28 Март, 2024
0.0245

Антиисточни пропагандни центри против граѓаните на Македонија: Случајот на Левица

Објавено во: Колумни 07 Мај, 2021

Добивај вести на Viber

(Ова е еден помалку или повеќе пародичен текст, напати сериозен, напати ироничен кој си игра со наративите. Сите цитати се од колумна на Џ. Дерала, „Антизападни пропагандни центри против граѓанското општество во Северна Македонија: Случајот на ЦИВИЛ“ https://civilmedia.mk/antizapadni-propagandni-tsentri-protiv-graganskoto-opshtestvo-vo-severna-makedonija-sluchajot-na-tsivil/)

Во последните неколку години, во Македонија стана норма од страна на „прозападните“ политичари да напаѓаат активисти, бранители на човекови права и новинари со навредливо однесување на Интернет, малтретирање и закани по нашите животи. Мојот случај, како претставник на Левица, не е исклучок, но сигурно е еден од поилустративните.

ДА СЕ БИДЕ БРАНИТЕЛ НА МАКЕДОНСКИТЕ НАЦИОНАЛНИ ИНТЕРЕСИ ВО МАКЕДОНИЈА

Јас сум професор, писател, истражувач, активист за човекови права и еден од основачите на партијата Левица. Работам скоро 20 години во високото образование. Сум напишал стотици колумни, текстови и статии, како во времето на режимот на Груевски, така и во овој хибриден решим на Заев. Сум објавил десетици научни трудови во земјата и странство, неколку книги, меѓу кои и поезија. Сум работел на дузина истражувачки проекти, меѓудругото и за мултикултурализам и интеркултурна интеграција. Јас сум родител, пријател, сопруг, средовечна личност од македонската нација. Цела академска кариера се занимавам со една опсесија: Русија, од Достоевски, руска литература и култура, до руска философија. Од пред една година избран и за почесен професор во Москва: идеална мета за омраза на прозападните политичари и активисти. Но, што да се чини, како велат, јас не ги одбирам опсесиите, опсесиите ме одбираат мене. Секој творец е само медиум избран во историското време да пренесе некои трансисториски гласови. Исто како што не се целосно рационални нашите политички преференци и афилијации. Да, моето лично и професионално образование ме довеле до сознанието дека да се биде политички активен е можно само како левичар, но сепак и во политичкиот избор на секоја личност има многу повеќе емоции, отколку разум. Така и јас, чувствувам дека и во овој случај, левичарството ме избрало мене, не јас него. Како претставник на Левица и јас и моите сопартијци, „веќе со години, секој ден се соочуваме со закани и ризици по нашите животи“; особено од 2018 година кога се боревме, говоревме и стоевме на списоците за одбрана на македонското име, во наметнатиот Договор за името.

Со години добивамe јавни и тајни закани. И во времето на Груевски и во времето на Заев. Јавни личности, партиски лидери и познати претставници на НГО-секторот се помеѓу оние кои шират закани, кои ни лепат етикети и нè осудуваат. Нè етикетираат и навредуваат секако. Од „лева рука десен џеб“, левите-десни, десните леви, „левото маде“.... Час сме ВМРО, час сме СДСМ (по потреба). Антизападни сме, па про-руски, па про-кинески... И вака оставени на ветрометина како мали, незаштитени, во ничиј олигархиски скут, ниту во прегратката на ниту една империјална сила, препуштени сме само на нашата верба дека единствено што сме „про“ е дека сме „промакедонски“ и таа верба нè крепи. Ние никогаш, никогаш барем јас, не сум се декларирал како никаков „про“, за разлика од другите, кои се „про“ - про ЕУ, про НАТО, про западни (што и да значи тоа?). Пазете, тој наратив е толку силен, што не само што се слуги (про), туку се и горди на тоа. И гаје немаат со тоа!

