24 Април, 2024
0.0298

Анализа: По што ќе се памети Трамп и што ќе го одбележи претседателството на Бајден?

Објавено во: Свет 20 Јануари, 2021

Добивај вести на Viber

По завршувањето на мандатот на еден американски претседател се говори за неговото наследство, односно по што ќе го памети нацијата, но и воопшто во поширока смисла и светот. За Кенеди е борбата за граѓански права и укинување на сегрегацијата како и визијата за освојување на Месечината, за Реган е економската благосостојба и дерегулацијата на големите корпорации во златните 80-ти години, за Обама е пакетот Обамакер за здравствена заштита, а достигнувањата на Рузвелт и поствоените американски претседатели секогаш се величи за создавањето на новата американска доктрина во светски размери. Таа американска традиција со заминувањето на Трамп ќе има горчлив вкус. Самото говорење за Trump Legacy сигурно ќе ги разгори страстите на коалицијата која се обедини за да му нанесе пораз и да се обиде да ја закрепне американската демократија по крвавите настани на Капитол Хил. Сепак, по што ќе остане запаметено четиригодишното владеење на популистот Трамп?

- Секој американски претседател низ историјата ги акумулирал своите политички потези во оставштина, која често била наречена доктрина. Разликата помеѓу доктрина и Трампизам е тоа што второво претставува култ наместо идеологија. Само така може да се приближиме до објективна дефиниција на Trump Legacy. Во спротивно, следбениците на конзерватизмот ќе ви речат дека тој ги намалил корпоративните даноци, го зачувал мирот без да предизвика војна во светот и му свртел грб на глобализмот и неговите неолибералистички дамки. Од друга страна либералното гледиште никогаш нема да му прости за (не)справувањето со пандемијата од КОВИД-19 и дигресијата од демократските вредности, која кулминираше со упадот на 6 јануари годинава.

Мојот заклучок е дека четиригодишното владеење на Трамп ќе го одбележи неговиот упад во Американскиот сон, а не оној во Капитол Хил. Синтагмата која ја опишува Америка како „земја на можности“ не предвидува ѕидови помеѓу границите, кастрација на семејното заедништво меѓу имигрантите или пак разгорување на кревкоста на расната дискриминација. Изборниот резултат само потсети дека имиграцијата е столбот на американското општество, а диверзитетот е суштината на американскиот идентитет. Едноставно, нема повеќе место за лидери кои ќе ја стават својата нација на прво место, а светот на второ, смета аналитичарот Иво Ранѓеловиќ.

Инаугурацијата на Бајден наместо свечен чин на американската демократија е одбележана од безбедносни ризици и можни нови протести со вооружени демонстранти. Трампизмот нема да исчезне со напуштањето на Трамп на Белата куќа, па иако американската јавност е гневна на неговите потези, и натаму САД е длабоко поделена помеѓу две реалности. На што ќе се фокусирa Baiden Precidency. Кои се клучните работи кои мора да ги преземе за подобрување на ситуацијата во САД?

- Кога Линдон Б. Џонсон ја превзеде претседателската функција, по смртта на Џон Ф. Кенеди во 1963 година, тој имаше можност да биде прв претседател од Југот или татко на нацијата. Сакам да верувам дека овојпат максимата е јасна. Бајден веќе ја најави агендата за првите 100 дена со која се очекува социјално закрепнување на американското општество. Во тој контекст се очекува укинување на забраната за патување од земји со доминантно муслиманско население како и план за соединување на фамилиите кои мигрираа во САД, а се претежно од Мексико. Се разбира, неизбежен е и економскиот пакет за помош кој би требало да ја заживее американската економија во време на пандемија. Економските политики беа главен адут за време на кампањата на Бајден и во однос надминувањето на расната дискриминација. Се на сѐ, неопходно е закрепнување на американската нација, вели Ранѓеловиќ.

Влијанието на Трамп и по напуштањето на Белата куќа ќе биде присутно во американското општество, јасната поделба на неговите поддржувачи и либералната јавност ќе опстои и ќе биде постојана закана за нови несогласувања. Може ли Бајден да биде „лепакот“ помеѓу Демократите и Републиканците?

- Традицијата на обиди за двопартиска соработка како да замре уште во времето на Обама, па се до последниот ден на Трамп. Веќе не е тајна дека Бајден ќе се обиде да го постави компромисот како векторски простор за соработка помеѓу Демократите и Републиканците. За таа цел, многу експерти сметаат дека потребно е републиканско мнозинство во Сенатот бидејќи благата поделба во самите редови на Демократите (особено крилото на Сандерс, Ворен и Кортез) може да се наметне како перипетија на Бајденовиот мандат. Бајден секогаш се потпирал на компромиси, важи за умерен либерал и не би ме изненадило доколку умешно се справи и со Мич МекКонел. Уште поинтересни очекувам да бидат одвивањата во редовите на Демократите, анализира Ранѓеловиќ.

За прв пат технолошките гиганти кои ги поседуваат социјалните мрежи наметнаа цензура на еден политичар и тоа претседател на САД. Интернет мемињата се потсмеваа дека во диктаторски и недемократски режими претседателот ги цензурира социјалните мрежи, а во Америка социјалните мрежи го цензурираат претседателот. Колку овој преседан може да биде опасен во политичките процеси без оглед дали е оправдан или не во екот на упадот во Конгресот на САД?

