2,4 милијарди евра за Западен Балкан до 2020-та
Објавено во: Балкан 17 Мај, 2018
За да им даде дополнителен елан на земјите од регионот, Европската комисија во Софија претстави шест нови иницијативи вредни повеќе стотици милиони евра. Сите земји ќе добијат поттик во сегментот на зајакнување на владеењето на правото, вклучувајќи тука и поголема контрола на спроведувањето на реформите. Втората иницијатива има за цел да го зголеми ангажманот во делот на безбедноста и миграциите, така што, меѓу останатото, Европол ќе испраќа офицери за врска во регионот.
Вработувањето и социјалните реформи ќе бидат дополнително финансирани од буџетот на Комисијата и тоа во делот на поддршка на стартап фирми, поголема достапност до средства за истражувања и иновации, како и развој на Регионална економска зона.
Иницијативите за дигитална агенда и поголема поврзаност во регионот ќе бидат финансирани со повеќе од 200 милиони евра. Во првиот сегмент е планирано намалување на трошоците за роаминг, подобрување на широкопојасниот интернет, развој на е-Влада, е-Набавки и е-Здравје, како и дигитализација на индустријата. Во вториот сегмент – поврзаноста, се планира зголемено финансирање во областа на транспортот и енергетиката, а според калкулациите, таа помош до 2020 година би требало да достигне 2,4 милијарди евра.
Шестата иницијатива се однесува на помирувањето и добрососедските доноси, а во нејзини рамки треба да се посвети поголемо внимание на транзициската правда, проблемот на исчезнатите лица и поголемата соработка во областа на образованието, културата, младите и спортот.