24 Април, 2024
0.0277

Интервју со Ангеловска - Бежоска: Растот на минималната плата да го следат мерки за зголемување на продуктивноста

Објавено во: Финансии 30 Јануари, 2019

Добивај вести на Viber

Постабилен економски амбиент, со смирување на политичките тензии очекува гувернерката Анита Ангеловска - Бежоска за оваа година. Во интервју за Фактор Ангеловска - Бежоска сепак вели дека клучни ризици за домашната економија се најмногу, случувањата во нашиот најзначаен трговски партнер Германија, особено во услови на јакнење на протекционизмот. Според неа, ова може да се одрази на побарувачката за нашите извозни производи. За банките вели дека остануваат стабилни и профитабилни, а дека со Министерството за финансии работат на нов Закон за платежни услуги со кој треба да се зголеми понудата на производи и да има поповолни цени на услугите за граѓаните.

Народната банка, вели, нема подетални сознанија за истрагите кои ги водат надлежните институции за објавените банкарски афери. Во интервјуто гувернерката зборува и за растот на минималната плата, промените во акционерската структура на банките, потребата од окрупнување на банките.

Ангеловска- Бежоска: Според нашите проекции, во 2019 година постои простор за понатамошно забрзување на економскиот раст на 3,5 проценти, за кој, според очекувањата, ќе придонесат и натамошниот раст на активноста на извозниот сектор, закрепнувањето на инвестициите поддржано од приливот на нови странски инвестиции и повторното интензивирање на јавните инвестиции во патната инфраструктура, а во ваков контекст, позитивен ефект се очекува и од личната потрошувачка. Во однос на последната компонента, зголемувањето на платите и вработеноста, кредитната поддршка на банките и растечката доверба се оценуваат како нејзини главни двигатели. Не очекуваме овие движења во економијата да предизвикаат притисоци врз цените, или да доведат до нарушување на надворешната рамнотежа. Всушност, на среден рок, нашите оцени покажуваат просечна инфлација од околу 2 проценти и низок дефицит во тековната сметка.

Исклучително важен сегмент во вкупната економска слика е банкарскиот систем, кој останува стабилен, добро капитализиран и високоливиден, така што ќе има капацитет да обезбеди дополнителна кредитна поддршка на економијата. Во вакви услови, а при натамошен раст на депозитите и поволни перцепции, очекуваме кредитен раст од околу 8 проценти на годишно ниво.

Од позиција на гувернер посакувам годинава навистина да биде во знакот на економијата и економските реформи, кои ќе привлечат нов странски капитал во земјата, ќе овозможат повисоко ниво на трговска интеграција и поголемо вклучување во глобалните текови на производство, но и развој на иновативноста, којашто е клучна за долгорочно одржливиот и квалитетен економски раст. Очекувам дека годинава ќе биде направен и подинамичен исчекор во развојот на дигитализацијата и примената на новите технологии во финансискиот сектор за да може соодветно да се одговори на барањата и на предизвиците на современото живеење.


Од друга страна, каква монетарна политика ќе водите Вие и од што ќе биде детерминирана?

Ангеловска-Бежоска: И годинава ќе бидат одржани макроекономската стабилност и стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем на Македонија. НБРМ ќе биде целосно посветена на остварување на своите цели и задачи, меѓу кои, на прво место е одржувањето на ценовната стабилност. Впрочем, таа е јавно добро, кое како што потенцирав и во мојата прва изјава по преземањето на гувернерската позиција, е најдобриот придонес кој може да го даде централната банка за економскиот раст и развој. Сепак, и сега како и многу пати досега, би сакала да потсетам дека изборот на монетарната стратегија зависи од структурните карактеристики на економијата, а тие не се менуваат брзо. Сметам дека долгогодишната политиката на одржување стабилен девизен курс е оптимална, бидејќи соодветствува со основните карактеристики на македонската економија.

Од особено значење за монетарната политика е тоа штогодинава ја започнавме со мошне солидно ниво на девизни резерви, што пред сѐ се должи на поволните движења на девизниот пазар, каде што минатата година, ние како централна банка, постојано откупувавме девизи. Во текот на 2018 година, НБРМоткупи вкупно 382 милионаевра, што е историски највисок откуп во изминатите четиринаесет години. Ова упатува на солидна позиција на билансот на плаќања на земјава и доверба во домашната валута.

