Бектеши сигурен дека ќе има продавачи на зелените пазарчиња
Објавено во: Економија 18 Декември, 2018
Крешник Бектеши, министерот за економија, вели дека на зелените пазарчиња ќе имаат продавачи и во 2019-та, кога стапува во сила новиот закон за трговија со кој овие работници ќе треба да имаат сопствена лиценца и нема да смејат да работат како пензионери и вработени на друго место.
Од Стопанската комора вчера предупредија дека во моментов има од 20.000 до 25.000 на тезгите, но од Нова Година ќе се намалуваат и може да се скусат за 6.000 доколку не се направат законски измени.
Бектеши рече дека брзо ќе се интервенира со измени и дополнувања доколку дојде до несакани последици, а засега законското решение останува со примена од 1 јануари. До Нова Година има уште две недели, а тоа според министерот е недоволно време за „ревизија“.
Тој најави дека оваа недела ќе има средба со Комората на пазарџии за да поразговара околу нивните забелешки и предлози што ги добил дури вчера.
- Мора да се има предвид дека треба да почекаме и да виидме како ќе се спроведе новиот Закон. Во моментот кога ќе констатираме заедно со коморите дека има недостатоци, секако ќе направиме измени и дополнувања, објасни Бектеши.