И од таа перспектива лепат етикети, осудуваат, стигматизираат, распнуваат. Македонските ТВ и Интернет-медиуми, блиски до овие „про“ западни, ЕУ, НАТО елементи, платени со ситни пари по основ на разно-разни грантчиња, со единствена цел – ширење „про-западна“ пропаганда, ме нарекуваат со секакви имиња, лепат секакви етикети. Сум дочекал во емисија на национална телевизија да ме наречат „русофил“, колешка од академскиот свет на социјалните мрежи ме нарече „руски шпион“ (го чувам скриншотот за секој случај), па „мизогин“.... „Ничим изазвани“ за нив сум русофил, само затоа што академски, научно се занимавам со Русија. Иако, при тоа, академски сум престојувал не само во Русија, туку и во САД, сум добивал и рубљи и долари, „ме плаќал“ и западот и истокот!

Левица како партија и нејзините членови се честа мета на ваквите закани. Моите сопартијци, соборци и идеолошки истомисленици, се нарекуваат непријатели, кочничари на македонската иднина, конзервативци, противници на „западните вредности“ (повторно, што и да значи тоа), „руски играчи“, „кинески играчи“, антизападни...про-источни... Некои дури и повикуваат на наше укинување и забрана. „Ова е наша награда“ за промовирање на македонските национални интереси, на човековите и граѓански права на оваа нација, особено што „сегашнава влада е искрено посветена на интеграцијата во ЕУ и промовирање на еднаквоста и правдата во земјата“, таква една влада би требало да покаже поголема толеранција кон различностите во ставовите.

ДЕЛЕГИТИМИРАЊЕ НА БОРБАТА ЗА НАЦИОНАЛНИTE ИНТЕРЕСИ СТАНУВА НОРМА

„Не се работи за еден напис, информативен или коментаторски; не се работи за изолирани настани“, туку за систем кој дури нема ниту да го препознаете како закана. Заканите кои ги добиваме сите ние „не-про-западни“, ами само „про-македонски“ елементи, не се отворени, фронтални, туку уште полошо - скирени, суптилни, систематски и смислени. Тоа се центри на неолибералната моќ инсталирани во сите медиуми до еден, во сите институвции, партии... кои ја шират неолибералната мантра, против која секој друг говор изгледа како недозволиво богохулење. Тие новинари, политичари, претставници на нивните НГО-а се високоорганизирани, споделуваат исти наратив, промовираат ист јазик, користат еден типичен новоговор... Ќе ги препознаете по мантрите: „либерализам“, „демократија“ а особено по фразите: „европски вредности“ и „меѓународна заедница“! Еве, да ја искористам приликата да ги прашам кои се тие „европски вредности“ и каде се запишани? И ако се некаде запишани, како се запишани? како заповедите предадени на Мојсеј на Синај? Дали под „европски вредности“ мислат на нацизмот и фашизмот кој никна во Европа? Дали можеби под „европски вредности“ мислат на европското колонизирање на третиот свет? Дали „европски вредности“ е тортурата и масакрот која европската престолнина Брисел, поточно Белгија со легитимниот крал Леополд II ја вршеше скоро до средината на XX век во Конго, кога брутално се убиени над 15 милиони африканци? Дали се „европски вредности“ можеби напалм бомбите на Британците во Беломорска Македонија...? Вакви „европски вредности“, верувам и самите, драги читатели, ќе најдете, ако се потрудите да го разбиете наративот од мејнстрим медиумите и самостојно истражите по интернет. Полна е историјата (но не онаа официјалната, што овие НГО-застапници, политичари, медиуми... ви ја продаваат платени од тие „европски вредности“), со вакви примери на „европски вредности“.