ГЛОБАЛНО КАМАТИТЕ РАСТАТ

Пред да се фокусирам на деталите, од овој аспект е важно - кои се клучните ризици за домашната економија – и внатрешни и надворешни?

Ангеловска-Бежоска: Мораме да имаме предвид дека македонската економија, поради нејзините карактеристики, е изложена на ризици поврзани со глобалното економско окружување. Впрочем, на овие ризици е изложен и регионот во целина. Според нашите оцени, кои веќе ѝ се пренесени на јавноста, во актуелниве глобални услови, фактори на ризик коишто се исклучително важни за македонската економија се неизвесноста за економските субјекти и изгледите за економскиот раст во Европа, особено во Германија, која е нашиот најзначаен трговски партнер во поглед на извозот. Поконкретно, нашата економија е вклучена во германскиот синџир на снабдување, така што јакнењето на протекционизмот би можело да се одрази и врз побарувачката за нашите извозни производи, како значаен канал за пренос на ризиците. Секако, еден ваков неизвесен глобален амбиент може да делува неповолно и преку каналот на капитални приливи и преку каналот на доверба на домашните субјекти. Дополнителен среднорочен ризик од надворешното окружување е и започнатиот глобален циклус на затегнување на монетарните услови, односно на раст на каматните стапки, што на глобално ниво може да значи понеповолни услови за финансирање на приватниот, но и на јавниот сектор.

Во оваа насока, и Европската централна банка направи надолна ревизија на проекциите за економскиот раст и за стапката на инфлација. Очекувањата на инвеститорите за динамиката на нормализирање на монетарната политика на ЕЦБ во текот на оваа година веќе се променети. ФЕД повторно донесе одлука за зголемување на референтната каматна стапка. Од минатата недела, пак, во Европа има и поголема неизвесност поврзана со актуелните случувања околу излегувањето на Велика Британија од Европската Унија. Заради тоа, повеќе фактори упатуваат на поизразени ризици за глобалниот економски раст.

На домашен план, несомнено, политичкиот контекст, доколку не е стабилен, претставува важен фактор кој може да предизвика ризици за економијата во целина, главно преку каналот на доверба и очекувања на економските субјекти.

РАСТ НА ПЛАТАТА АМА И ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПРОДУКТИВНОСТА

Владата планира растот на БДП пред сѐ да произлегува од растот на платите и зголемувањето на личната потрошувачка. Дури и во Буџетот годинава е предвиден раст на платите на администрацијaта, а се најавувa и ново зголемување на минималната плата. Како гледате на оваа политика? Што е со продуктивноста на економијата, очекувањата за квалитетен странски капитал, растот на извозот?

Ангеловска-Бежовска: Нашите проекции за економскиот раст претпоставуваат тој да се темели врз повеќе извори, како што се извозот, поддржан од натамошен солиден раст на странската побарувачка на наши производи и услуги и натамошно зголемување на активноста на извозно ориентираните капацитети од инвестициската активност. Но, како што и претходно споменав, според макроекономските проекции на НБРМ дополнителен позитивен импулс за економскиот раст се очекува и од повисоката лична потрошувачка. Очекувањето на таквиот импулс се темели врз претпоставките за натамошно зголемување на изворите на финансирање на потрошувачката, меѓу другото и очекуван раст на реалните плати и поволни поместувања на пазарот на труд. Истовремено, ние очекуваме и дека зголемените приливи врз основа на приватни трансфери дополнително ќе придонесат за поголема склоност кон потрошувачка, а се очекува и натамошна кредитна поддршка на домашните банки за секторот „население“.

Во однос на зголемувањето на минималната плата и растот на платите во јавната администрација, и претходно имам споменато дека се дел од политики коишто покрај тоа што ги поддржуваат ранливите категории на население и имаат социјална димензија во себе, го поддржуваат и населението коешто има поголема склоност за потрошувачка. Но, многу е важно овие политики да бидат проследени со мерки, односно политики за зголемување на продуктивноста на економијата, со што и нејзината конкурентност нема да се загрози. Во тој контекст, мислам дека е позитивно тоа што Владата го задржа континуитетот на политиките за привлекување странски инвестиции, што стави поголем акцент на поддршката на процесот на посилно поврзување на домашните добавувачи со странските компании, на основањето центри за технолошки развој и истражувања, на капиталните инвестиции, како и на финансирањето мали и средни претпријатија и компании во основање. Сето тоа се политики на Владата коишто би требало да дадат позитивни ефекти во насока на поддршка на економскиот раст.


