Администрацијата на протест побара зголемување на платите за 25 отсто
Објавено во: Економија 08 Јуни, 2019
Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Благоја Ралповски на денешниот протест пред Владата побара поголеми плати од 25 отсто за администрацијата и посочи дека тие се и против трансфер на вработени од јавниот во приватниот сектор.
– Бараме усогласување на платите во јавниот сектор со покачувањето на минималната плата кое во моментот е 25 проценти. Бараме и исплата на К-15 во јавниот сектор бидејќи сме дискриминирани, а не се согласуваме и со трансферот на вработените од јавниот во приватниот сектор, изјави Ралповски.
Тој информира дека вчера биле повикани од службите во владата, но иако побарале, не оствариле средба со премиерот или со некој од министрите.
Претседателот на СОНК Јаким Неделковски рече дека се приклучуваат на протестот на КСС и на барањата за зголемување на платата за 25 проценти во образованието.
Неделковски нагласи дека ова е последен предупредувачки протест пред генерален штрајк.