот за транспорт и врски е обвинет во случаите на СЈО.

СЈО бара притвор за Миле Јанакиески за случајот Титаник, а тој е обвинет и во Т.Н.Т за уривањето на Космос, во случајот Топлик - за изградбата на Сончев Град, како и во Траекторија. Поранешниот министер е обвинет и за „шамарите“ за Жерновски.

Тој пред Кривичниот совет на Апелацискиот суд ги негираше тврдењата на СЈО дека ја опструира постапката што се води против него. Вети дека редовно ќе доаѓа во судот и рече дека не му паѓа на памет да бега и дека нема да влијае на сведоци.

Мартин Протоѓер боледува, СЈО бара притвор

Мартин Протоѓер, според разговорите од прислушуваните разговори, е човекот кој после Груевски има најголем авторитет во партијата. Го слушнавме како се заканува, наредува, собира „бараби“ за избори, па дури рече „А, војна да направиме“.

Верната сенка на Груевски, неговиот шеф на кабинет, одамна не се појавил во јавноста. Ни како придружба на лидерот, ни на партиските настани или комитски вечери.

Тој по разрешувањето на Груевски од премиерската функција се повлече од владата, а во моментов е вработен во ВМРО-ДПМНЕ. Но, според приложената документација во судот Протоѓер има здравствени проблеми и е на болничко лекување. СЈО и за него бара притвор.

Кирил Божиновски вети соработка со судот

„Високата“ петорка е комплетна со Кирил Божиновски, долгогодишниот Генерален секретар на Владата, кој исто така е обвинет во Титаник.

Обвинителот на СЈО, Бурим Рустеми, пред судот рече дека Божиновски не соработува во постапката и дека станува збор за лице кое е во врвот на ВМРО-ДПМНЕ и има моќ врз членството, поради што единствено со притвор може да се спречи да влијае на сведоците и на постапката.

– Не сум влијаел врз сведоци и не извршувам државна функција. Редовно се јавувам во СЈО, на сите покани. Имам семејство и со нетрпение ја чекам судската постапка за да докажам дека сум невин – рече Божиновски, кој вети дека редовно ќе се јавува на поканите на судот.

Во следните 48 часа судот треба да одлучи дали на обвинетите ќе им бидат вратени патните исправи, дали ќе им биде одредена мерка притвор или пак ќе остане на првичните одлуки на Кривичниот суд.

Ј.М.

Можеби ќе ве интересира

(ВИДЕО) Мицоски кажува виц за Заев во Охрид

(ВИДЕО) Мицоски кажува виц за Заев во Охрид

На анкета граѓаните одговорија што мислат за Преспанскиот и Договорот со Бугарија

На анкета граѓаните одговорија што мислат за Преспанскиот и Договорот со Бугарија

Шилегов: Скопје за 4 години драстично го намали загадувањето

Шилегов: Скопје за 4 години драстично го намали загадувањето

Ристова-Астеруд била приведена на аеродром, таа објасни што точно се случило

Ристова-Астеруд била приведена на аеродром, таа објасни што точно се случило

Арсовска: Јас не се кандидирам за политичар, јас се кандидирам за менаџер на градот

Арсовска: Јас не се кандидирам за политичар, јас се кандидирам за менаџер на градот

И ветиле укинување на пресудата за нејзиниот син со што изнудиле 2.300 евра

И ветиле укинување на пресудата за нејзиниот син со што изнудиле 2.300 евра

Иванов: Oва е најопасно време за Македонија по Втората светска војна

Иванов: Oва е најопасно време за Македонија по Втората светска војна

Има 112 заразени и 13 починати од коронавирусот

Има 112 заразени и 13 починати од коронавирусот

Скопјанки се уапсени на Прешево поради лажирање на вакцинација во Врање

Скопјанки се уапсени на Прешево поради лажирање на вакцинација во Врање