Кои се всушност нашите најголеми потенцијали за економски раст?

Ангеловска- Бежоска: За зголемување на нашите потенцијали за забрзување на растот на долг рок е важно да продолжат веќе отпочнатите реформи за подобрување на деловното опкружување, особено во извозниот сектор, бидејќи се очекува тие да резултираат со зголемени можности за влез на мултинационални компании, кои ќе ја зајакнат трговската и финансиската интеграција на нашата економија. Досегашните реформите придонесоа за диверзификација на извозот и овозможија да го издржиме притисокот од глобалната криза многу полесно за разлика од некои други земји. Истовремено, потребно е и уште посилно и подинамично поврзување на домашните со странските компании. Тоа би довело и до поголеми преносни ефекти врз економија во целина. Поголемата економска интеграција во престојниот период ќе биде неопходност не само за македонската економија, туку и за повеќето економии од регионот на Централна, Источна и Југоисточна Европа. Во тој контекст, мора да се има предвид дека кај нас, од голема важност, секако се и јавните инвестиции насочени кон подобрувања на инфраструктурата. Тие се клучни за долгорочниот потенцијал на економијата.

Исто така, особено е значајно во натамошниот период да бидеме фокусирани не само на брзината на економскиот раст туку и на зголемувањето на неговиот квалитет, за што ќе треба да продолжи и преориентирањето на реалната економија кон секторите со повисока технолошка развиеност и иновативност. Секако, потребно е и зајакнување на продуктивноста и на квалитетот на човечкиот капитал, бидејќи тие се клучни за постигнување на предусловите за побрз и за поквалитетен раст.

ОСТАНУВА ФИКСНИОТ КУРС

Вие сте релативно кратко на гувернерската позиција и Ви преостануваат уште неколку години до истекот на мандатот. Дали сметате дека е преценет курсот на денарот и како одговарате на тврдењата дека мора да се напушти фиксниот курс?

Ангеловска-Бежоска: Ние во НБРМ редовно го оценуваме нивото на урамнотеженост на девизниот курс. Досега никогаш се нема случено негово значително отстапување, или со други зборови, девизниот курс на денарот постојано е во согласност со нивото што го налагаат економските фундаменти. Нашата монетарна стратегија е оптимална за македонската економија и компатибилна со нејзините структурни карактеристики. Ова редовно го потврдува и Меѓународниот монетарен фонд преку неговите годишни оцени. Токму затоа, како централна банка не гледаме причина за напуштање на тековната монетарна стратегија и НБРМ и јас како гувернер, цврсто стоиме зад неа.

Имено, за нас, како мала и отворена економија којашто е многу зависна од увозот, којашто е нето-должник кон странство и којашто се карактеризира со релативно високо ниво на евроизираност, стабилноста на домашната валута е клучното сидро за одржување и на ценовната и на финансиската стабилност. На тоа укажуваат и досегашните искуства во епизоди на криза, кога се покажа дека задржаната стабилност на девизниот курс беше клучна за брзо стабилизирање на очекувањата на домашните субјекти, но и механизам што придонесува за дисциплинирано водење на останатите макроекономски политики.

Моментално, монетарната власт, како и во изминатава година, води полабава политика. Во 2018 година, во неколку наврати беше намалена каматната стапка на благајничките записи. Како ќе се позиционирате во следниот период, има ли простор и за натамошно олабавување?

Ангеловска-Бежоска: Како што веќе кажав, поставеноста на монетарната политика зависи од нашите согледувања и оцени за тековните економски и финансиски услови и од нашите очекувања за идните движења, врз основа на кои ги носиме и нашите одлуки за висината на основната каматна стапка. И во 2019 година, овие одлуки ќе се темелат врз оцените и согледувањата до кои ќе дојдеме при редовното следење на трендовите во економијата и окружувањето, за што јавноста ја известуваме преку соопштенијата за одржаните седници на Комитетот за оперативна монетарна политика. Во моментов, трендовите се поволни, поради што и каматната стапка е позиционирана на историски најниското ниво досега.

