21 Октомври, 2021
0.1271

15 години работа на вториот столб: Обезбедуваме услови за зајакнување на индивидуалните заштеди на членовите на пензиските фондови

Објавено во: Финансии 11 Октомври, 2021

МАПАС ќе продолжи да иницира пошироки инвестициски можности што ќе придонесат кон унапредување на портфолијата на пензиските фондови, а во насока на ублажување на инвестицискиот ризик на членовите во годините блиску до пензионирање, вели во интервју за Фактор Максуд Али, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС). На почетокот на годинава се навршија 15 години од работењето на задолжителните пензиски фондови во РСМ. 

Како го оценувате функционирањето на капитално финансираното пензиско осигурување  до сега?

Максуд Али: Во 2006 година со почетокот на уплата на придонеси во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, започна работењето на задолжителните пензиски фондови. Задолжителните пензиски фондови, функционираат врз база на капитализација на средства и го претставуваат вториот пензиски столб, што беше воведен како дополнување на првиот пензиски столб - Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, што функционира врз база на тековно финансирање и генерациска солидарност. Со тоа всушност започна да функционира повеќестолбниот пензиски систем што се воведе со реформата, со цел да седиверзифицираат економските и демографските ризици кои влијаеа на долгорочна несолвентност на така поставениот пензиски систем.

Потоа во втората половина на 2009 година, пензиските друштва започнаа со активности на маркетинг, зачленување и прибирање на доброволни придонеси во доброволните пензиски фондови во рамките на третиот столб. Доброволните пензиски фондови функционираат нa ист начин како и задолжителните врз база на капитализација на средства, но на доброволна основа на уплаќање на придонеси од страна на членовите. Со тоа се заокружи почетокот на работењето на еден комплексен систем на капитално финансирано пензиско осигурување што се базира на законската и подзаконската регулатива за задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување.

Од април 2019 година, покрај КБ Прво пензиско друштво АД Скопје и Сава пензиско друштво а.д. Скопје во вториот и третиот столб се вклучи и трето пензиско друштво ТРИГЛАВ ПЕНЗИСКО ДРУШТВО АД Скопје. Сега системот ни брои вкупно три пензиски друштва што управуваат со по еден задолжителен и по еден доброволен пензиски фонд.

Од почетокот, вкупните средства на пензиски фондови бележат континуиран раст и во 2020 година задолжителните пензиски фондови достигнаа 87,3 милијарди денари, односно вкупните средства на доброволните пензиски фондови достигнаа 2,3 милијарди денари. Со тоа, вкупните средства на пензиските фондови во вториот и третиот столб достигнаа скоро 13,5% од бруто - домашниот производ за 2020-тата година.

Во 2020 година се зголеми и опфатот на населението во вториот столб, односно 93% од вкупниот број на осигуреници во Фондот на ПИОСМ или 56 отсто од вкупното активно население се членови на вториот столб. Иако бележеше раст, сепак учеството на населението во третиот столб е сè уште скромно, односно само околу 2,7 проценти од вкупното активно население во државата се членови со доброволна индивидуална сметка и се учесници во пензиска шема со професионална сметка во доброволен пензиски фонд.

Кои се ризиците и предизвиците што ги носи членувањето во задолжителните и доброволните  пензиски фондови?

Максуд Али: Кога зборуваме од аспект на поединецот, пензискиот систем треба да обезбеди поголема сигурност, бидејќи финансирањето на пензијата на идните пензионери ќе се врши од два, односно од три извора. На овој начин се постигнува диверзификација на ризиците, што секој систем ги носи сам по себе. Односно, демографскиот фактор влијае врз сите тековно финансирани фондови, а нема влијание врз капитално финансираните пензиски фондови. Од друга страна, економските и пазарните законитости имаат силно влијание врз капитално финансираните фондови. Токму затоа, пензискиот систем на трите столба обезбедува амортизирање на ризиците, со што се постигнува повисок степен на сигурност. Со воведувањето индивидуални сметки на коишто се акумулираат средствата, а потоа се инвестираат, всушност, се овозможува обезбедување поголеми приходи за уплаќачите во третата животна доба.

Имено, капитално финансираното пензиско осигурување радикално се разликува од тековното финансирано пензиско осигурување и во поглед на третманот и евиденцијата на уплатените придонеси и во поглед на утврдувањето и исплатата на пензијата. Задолжителните и доброволните пензиски фондови мобилизираат средства, преку уплатените придонеси на индивидуaлни сметки на членовите на пензиските фондови, а потоа ги инвестираат на пазарот на капитал. Остварениот принос од инвестициите, намален за трошоците на работењето на системот, се додава на средствата акумулирани на индивидуалните сметки, а  идната пензија на сегашните членови ќе зависи од акумулираните средства на индивидуалната сметка и од очекуваното траење на животот при пензионирање. Затоа, за членовите е важно да научат дека настана реалокација на ризиците и одговорностите помеѓу организаторите на пензиските планови и осигурениците и сега тие индивидуално се носители на инвестицискиот ризик, а понатаму како пензионирани членови кои ќе изберат програмирани повлекувања ќе бидат носители и на ризикот од долговечност.

