„Македонска пошта“ не сака да се демонополизира, бара одложување
Објавено во: Економија 19 Ноември, 2018
„Македонска пошта“ не сака да се демонополизира во делот на лесните пратки до 50 грама (писма и документи) и по четврт пат побара одложување по ова прашање, иако рокот е до 1 јануари следната година.
Македонска пошта како носител на монополот во резервираната област, бара повторно, четврто одложување на либерализацијата, а Министерството за транспорт и врски се уште анализира дали да го прифати барањето.
Резервираните поштенски услуги опфаќаат прием, пренос и врачување на пратки за кореспонденција (писма и поштенски картички) и пратки на директна пошта до 50 грама. Ексклузивитетот за резервираната поштенска услуга се однесува на цената.
Од „Македонска пошта“ велат дека засега се уште не постојат услови за тоа и дека ваквиот потег треба да се направи кога земјата ќе влезе во Европската унија, каде што секоја земја-членка веќе треба да го има решено ова прашање.
Јавното претпријатие во моментов е монопол по ова прашање и ја диктира цената, така што малите конкуренти мора да имаат два и пол пати поскапа цена од „Македонска пошта“.
Стопанската комора и Агенцијата за пошти во моментов бараат што е можно побрзо демонополизирање.