ПРИХОДИТЕ НА БАНКИТЕ ОД КАМАТИ И ПРОВИЗИИ

Во пад се и активните и пасивните банкарски камати, но во постојан раст се банкарските добивки. Домашните банки се едни од најпрофитабилните приватни компании, а најголемиот дел од приходите е од камати, но и од провизии и надоместоци кои постојано растат. Има ли некој механизам за ограничување, заштита на граѓаните од овие трошоци? И генерално, како гледате на континуираниот раст на банкарските профити?

Ангеловска-Бежоска: Најпрво би сакала да потсетам дека главен носител на подобрениот финансиски резултат на банките во текот на 2018 година беа пониските трошоци за исправка на вредноста што ги одразува активностите на банките за наплата на нефункционалните кредити, пред сè во првиот и вториот квартал од годината. Од друга страна, нето каматниот приход, кој вообичаено формира најголем дел од растот на добивките на банкарскиот систем, минатата година забележа пад од 0,7 проценти за првите десет месеци, во споредба со истиот период од 2017 година. Намалувањето на нето каматниот приход се должи на падот на каматните приходи, главно од дадените кредити, кој е поинтензивен од падот на каматните расходи, главно од прибраните депозити.Треба да се има предвид дека производите и услугите што ги нудат банките се регулираат во согласност со повеќе законски прописи. Така на пример, договарањето за прибирање депозити и одобрување кредити во основа се врши според правилата дадени во Законот за облигациони односи, платежните услуги според Законот за платниот промет, брокерските услуги според Законот за хартии од вредност, кредитирањето на населението кај одредени производи според Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити.

Меѓутоа, овие закони и покрај тоа што содржат релевантни одредби во поглед на односот банка – клиент, како што е на пример ограничувањето на максималната висина на казнената каматна стапка или висината на договорните каматни стапки, сепак не содржат одредби што би го ограничиле правото на банките во рамки на ова пропишано ограничување слободно да ја определуваат висината на цената на своите производи и услуги. Всушност, тоа е и главна одлика на слободна функционална пазарна економија каде што цените на сите производи и услуги во принцип ги определува дејството на пазарниот механизам. Како и во Европската Унија, така и кај нас е воспоставена рамка за заштита на потрошувачите – корисници на кредити. Притоа, фокусот првенствено се става на обелоденувањето на сите потребни информации и другите договорни услови, вклучително и транспарентноста при определувањето на висината на каматните стапки и другите трошоци, заштитата на податоците за клиентите итн.


Во контекст на трошоците за банкарските услуги, особено значајно е зголемувањето на транспарентноста во доменот на платежните услуги, што очекувам да се постигне со донесување на новиот Закон за платежни услуги и платни системи. Со него, меѓу другото, ќе бидат имплементирани одредбите од неколку европските директиви и регулативи, кои директно ќе предизвикаат зголемување на транспарентноста на банките во процесот на формирање на цените на платежните услуги и би се поттикнала поголема финансиска инклузија на населението. Сите овие измени покрај формалното усогласување на домашната регулатива со онаа на Европската Унија, во основа очекуваме да донесе и значајно раздвижување на конкуренцијата во доменот на платежните услуги и поголем степен на заштита на граѓаните како корисници на услугите.

Со постепеното натамошно усогласување на домашното законодавство со регулативата на Европската Унија во доменот на финансиите, очекуваме да се засилува и конкуренцијата во нашиот финансиски систем, вклучително и за банкарските услуги, што во основа треба да доведе до поголема и поконкурентна понуда со пониски цени на услугите за населението. Исто така, се очекува преку овој процес дека ќе се создадат услови и за уште поголема заштита на правата на корисниците на финансиските услуги, поголема транспарентност на финанските институции и засилување на улогата на финансиските пазари во економијата. Сето тоа треба да доведе и до подобро распределување на ресурсите, поголема финансиска вклученост и дополнително засилување на довербата на домашните економските агенти во домашните финансиски институции. Во такви околности, токму здравата пазарната конкуренција и способноста на одделните банки и други финансиски инстутиции да се справуваат со потенцијалниот нов конкурентски притисок ќе биде главен фактор што ќе определи какви ќе бидат идните движења на нивната профитабилност. Она што е важно за нас како земја е да бидеме успешни во создавањето ефикасен домашен финансиски пазар и стабилна инфраструктура на финансиските пазари. Но, истовремено и да го подигнеме нивото на финансиската едукација меѓу домашната јавност, затоа што се покажало дека тоа е најдобриот начин за промоција на здравото работење и на поединечните финансиски институции, а преку тоа посредно и на одржувањето на стабилноста на финансискиот систем како цел на една современа централна банка.