Но, повторно ќе истакнеме дека пензиското штедење е долгорочна инвестиција, а МАПАС придонесува кон континуирано јакнење на индивидуалните заштеди прекуобезбедување на управување со ризиците кои им се закануваат на средствата и на пензиите и на пензиските надоместоци на членовите на пензиските фондови, како и на угледот на системот, и сведување на истите на најниско можно ниво, што всушност е првата стратегиска цел на МАПАС.

Пензиските друштва, како специјализирани финансиски институции, имаат клучна улога во управувањето со оваа долгорочна инвестиција, со цел одржување на рамнотежа помеѓу ризикот и приносот, преку стратегиски пристап кон долгорочни приноси и унапредено управување  со соодветните ризици. Притоа, неопходно е пензиските друштва да обезбедат диверзификација помеѓу различни видови инвестиции, а во рамките на максималните квалитативни и квантификативни инвестициски ограничувања, и истовремено изборот на инструментите да го засноваат врз финансиска анализа со цел да се минимизира ризикот од загуби.

Понатаму, МАПАС ќе продолжи да иницира пошироки инвестициски можности што ќе придонесат кон унапредување напортфолијата на пензиските фондови, а во насока на ублажување на инвестицискиот ризик на членовите во годините блиску до пензионирање, МАПАС ќе продолжи со своите иницијативи, регулативата да овозможи стратегиско инвестирање на средствата на пензиските фондови врз основа на возраста на членовите на пензиските фондови.

Која е улогата на МАПАС како супервизор и регулатор?

Максуд Али: МАПАС основана во јули 2002 година, е регулаторна и супервизорска институција, чија што мисија е да се грижи за интересите на членовите и на пензионираните членови на пензиските фондови, како и да го поттикнува развојот на капитално финансираното пензиско осигурување. Има својство на правно лице со јавни овластувања, утврдени со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и со Статут.

МАПАС супервизијата ја спроведува согласно Законот, подзаконските акти кои произлегуваат од истиот како и согласно Законот за општа управна постапка. Во рамките на своите надлежности, МАПАС врши супервизија преку редовна теренска, континуирана вонтеренска и вонредна контрола на пензиските друштва, задолжителните и на доброволните пензиски фондови, како и на чуварите на имот. Од 2013 година, МАПАС спроведува супервизија базирана на ризици. Овој начин на супервизија подразбира структурен пристап во идентификувањето и оценка на ризиците од работењето на пензиските друштва и фондови и насочување на ресурсите на супервизијата кон оние ризици за кои постои најголема веројатност дека ќе влијаат на идните пензии на членовите и на одржливоста на системот.

МАПАС може да преземе и соодветни мерки врз субјектите под супервизија, што зависат од два главни аспекти на ризикот: неговата потенцијална штета и веројатноста да се случи тој ризик. При тоа, МАПАС предвидува три групи на јасно дефинирани мерки. Првата група мерки предвидува однесување кое би придонело кон прифаќање на добри деловни практики со цел да се намали влијанието на одредени ризици, потоа втората група мерки предвидува однесување кое бара отстранување на незаконитости и третата група предвидува неприфатливо однесување од супервизираниот ентитет што би предизивикало преземање на повисока мерка. Сите овие мерки се со цел законско работење на супервизираните ентитети, за заштита на членовите на пензиските фондови како и развој на пазарот на капитал. На овој начин, преку преземањето на градациски мерки од страна на МАПАС се овозможува супервизираниот ентитет да го усогласи неговото работење со одредбите од законот.

Потоа, во рамките на своите надлежности како регулатор, МАПАС донесува подзаконски акти во согласност со законите од областа на капитално финансираното пензиско осигурување, како и стручни упатства, инструкции и слично, и иницира носење закони и други акти во врска со работењето на пензиските друштва и пензиските фондови. МАПАС ги уредува и зајакнува принципите на добро корпоративно управување, внатрешната ревизија и воведувањето на фидуцијарната должност за да се подигне нивото на управувањето со пензиските друштва и пензиските фондови во насока на заштита на интересите на членовите на пензиските фондови. Регулативата предвидува воспоствување на фидуцијарна должност за членовите на пензиските фондови од страна на менаџментот на пензиските друштва преку засилување на доброто корпоративно управување. Фидуцијарната должност предвидува преземената обврска на едно лице кому некој друг му ја доверува својата верба и доверба да управува и да го штити неговиот имот или пари. Тоа значи дека кога ги преземаат обврските во име на секој пензиски фонд со кој раководат, одговорното лице на секое пензиско друштво има фидуцијарна должност да делува единствено во насока на најдобрите интереси на членовите на тој пензиски фонд.