А ако се обидете пак да продолжите да ме убедувате во „европските вредности“ и да ми кажете дека станува збор за „европските вредности“ градени во ЕУ, да ве потсетам, дека тоа што сега го „посакуваме“ како „заедница“, почна како здружение за јаглен и челик. Да, обично здружение за јаглен и челик. Ако и тоа ви е малку да ве убеди дека таа „унија“ не настанала од „вредност“, ами од чист, гол економски (дури не ни политички) интерес, да ве потсетам на скорешната „пандемиска историја“ на таа ЕУ. Да ве потсетам дека „европските вредности“ ни донесоа 4650 дози вакцини! Да ве потсетам дека ЕУ упорно не сака да ги регистрира кинеската и руската вакцина додека нејзините граѓани самостојно се организираат и патуваат во Русија да се вакцинираат со Спутник. Да, неодамна видов дека Германија развила „вакцинален туризам“! Да, да, вакцинален туризам! Какво жилаво само-перпетуирачко копиле е тоа капитализмот: наместо Германците со вили да ги набркаат своите власти, да го превртат системот наопаку затоа што не им обезбедува вакцинација и заштита, тие згора и среќни што капитализмот им овозможил да платат 1000-2000 евра на некоја приватна туристичка агенција и да заминат во Русија и таму да се вакцинираат. А уште пак, за патување во рамките на ЕУ, овие со „европските вредности“ немало да ги признаваат вакцинираните со кинески и руски вакцини. Значи од каде не ти даваат нивни вакцини, од каде не ти даваат да набавиш „не-западни“ вакцини (оти нели „стратешки партнери“ сме), ами дури и ако се вакцинираш со овие источниве, не ти ги признаваат! Бреј мајката, многу вредни вашите вредности! Уште да ве потсетам на Европа со „три брзини“ на французинот Макрон? Да ве потсетам на „уште именцето и готово“!? Да ве потсетам на најновото: „уште Бугарија и готово“!?

„Заканите се широко распространети“, но и скриени, бидејќи агресорите се и јавни личности, но и анонимни тролови. „Тие се членови“ на наводно либерални политички партии, високи функционери во политичките партии на власта, „припадници на полицијата и високо организирани групи на партиски тролови“. Тие преку ЦИВИЛ-ните организации лоцираат, идентификуваат и бележат групи на луѓе по социјалните мрежи, медиумите и ги етикетираат како некои кои наводно шират дезинформации и говор на омраза. Овие ЦИВИЛ-ни организации се појавуваат во улога на (пара)  државни органи – истражни, судски и извршни. Тие се чувари на вистината, тие утврдуваат факти, тие судат, тие пресудуваат, тие извршуваат. Тие следат кој што кажал, тие оценуваат дали е говор на омраза (иако има дури и прецизно утврдена дефиниција што е говор на омраза), тие прават списоци, ги објавуваат, ги линчуваат! И пази! – дури на суд имаш право на жалба, но не и кај нив – кога еднаш ќе те етикетираат како антизападен, дезинформатор, про-руски, шпион, конзервативен и секако- фашист...готово, немаш право на жалба и поплака!

„Овие пропагандни центри прават сè за да ги омаловажат и дискредитираат поединците и организациите кои работат на промовирање“ на националните вредности, националното достоинство, на правдата, еднаквоста и човековите права, на сите, па макар (да не ви се верува) и на Македонците. Затоа, „мојата работа е во директна спротивност на сè што тие претставуваат. Тоа е причината за оваа огромна повеќегодишна мрачна кампања против оние што се залагаат за човековите права.“

„Јас сум еден од оние кои едноставно се откажаа од барање заштита, правда и/или надоместување на штетата предизвикана од нападите со омраза на социјалните мрежи и во медиумите. Скоро никој не се конфронтира со насилството преку Интернет. Напротив, околу омразата се кренати ѕидови на тишината. И институциите молчат. Јавноста, граѓанските организации и медиумите претежно молчат бидејќи многу од нив стравуваат од одмазда од авторитарните политички сили“, кои не само што се власт, туку се и систем. Која власт и да дојде, неолибералниот дискурс е идентичен! Тој е фантом кој владее со сите, независно кој владее. Тој систем има воспоставено „долгогодишни коруптивни врски“ помеѓу секоја влада и медиумите и НГО-секторот. Тоа е мрежа која те фаќа и од која нема бегање!

