АСО: Бројот на претставки решени во корист на осигуреници зголемен за 37 отсто, најчесто се жалат на основ за исплата и висина на надомест

Објавено во: Економија 26 Мај, 2023
Продолжува да расте бројот на претставки кои до АСО ги поднесуваат незадоволни осигуреници што укажува на заклучок дека осигурениците ја препознаваат посветеноста на менаџментот и вработените на АСО во заштитата на правата на осигурениците. Очекувано најбројни, во првите три месеци годинава, се поплаките на осигуреници при обештетување од автомобилска одговорност. Во овој период не била поднесена претставка само за една од вкупно 16 компании за осигурување
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) во првите три месеци годинава прими 71 претставка од осигуреници кои се пожалиле на услугите од осигурителни компании. Бројот на поднесени претставки во овој период е зголемен за 14,5 отсто во споредба со првиот квартал 2022 година.
Од поднесените претставки, 5 биле без основ за разгледување, а подносителите во 6 случаи ги повлекле своите поплаки.
Во корист на осигурениците се решени 11 претставки. Во процес на постапување се 16, а негативно се решени 33 поплаки на осигуреници.
Очекувано, и годинава најголем број на поплаки има во најмасовната осигурителна класа „осигурување од автомобилска одговорност (АО)“ која е задолжитена со закон. Поднесени се 34 претставки за штети кои настанале во сообраќани незгоди и се покриени со ова осигурување.
Најбројни, вкупно 18, се претставките во кои осигурениците се жалат на решавање штети настанати при сообраќајни незгоди решени врз основа на користење полициски записник. Најголем дел од нив се однесуваат на висината на обештетувањето и се решени негативно.
Во овој период е намален бројот на поплаки за решавање штети врз основа на пополнет европски извештај. Во првите три месеци се добиени 13 претставки за решавање штети и тоа е за 32 отсто помалку од истиот период лани.
За осигурување имот се поднесени 9 претставки, а по 8 се однесуваат на приватно здравствено осигурување и на осигурување од незгода.
Исто како и претходната година, во однос на причината поради која се жалат осигуреници, најбројни во овој период се претставките кои се однесуваат на основот по која компаниите исплаќаат штети. За првите три месеци се примени 33 такви претставки и тоа е за 65% повеќе од истиот квартал во 2022 година.
Најзначајно намалување на бројот на поплаки има за процесот во кој компаниите ги обработуваат штетите на осигурениците. Од почеток на јануари до крајот на март годинава се поднесени само 5 такви претставки и тоа е за 68 отсто во однос на истиот период лани.
За висината на надоместот на штета што го нудат осигурителните компании во првите три месеци годинава се пожалиле 19 осигуреници. Во овие случаи АСО нема надлежност да одлучува за висината на надоместокот, но ги утврдува условите и околностите во кои е донесена одлуката за износот на понудена оштета.
Од поднесените претставки 61 се поднесени од граѓани, а 10 од правни лица.
Претставка до АСО се поднесува ако осигуреникот не е задоволен од одговорот на осигурителната компанија за оштетното побарување или не добил одговор во рок од 30 дена. АСО не разледува анонимни претставки или случаи за кои се води судска или друга постапка.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Можеби ќе ве интересира
За храна и пијалоци за едно семејство се потребни над 19.500 денари - колку „тежи“ минималната кошничка?

БАЛКАНОТ "СПИЕ" НА ЗЛАТО: Откриено уште едно наоѓалиште во Босна и Херцеговина

НА БАРАБАН ОДИ СИМБОЛОТ НА НЕКОГАШНИОТ СОЦИЈАЛИСТИЧКИ ШОПИНГ - се продава Стоковната куќа „26 Јули“, досега газда и беше „Кристал“ од Велес

ВЛАДАТА МУ ДАДЕ НА НОМАГАС 3,3 МИЛИОНИ ЕВРА - парите се за експропријација на земјиштето за Интерконекторот на гас кон Грција

Како се снаоѓаат пензионерите со мали пензии за да го поминат месецот?

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е ЛИДЛ: За што доби награда во Србија?

Инвеститорите очекуваат нов пад на вредноста на турската лира

ЗА БИТИЌИ ИНФЛАЦИЈАТА ПАДНАЛА: Економските политики давале резултати
