АНГЕЛОВСКА: БИЛО КОЈ ДА ЧЕПКА И ДА ПРАВИ ПРОМЕНИ КАЈ ДДВ - треба да внимава да не и наштети на нашата мала економија
Објавено во: Економија 02 Јули, 2020
Ако се носи било каква одлука за чепкање на данокот на додадена вредност, тоа мора да биде издржано, со многу факти и аргументи, и мора да се внимава да не и наштети на нашата мала и отворена економија.
Вака министерката за финансии Нина Ангеловска одговори денеска на прес конференција на новинарското прашање дали Владата размислува за намалување на стапката на ДДВ во земјава, по примерот на Германија и Австрија, со цел да им се помогне на граѓаните во пребродување на кризата.
„Сега сме во период на техничка Влада, има неполни две недели до изборите. Партиите во своите политички програми имаат понуди, пакети за ДДВ. Има мерки за ДДВ во економската програма и на СДСМ. Но, треба да бидеме многу внимателни со било какви промени кај ДДВ“, рече Ангеловска.
Нагласи и дека намалувањето на ДДВ во Германија и Австрија се антикризни мерки во држави кои имаат силна наплата на приходите и поголем капацитет за прибирање на давачки.
„Ние имаме 18 отсто ДДВ со повластени стапки. Ние работевме на некои промени, но се случи кризата. Свесни сме дека има голем број повластени стапки, има работи од пред 20 години, и потребни се одредени промени, како и усогласување со ЕУ. Ќе бидат потребни промени, но ќе треба да работиме многу. Но, било кој да чепка воп ДДВ, тоа треба да биде издржано за да не и наштетиме на нашата мала и отворена економија“, рече Ангеловска.
Н.Н.Ф.