Имаше периоди кога кредитниот раст беше и двоцифрен, сега повторно стапките на раст се солидни. Она што е јасно е што растот е особено голем кај потрошувачките кредити. Како гледате на оваа појава. Ве плаши ли до некаде, кои се ризиците?

Ангеловска – Бежоска: Ова прашање се вбројува меѓу најчестите прашања коишто ми биле поставувани од почетокот на мојот гувернерски мандат досега. И овојпат морам да потсетам дека НБРМ внимателно ги следи сите промени во активностите на банкарскиот сектор, а особено растот на кредитирањето на домаќинствата според одделните продукти, и дека секогаш кога ќе оцени дека постои зголемување на ризиците од овој тип кредитирање или дека постојат сигнали за евентуално презадолжување на населението, презема соодветни мерки за намалување или ограничување на тие ризици. Така, токму поради значителниот раст на долгорочните потрошувачки кредити, а за да го запре прекумерниот раст како на изложеноста на банките, така и на задолженоста на домаќинствата, НБРМ воведе поголемо капитално барање за банките за потрошувачките кредити со рочност еднаква или подолга од осум години, одобрени по 1 јануари 2016 година. Ова капитално барање сѐ уште е во сила. Оваа мерка придонесе за намалување на брзиот годишен раст на долгорочните потрошувачки кредити, кој се намали од 40 проценти на крајот на 2015 година, на 11 – 12 проценти во 2018 година.

Инаку, изминативе пет - шест години, севкупното кредитирање на домаќинствата бележи релативно стабилен раст, чиј интензитет не предизвикува загриженост. Иако поголемиот дел од кредитната поддршка за домаќинствата е наменет за финансирање на потрошувачката на физичките лица, сепак, од средината на 2015 година станбените кредити се најбрзорастечкиот сегмент од кредитното портфолио на домаќинствата, со годишни стапки на раст што тековно изнесуваат околу 15 проценти.

Особено е значајно што квалитетот на кредитното портфолио од домаќинства е доста солиден. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити на домаќинствата, подолг период наназад е стабилно на нивото од 2,4 отсто. Она што е можеби најважно во врска со кредитирањето на населението е тоа да се заснова врз одржување на квалитетот на стандардите за одобрување на кредитите. Макрофинансиската наука и практика посочуваат дека периодите на подинамичен кредитен раст по правило се проследени со позначително олабаување на кредитните стандарди и зголемување на подготвеноста на кредиторите за преземање кредитен ризик, што може да доведе до превисока задолженост на населението, и следствено, до нарушување на квалитетот на кредитното портфолио на кредиторите, а со тоа и на нивната стабилност. Со оглед на тоа, подобро е да имаме поумерени стапки на раст на кредитите, но тој раст да биде здрав и одржлив и да не создава нерамнотежи во економијата, отколку да имаме епизоди на висок непрудентен кредитен раст, кој по правило е проследен со неможност да се оддржи на истото ниво. Во овој контекст, доколку оцениме дека вкупниот кредитен раст, или кредитниот раст на одделни сегменти или производи почнува да го надминува неговиот долгорочен тренд, во насока на остварување на нашите законски поставени цели, подготвени сме да преземе макропрудентни мерки согласно со нашите надлежности.

НБРМ НЕМА ПОДЕТАЛНИ СОЗНАНИЈА ЗА БАНКАРСКИТЕ АФЕРИ

Во последниот период засилени се најавите и информациите за преговори на некои банки со финансиски инвеститори од други земји, односно има најави за поместувања на акционерскиот капитал. Очекувате ли конечно некои окрупнувања на кои повикуваше и НБРМ?

