АКО ИМА КОНСЕНЗУС: Законот на ЈО во август
Објавено во: Македонија 24 Јули, 2019
Владата вчера на седница го усвои Предлог-законот за Јавното обвинителство и донесе одлука да биде испратен на усвојување во Собранието со европско знаме и во скратена постапка.
На предлог на Министерството за правда Владата прифати во собраниска постапка да биде пуштен и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија поради терминолошко усогласување со Предлог-законот за Јавно обвинителство.
Собранискиот спикер Талат Џафери вчера изјави дека доколку Предлог-законот биде доставен до денеска во Собранието, во тој случај пленарна седница ќе може да се свика на 29 јули, а законот би може да биде донесен до крајот на август доколку постои согласност за него меѓу политичките субјекти во Парламентот со оглед дека за да се донесе потребно е двотретинско мнозинство.
Од владејачката СДСМ очекуваат сите пратеници, а пред сè ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат ова решение.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека и тие подготвуваат Предлог-законот за јавно обвинителство кој, како што најавуваат, многу скоро ќе биде доставен до Собранието и до јавноста.