На кој начин МАПАС ја спроведува едукацијата на јавностаза капитално финансираното пензиско осигурување во РСМ? Како МАПАС придонесува за промоција на правата на членовите на задолжителните и доброволните пензиски фондови и за други прашања во врска со капитално финансираното пензиско осигурување?

Максуд Али: Во рамките на своите надлежности за развивање на свеста на јавноста за целите и принципите на капитално финансираното пензиско осигурување и правата на членовите на пензиските фондови, МАПАС во контиуитет презема активности кои вклучуваат, едукација на јавноста со цел зголемување на свесноста и информираноста на осигурениците за системот, притоа посветувајќи поголемо внимание кај младата популација.

Во насока на едукација на населението, МАПАС во континуитет спроведеува информативни - едукативни кампањи. Информативно – едукативната кампања во 2021 година се организираше преку Интернет, како начин за комуникација со целните груписо нови креативни решенија, а со цел да се продолжи со придонесување кон зголемување на свеста кај јавноста за придобивките од воведувањето на тростолбен пензиски систем. Во информативните кампањи, се прави паралела меѓу младоста наспроти староста, односно сакаме да и предочиме на јавноста, дека додека сме млади, не размислуваме за староста, за деновите, годините, за времето кое поминува. Со овој концепт сакаме да илустрираме, дека иако секогаш мислиме дека сме млади, времето поминува побрзо отколку што ни се чини, и никогаш не е премногу рано да размислуваме за пензија. За потребите на информативната кампањата беа користени разни канали за дистрибуција: YouTube, Facebook (+Instagram реклами), LinkedIn, Google Ads реклами, како и Instagram профилите на инфлуенсерите. За двата дела од кампањата се подготвија три видеа кои се дистрибуираа на сите комуникациски канали и кои упатуваат на истата порака: “Во животот е многу важно да го погодиш вистинскиот момент!”. Подетални информации може да се најдат на нашата интеренет страница: https://mapas.mk/edukacija/edukativni-i-informativni-videa/.

Во континуитет од 2016 година, МАПАС го одбележува “Денот за пензиска свесност - 15 септември”, како дел од активностите насочени кон остварување на мисијата на МАПАС. Оваа година Денот за пензиска свеснот - 15ти септември, го одбележавме поразлично од претходните, односно го одбележавме со активност, во облик на квиз: “Koј сака да биде ПЕНЗИОНЕР?”, во која се бараше интерактивност од јавноста. Овој квиз се одвиваше во живо на Facebook страницата на МАПАС, во треаење од 3 недели. Секој, кој се чувствуваше подготвен на предизвикот да одговори на прашања поврзани за капитално финансирано пензиско осигурување, можеше да учествува во квизот и притоа да се стекне со една од предвидените 3 награди.

МАПАС како и претходната година, спроведе активности за CSR –Корпоративна општествена одговорност. Оваа активност се поврза со пораката “Направи ремек- дело за добро дело!”. Оваа активност, бараше интерактивност на заинтересирани деца (6 – 11 год.) што сакаат да учествуваат, и беше потребно само да ја испратат својата детската креација. Сите собрани цртежи потоа се делеа на стари лица во пензионерски дом. Најдобрите 3 дела беа наградени со школски прибор.

МАПАС редовно изготвува електронски информатор Е-МАПАС, кој се објавува на нашата интернет страница https://mapas.mk/edukacija/ и се доставува на сите заинтересирани лица по електронска пошта. Е-МАПАС на многу едноставен и сликовит начин на читателите им ги приближува релевантните теми од капитално финансираното пензиско осигурување.

МАПАС, како дел од Координативно тело за финансиска едукација и финансиска инклузија, кое се состои од финансиските регулаторни тела, меѓу кои се Народната банка, Министерството за финансии, Агенција за супервизија на осигурување, Комисијата за хартии од вредност, спроведува активности насочени кон финансиска едукација и подигнување на свеста на јавноста. Вакви активности, во кои Агенцијата зема активно учество се: Глобалната недела на парите и Финансиска едукација на населението што се спроведоа и оваа година. Од страна на Кординативното тело на финансиските регулатори, вклучително и МАПАС, се изработи и потпиша „Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија 2021-2025 година“. Согласно оваа стратегија, произлегуваат многубројни активности, како: организирање состаноци, работилници, семинари и други видови едукативни и информативни настани со цел подигнување на финансиската писменост на населението во Република Северна Македонија.

