БАВАРИЈА ЌЕ НАБАВИ 2,5 МИЛИОНИ ДОЗИ СПУТНИК V: Потпишан прелиминарен договор
Објавено во: Свет 08 Април, 2021
Германската
покраина Баварија преговара за „прелиминарен договор“ за набавка на 2,5 милиони
дози на руската вакцина поротив Ковид-19, Спутник V, објави регионалниот лидер,
Маркус Содер, пренесува Euronews.
-Овој „прелиминарен договор е потпишан денес“, рече конзерватнивниот политичар, додавајќи дека ако Спутник биде одобрен во Европа, тогаш покраината Баварија ќе добие дополнителни дози вакцина, односно 2,5 милиони, во наредните месеци.
Р-Фарм Германија, подружница на рускиот гигант за производство на лекови Р-Фарм, има производна линија во баварскиот град Илертисен и е во позиција да ја произведува руската вакцина, наведуваат повеќе германски медиуми.
Инаку, Содер, уште во март побара од ЕМА да го „забрза“ процесот на одобрување за Спутник V.
Процесот на вакцинациите во ЕУ тече многу бавно за што е и постојано критикуван, па и другите земји-членки - имено Австрија и Словачка - веќе објавија дека преговараат за нарачка за руската вакцина.
Спутник V сè уште е предмет на одобрување од Европската агенција за лекови, а Унгарија во моментов е единствената членка на ЕУ што ја употребува руската вакцина. Германската влада досега соопшти дека сака да почека ЕМА да донесе одлука пред да влезе во дискусии за купување, но истовремено Германија е еден од главните поддржувачи на руската вакцина во Европа.
Другите западни земји ја обвинуваат Москва дека ја користи својата вакцина како алатка за геополитичко влијание, обвинувања што Русија ги отфрла.