АФЕРА ПАНАМСКИ ДОКУМЕНТИ ГО ПОТРЕСЕ СВЕТОТ КАКО АТОМСКА БОМБА: Паднаа првите апсења
Објавено во: Свет 05 Декември, 2018
Американското федерално обвинителство соопшти дека се подигнати обвиненија против четири лица обвинети за вмешаност во меѓународна финансиска измама, позната како „Панамски документи“.
Како се наведува тоа се првите обвиненија покренати во САД за тој скандал, и во нив во 11 точки се наведуваат обвиненија за завера, измама, избегнување данок и перење пари.
Обвинети се двајца германски државјани, еден Американец, како и еден државјанин на Панама.
Тројца од нив се уапсени. Харал Јоаким фон дер Голц, кој беше клиент од панамската адвокатска куќа „Мосак Фонсека“, е уапсен во понеделникот во Лондон, Дирк Брауер, службеник во компанијата која беше поврзана за таа адвокатска фирма, е уапсен во Париз на 15 ноември , а Ричард Гефи, сметководител со седиште во САД, е уапсен во вторникот во државата Масачусетс.
Обвинителството наведува дека адвокатската куќа „Мосак Фонсека“ стои зад заверата со цел да се заобиколат американските даночни закони.
Таа шема на измами траела со децении и обфаќала лажни фондации и компании во Панама, Хонг Конг и на Британските Девствени Острови, како би се сокриле сметките од американските даночни служби.
Четрвтиот обвинет, Рамсес Овенс, бил правник во „Мосак Фонсека“ и уште е на слобода.
Најсериозни точки на обвинение носат можност за затворски казни од 20 години.
„Панамските документи“, колекција од преку 11 милиони тајни финансиски извештаи, претставуваат илустрација како некои од најбогатите луѓе на светот ги криеле парите, и избегнувале плаќање данок.
Нив прв ги објави „Зидојче цајтунг во 2015 та година, кои ги добил од анонимен извор од „Мосак Фонсека“, а потоа делови од извештајот објавил печатот ширум светот.