Ангеловска – Бежоска: Во однос на промена на сопствничката структура на банките, морам да потсетам дека согласно со Законот за банките, акционер со квалификувано учество во банка може да стане секое физичко или правно лице коешто ги исполнува критериумите од овој закон. Притоа, секое лице кое има намера, директно или индиректно, да стекне квалификувано учество во банка е должно да добие претходна согласност од НБРМ. На издавањето на согласноста претходи процес на темелна проверка на исполнувањето на критериумите за акционер на банка.

Во врска со статусни промени, до овој момент НБРМ нема информации за актуелни активности за окрупнување по пат на спојување или присоединување на конкретни банки, кои како институција би можеле да ги соопштиме. Евентуално окрупнување на банкарскиот систем би значело и ефективно натамошно зголемување на конкуренцијата, што би требало да доведе до проширување на лепезата производи што ги нудат банките, а под конкурентни услови. На ова, ние како централна банка укажавме во повеќе наврати изминатиов период, соопштувајќи го нашиот позитивен став за потребата од окрупнување на банкарскиот систем.

Сопственици на неколку македонски компании обвинуваат дека се оштетени од некои македонски банки за милионски износи преку измама и злопотреба. Финансиската полиција поднесла кривични пријави до Обвинителството. Како гледате на овие банкарски шеми кои беа обелоденети во јавноста?

Ангеловска – Бежоска: За конкретните истраги на Финансиската полиција, НБРМ нема подетални сознанија. Но нема и согласно своите надлежности и не може да има сознанија и за евентуални постапувања на какви што се однесува Вашето прашање. Мора да се направи јасна дистинкција меѓу улогата на нашата институција како супервизорски и регулаторен орган и органите надлежни за финансиски истраги и прогон.

НБРМ го контролира работењето на банките согласно со супервизорски процедури и практики, кои се во складсо најдобрите меѓународни стандарди. Преку супервизијата,ние ја оценуваме сигурноста на банките, нивото на ризиците коишто ги презела одделна банка, и секако во тој контекст, усогласеноста на работењето на банките со прописите. Креирањето изложености кон одредени клиенти претставува деловна одлука на органите на банката. НБРМ не се инволвира во тие одлуки, ниту пак смее тоа да го прави во редовното работење на банките, па така, не може ниту да има сознанија за евентуално постапување, какво што споменавте во Вашето прашање. Она што НБРМ го бара е јасно идентификување на преземениот ризик, при што доколку е преземен повисок ризик, се бара тој да биде покриен преку повисоки резервации на товар на профитот, но се изрекуваат и други мерки, вклучително и повисоки капитални барања за банките, како што впрочем постапуваат и супервизорските органи во Европската Унија.Секако, банките се одговорни за почитување на законските одредби во своето деловно работење.

Накусо, би сакала да потсетам дека според нашите оцени и согледувања, банкарскиот систем е стабилен, со висока капитализираност и адекватна ликвидност. Поставен е на цврсти основи, со висок капацитет за апсорбција на различни шокови. Очекуваме банкарскиот систем да остане стабилен и сигурен и во натамошниот период. Сите актуелни податоци и досегашните движења, кои како централна банка ги следиме секојдневно, упатуваат на ваков заклучок.


Во подем е работата на финансиските друштва кои нудат таканаречени брзи кредити. Каков е концептот и има ли некои опасности, дали се законски каматите коишто ги пресметуваат?

Ангеловска – Бежоска: Најпрво би сакала да потсетам дека согласно со законската регулатива лиценцирањето и супервизијата на недепозитните финансиски институции не се во надлежност на НБРМ и нив ги вршат други надлежни институции.Треба да имаме предвид дека деловната активност на одобрување заеми, во правна смисла, е вид на облигациски договор кој го склучуваат економските субјекти меѓусебноврз основа на слободно изразена волја, се разбира, со почитување на специфичните законски прописи, кои се релевантни за вакви договори.

Впрочем, речиси во сите европски земји, освен банките постојат и низа други финансиски институции што се активни на кредитниот пазар.Некои од нив се финансираат со прибирање депозити. Други пак, исклучиво се финансираат со свои извори на финансирање, како што е случајот со нашите домашни финансиски друштва.

