Азески: Ако е стабилно, зошто министре се одложува исплатата на дивидендите
Објавено во: Економија 02 Март, 2021
Ако се вака стабилни проценките за финансиската состојба, зошто е потребно да се испраќа сигнал и да се одложува исплатата на дивидендите? Тоа е прашање што треба да се коментира министре, рече денеска Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија каде разговараше со вицепремиерот Фатмир Битиќи и со министерот за финансии Фатмир Бесими.
Прашањето следуваше откако министерот Бесими и вицепремиерот Битиќи коментираа за испалатата на државната помош кон фирмите со тврдења дека буџетот е стабилен, а економската ситуација се подобрува.
Одговори вицепремиерот Битиќи кој сепак се огради од одлуката на Народната банка со образложение дека таа е реуглатор на пазарот и не треба да се коментираат нејзините одлуки.
„Во принцип, не коментирам одлуки кои што доаѓаат од тие кои што се надлежни да го следат пазарот, во случајот Нардоната банка донесе една таква одлука и сметам дека тие најсоодветно би можеле да одговорат зошто нивната проценка во овој момент е банките да не делат дивиденди. Искрено, не би сакал повеќе да коментирам, рече Битиќи.Народната банка во петокот донесе одлука за времено ограничување на подолба на дивиденда од страна на банките. Одлуката наиде на револт кај акционери, додека некои експерти коментираа дека таа е донесена поради претпазливост и е оправдана.