Андреј Ковачев порача дека Грција треба да направи отстапувања за Македонија
Објавено во: Балкан 11 Септември, 2017
Грција да ги направи своите отстапувања за Македонија да стане дел од НАТО, а потоа и од ЕУ, изјави бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев непосредно пред Бугарија да го почне своето претседавање со Унијата.
Политиките кои ги спроведуваше власта предводена од Груевски се веќе минато и време е за градење на добрососетски односи, вели европратеникот од ГЕРБ во интервју за ТВ Европа. Според него острата реторика од македонска страна е намалена и сега е време и Грција да го направи истото.
„Грчката страна сепак треба да ги направи своите отстапувања и Република Македонија да стане дел од НАТО било да е под името Поранешна Југословенска Република Македонија или под некое друго име, но тој процес мора да биде деблокиран. Јас разбирам, пред тоа беше политиката на Груевски и неговите постојани провокации“ – вели Андреј Ковачев, европратеник на ГЕРБ ЕНП.
Пред само два дена во Кавала бугарскиот премиер, Бојко Борисов во четири очи, но и во присуство на медиумите и јавноста му порача на грчкиот премиер, Алексис Ципрас дека земјата која Грција ја нарекува ФИРОМ за Бугарија е само Република Македонија.
„Истото го кажав во Скопје истото го имам кажано и на Вучиќ, и на косовскиот премиер. Што постигна Србија со Косово, или Косово соодветно. Или каков е просперитетот на тука кај вас Поранешна Југословенска Република Македонија за нас е Република Македонија. До каде водат тие спорови“ - рече Борисов.
Борисов порача дека кога Европа е единствена тогаш има просперитет.