- Опасноста најчесто се препишува на спобноста на технолошките гиганти да и наштетат на демократијата и демократските вредности. Иако ретко кој зборува за тоа, истово би требало да важи и за телекомуникациската индустрија, авионската, фармацевтската, хемиската. Е сега, замислете за момент дека живееме во 1930-ите години во Германија, Италија или Јапонија. Одеднаш Facebook решава да ги цензурира објавите на Хитлер со цел да го сопре говорот на омраза, но уште повеќе фашизмот. Народот излегува на улица повикувајќи се на слободата на говор, без притоа да знае што го очекува. Поентата не ми е дека цензурата е оправдана алатка, туку доколку се повикуваме на економски регулативи со правен основ за технолошките гиганти, ние го правиме истото она што сакаме да го спречиме - цензура. Затоа проблемот треба да се бара во системот, односно во коегзистенцијата на демократија и капитализмот, кои ги направи овие гиганти тоа што тие се денес. Овие две парадигми се на колена пред својот Франкенштајн, или ако сакате, се жртви на сопствениот успех, потенцира Ранѓеловиќ.

Веќе се оцртуваат контурите на новата американска администрација, првите луѓе кои ќе бидат задолжени за надворешната политики и безбедносните. Што се очекува од Бајден на геополитички план, обид да се поправат нарушените партнерства со сојузниците, почитување на климатските и трговските договори и како тоа ќе влијае на Балканот вклучувајќи ја и Македонија?

- За да проектирате успешна политика надвор, најпрво ви е потребна национална хармонија дома. Не можете да се справувате со теми како климатски промени доколку во сопствената држава народот расправа за бојата на кожата кај луѓето и ѕидови по границите. Но, настрана од домашните проблеми, се очекува од Бајденовата администрација да ја репозиционира Америка на светската сцена и пред се да влијае врз популистичкиот порив на национализмот, авторитарноста и општо илиберализмот низ светот. Верувам дека приоритет ќе биде повторно активирање на САД во однос на Парискиот договор за климатски промени, како и ревидирање на позициите кон Иранскиот нуклеарен договор. Од особена важност ќе бидат и односите со Народна Република Кина и се разбира, консолидација помеѓу членките на НАТО.

Би завршил со тоа дека време е Македонија наместо да очекува било што од развојот на светските настани, самата да се впушти во решавање на суштинските проблеми на ова општество. Во тој случај влијанијата ќе изгубат на важност, а животот ќе добие на цена, заклучува Ранѓеловиќ.

Христијан Станоевиќ


Можеби ќе ве интересира

ЗАГРИЖЕНИ СЕ ЗА КОНФЛИКТОТ ВО ГАЗА: Јамајка ја призна државата Палестина

ЗАГРИЖЕНИ СЕ ЗА КОНФЛИКТОТ ВО ГАЗА: Јамајка ја призна државата Палестина

ПОРАДИ КОРУПЦИЈА: Уапсен е рускиот заменик министер за одбрана Тимур Иванов

ПОРАДИ КОРУПЦИЈА: Уапсен е рускиот заменик министер за одбрана Тимур Иванов

ИРАН СЕ ЗАКАНИ НА ИЗРАЕЛ: Aко пак нападнат, не е јасно дали нешто ќе остане од Израел

ИРАН СЕ ЗАКАНИ НА ИЗРАЕЛ: Aко пак нападнат, не е јасно дали нешто ќе остане од Израел

ХАМАС ПОВИКА НА ЕСКАЛАЦИЈА: Го повикуваме јорданскиот народ да ги засили своите акции

ХАМАС ПОВИКА НА ЕСКАЛАЦИЈА: Го повикуваме јорданскиот народ да ги засили своите акции

(ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО) ИЗРАЕЛСКИ ВОЈНИК ГО ШУТНА ПАЛЕСТИНСКОТО ЗНАМЕ И ЛЕТНА ВО ВОЗДУХ: Со повреди заврши во болница

(ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО) ИЗРАЕЛСКИ ВОЈНИК ГО ШУТНА ПАЛЕСТИНСКОТО ЗНАМЕ И ЛЕТНА ВО ВОЗДУХ: Со повреди заврши во болница

КУЛЕБА НАСКОРО ЌЕ ДАДЕ ОБЈАСНУВАЊЕ: Украина ги укина конзуларните услуги за машките државјани на воена возраст во странство

КУЛЕБА НАСКОРО ЌЕ ДАДЕ ОБЈАСНУВАЊЕ: Украина ги укина конзуларните услуги за машките државјани на воена возраст во странство

ГАЗА: Откриена е масовна гробница, дел од луѓето биле со врзани раце и нозе

ГАЗА: Откриена е масовна гробница, дел од луѓето биле со врзани раце и нозе

ГО ПОГОДИЛЕ БЕЛГОРОД: Руските сили фрлиле бомби на своја територија

ГО ПОГОДИЛЕ БЕЛГОРОД: Руските сили фрлиле бомби на своја територија

СКАНДАЛ ВО ГЕРМАНИЈА: Уапсен функционер на крајната десница - шпионирал за Кина

СКАНДАЛ ВО ГЕРМАНИЈА: Уапсен функционер на крајната десница - шпионирал за Кина