Уште една, од серијата активности кои ги презема МАПАС во насока на исполнување на својата мисија, е креирањето на новата интернет страница, www.mapas.mk. Сите заинтересирани страни и надворешни корисници, кои сакаат да се информираат подетално за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување и за работата на МАПАС, имаат можност тоа да го сторат преку јасно организираните целини на нашата интернет страница и преку пристап до документите во дигитална форма. Во оваа прилика, би ја истакнал и новата дигитлна алатка на самата интернет страна за брза проверка на секој корисник во кој задолжителен пензиски фонд е член. Оваа алатка, освен што на корисникот му дава информација во кој пензиски фонд е член, истовремено го известува и за начинот на кој може да ја следи својата индивидуална сметка.

Како ја оценувате свеста на јавноста за пензиските фондови?

 Максуд Али: МАПАС во рамките на своите предвидени активности кон стратегиската цел – Унапредување и одржување на стабилно и транспарентно капитално финансирано пензиско осигурување што ја има поддршката на членството и јавноста, во текот на месец мај 2021 година, спроведе истражување за информираноста на членовите во задолжителните пензиски фондови преку телефонска анкета.

Вкупната оцена на информираноста и познавањето членовите на задолжителните пензиски фондови изнесува 3,59 (на скала од 1 до 5) што значи позитивно придвижување на нивото на генерално познавање на членовите на задолжителните пензиски фондови во однос на нивото од спроведеното истражување во 2018 година. Генералното познавањето на членовите на задолжителните пензиски фондови беше оценето преку оцена на нивната лична информираност и запознаеноста со вториот столб, оцена на нивната лична информираност и запознаеноста со улогата на пензиските друштва и пензиските фондови и на задоволството од работата/услугите на пензиските друштва, оцена на познавањето на правата и обврските од членувањето во задолжителните пензиски фондови и оцена на разбирањето на податоците од извештаите за пензиска заштеда.

Осигурениците кои се членови на задолжителните пензиски фондови имаат лична улога преку носење на одлуки односно имаат право и слобода на избор, во сите фази на пензиското штедење – зачленување, акумулирање и исплата, што особено ја потенцира важноста лицата да носат едуцирани одлуки. Потоа, новото окружување диктира и забрзан развој на технологијата која брзо го трансформира начинот на којшто функционира финансискиот сектор, вклучувајќи го и пензискиот сектор што ќе овозможи поедноставен пристап до капитално финасираното пензиско осигурување од една страна, но и зголемена потреба за едукација од друга страна.

Затоа, МАПАС, во рамките на своите надлежности за развивање на свеста на јавноста за целите и принципите на капитално финансираното пензиско осигурување и правата на членовите на пензиските фондови, ќе продолжи да спроведува активности за информирање и едукација на членовите и јавноста.


Можеби ќе ве интересира

ИНФЛАЦИЈАТА СЕ ОЧЕКУВА ДА „СПЛАСНЕ“ ДУРИ ИДНАТА ГОДИНА - средба на гувернерката Бежовска со шефицата од ММФ

ИНФЛАЦИЈАТА СЕ ОЧЕКУВА ДА „СПЛАСНЕ“ ДУРИ ИДНАТА ГОДИНА - средба на гувернерката Бежовска со шефицата од ММФ

ИНТЕРВЈУ ДАМЈАНОВИЌ: Во вкупниот број трансакции учествуваат околу 5.000 правни и физички лица, од нив 550 се редовни инвеститори

ИНТЕРВЈУ ДАМЈАНОВИЌ: Во вкупниот број трансакции учествуваат околу 5.000 правни и физички лица, од нив 550 се редовни инвеститори

ГУВЕРНЕРКАТА БЕЖОСКА: Ќе има ревидирање нагоре на стапката на инфлација, но тој раст нема да биде драматичен

ГУВЕРНЕРКАТА БЕЖОСКА: Ќе има ревидирање нагоре на стапката на инфлација, но тој раст нема да биде драматичен

Обезбедете низа поволности со картичката за лојалност на Кроациа Осигурување-Живот

Обезбедете низа поволности со картичката за лојалност на Кроациа Осигурување-Живот

КАКО ДА СЕ СПРЕЧИ ФИНАНСИСКА КРИЗА И ДА СЕ ЗАЧУВА СТАБИЛНОСТА - власта крои закон за навреме да се „скенираат“ ризиците

КАКО ДА СЕ СПРЕЧИ ФИНАНСИСКА КРИЗА И ДА СЕ ЗАЧУВА СТАБИЛНОСТА - власта крои закон за навреме да се „скенираат“ ризиците

ИНТЕРВЈУ ЃУРЃОВСКА, ПРОКРЕДИТ БАНКА: Штедењето треба да е што поавтоматизирано

ИНТЕРВЈУ ЃУРЃОВСКА, ПРОКРЕДИТ БАНКА: Штедењето треба да е што поавтоматизирано