Како што веќе истакнав, процесот на усогласување на нашата регулатива во доменот на финансискиот систем со европските прописи неминовно ќе создаде простор, во натамошниот период кај нас да се јават и други, за нашата популација нови „алтернативни“ финансиски институции коишто ќе бидат фокусирани не само на кредитирањето туку и на други деловни линии, како на пример, платежните услуги.

Сепак, иако првичниот впечаток е дека кај нас, давателите на „брзи кредити“ се во подем, нивното учество на пазарот засега е многу мало. Но, факт е дека кредитните производи што се нудат во земјава достигнуваат многу високи цени, во некои случаи неколкукратно поголеми и од самиот кредит. На долг рок, кај еден дел од населението тоа може да доведе до неодржлив раст на задолженоста. Оттука, мошне важно е што со измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити ќе се постави максимална граница на годишните трошоци на кои смеат да ги изложуваат своите корисници ваквите даватели на кредити. Се очекува дека донесувањето на овие законски измени ќе придонесе за значително поголема заштита на населението при користењето на „брзите кредити“.

Александра Томиќ


Можеби ќе ве интересира

ВТОР МЕСЕЦ ПО РЕД ПАЃААТ - проесечната нето плата 39.276 денари, еве во кои сектори има најголемо намалување

ВТОР МЕСЕЦ ПО РЕД ПАЃААТ - проесечната нето плата 39.276 денари, еве во кои сектори има најголемо намалување

АКО ВЕЌЕ „ГЛАВАМ“ ВО БАНКА, БАРЕМ НЕКА БИДЕ ЗА ДА СИ КУПАМ СТАН - голем пораст на станбените кредити, еве колку должат граѓаните

АКО ВЕЌЕ „ГЛАВАМ“ ВО БАНКА, БАРЕМ НЕКА БИДЕ ЗА ДА СИ КУПАМ СТАН - голем пораст на станбените кредити, еве колку должат граѓаните

ДА СЕ ОДАНОЧАТ ТРИТЕ ИЛЈАДИ НАЈБОГАТИ ВО СВЕТОТ, А ПАРИТЕ ДА ОДАТ ДИРЕКТНО КАЈ СИРОМАШНИТЕ - еве го планот на една нобеловка

ДА СЕ ОДАНОЧАТ ТРИТЕ ИЛЈАДИ НАЈБОГАТИ ВО СВЕТОТ, А ПАРИТЕ ДА ОДАТ ДИРЕКТНО КАЈ СИРОМАШНИТЕ - еве го планот на една нобеловка

ЕВЕ КАДЕ ГИ ВЛОЖУВААТ СВОИТЕ ПАРИ 0,001 ПРОЦЕНТ ОД НАЈБОГАТИТЕ: Живеат поинаку од остатокот од светот

ЕВЕ КАДЕ ГИ ВЛОЖУВААТ СВОИТЕ ПАРИ 0,001 ПРОЦЕНТ ОД НАЈБОГАТИТЕ: Живеат поинаку од остатокот од светот

ДЕНАРОТ ГО „ПРЕТРКА“ ЕВРОТО, ИСТОРИСКИ МИГ ЗА ГРАЃАНСКИТЕ ЗАШТЕДИ - колку пари чуваат македонските граѓани во банка

ДЕНАРОТ ГО „ПРЕТРКА“ ЕВРОТО, ИСТОРИСКИ МИГ ЗА ГРАЃАНСКИТЕ ЗАШТЕДИ - колку пари чуваат македонските граѓани во банка

Николоски на средби во СБ – Продолжуваме со спроведување на реформите дефинирани со нашите партнери, 695 милиони долари поддршка од СБ

Николоски на средби во СБ – Продолжуваме со спроведување на реформите дефинирани со нашите партнери, 695 милиони долари поддршка од СБ

БЕРЗИТЕ СО ГОЛЕМИ ЗАГУБИ - индексот S&P 500 падна петти ден по ред

БЕРЗИТЕ СО ГОЛЕМИ ЗАГУБИ - индексот S&P 500 падна петти ден по ред

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо

„Доколку не се остварат ризиците, олабавување на монетарната политика во втората половина од годинава“: гувернерката Ангеловска-Бежоска за ВОА

„Доколку не се остварат ризиците, олабавување на монетарната политика во втората половина од годинава“: гувернерката Ангеловска-Бежоска за ВОА