„Правдата и отштетата се изгубени битки. Судските процеси се бавни, скапи и со непредвидлив исход. Нашите обиди да бараме правда и компензација се придружени со уште пожестоки онлајн закани со омраза и малтретирање. Да се ​​живее со ваков притисок е тешко, особено кога се знае дека дезинформациите и пропагандата на омраза се креирани од моќни структури, отворено поддржани од“ од западот и едниствениот политички наратив! Со сегашните млитави реформи, „неказнивоста останува предизвик за општеството и државата. Надлежните институции се бавни и немаат капацитет и разбирање за овие прашања, додека правосудниот систем сè уште страда од последиците“ од владеењето и доминацијата на оваа неолиберална мантра што ја држи државата во заробеништво цели три децении. „Сето ова ги прави архитектите и дистрибутерите на пропагандата со дезинформации и омраза практично недопирливи. Тие отворено се спротивставуваат“ на секоја алтернатива во мислењето, а камо ли во делувањето. Тие измислија фраза „евро-атлантски интеграции“ и кога ќе им ја преиспитате, затоа што такви евро-атлански не постојат, тие ве нарекуваат русофил, антизападен, регресивен...противник на владеењето на правото и правдата...

МОЕТО ОБРАЌАЊЕ ДО МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА

Уште една таква фраза по која ќе ги препознаете претставниците на овие либерални мантри е „меѓународната заедница“! Гуглав да видам која е таа „институција“ и не најдов. Има НАТО, има ОН, има ЕУ, има ФИФА... нема „меѓународна заедница“! Ама ним не им пречи да ја повикуваат да ни ги решела проблемите по нивни терк, по нивни урнек, не по наш! И еве ја повикуваат. Ајде и јас да ја повикам:

Меѓународната заедница и институциите на ЕУ треба да се солидаризираат и отворено да го поддржат македонскиот народ во остварување на своето природно загарантирано и меѓународно признато право на самоопределување. На ниту еден народ во досегашната човекова историја не му било наложено да се самоукине! Затоа, меѓународната заедница, и институциите на ЕУ, треба да ги „поддржат и штитат бранителите на човековите права од постојаните обиди за делегитимирање и криминализирање на нашата работа“ како бранители на сопствените национални интереси. „Тие треба да помогнат во видливоста на работата на бранителите на човековите права. Видливоста и јавното признание би помогнале да се одвратат агресорите од извршување на заканите што ги искажуваат во јавноста“.

Нашиот не-сервилен менталитет, не би повикал никоја друга заедница, макар била и „меѓународна“, но ајде да се ставиме за миг во поданичкиот менталитет на овие од ЦИВИЛ-ниот сектор, па и ние во истиот манир да ја повикаме меѓународната да ни се меша во домашните институции: „Меѓународната заедница треба да ги охрабри нашата влада и институциите, пред сè судството, но и Министерството за внатрешни работи да поведат истраги и да спречат влошување на безбедносната состојба. Сите институции треба да ги следат своите обврски и да ги штитат бранителите на човековите права – да се стави крај на неказнивоста.“

„Многу е важно членовите на Европскиот парламент, особено оние на Европската народна партија, да разговараат со своите партнери од партијата ВМРО-ДПМНЕ. Тие треба да побараат од нив да ги затворат фабриките за пропаганда преку Интернет и да апелираат на промена на вокабуларот меѓу нивните членови и приврзаници“, за да останат само фабриките на неолибералната и про-западна пропаганда, нашите фабрики, фабриките на „европските вредности“, да остане само единствено дозволениот вокабулар, само единствениот светоглед, единствениот (ново)говор, единствената реторика... како што е измислена, утврдена и кодифицирана од домашните НГО-бирократи во сервилна соработка со вас, ценета „меѓународна“!

„Што се однесува до радикалите во партијата Левица, властите треба да дејствуваат сега, пред нивната неофашистичка пропаганда да добие сериозни размери.“ Значи, внимавајте „неофашистичка пропаганда“! Значи - „неофашистичка пропаганда“! Оваа етикета, драги мои, заслужува цела нова колумна, затоа што треба да им објаснам детално на моите деца на долго и широко зошто татко им е „неофашист“! Затоа, за „мојот и нашиот неофашизам“, во следната колумна. Особено да видиме, кој всушност е вистински фашист! Толку лесно либераливе се расфрлаат со терминот „фашист“ што дури кога би ги плеснал и во нос со чизма вистински фашист, нема да го препознаат. Затоа, ќе им го нацртаме во следната колумна!

Трајче Стојанов
Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?