Бектеши вели дека инспекторатот предводен од Стојко Пауновски не го контролирал независно квалитетот на горивото
Објавено во: Економија 18 Мај, 2021
Крешник Бектеши, министерот за економија, денеска рече дека Државниот пазарен инспекторат под водство на доскорешниот директор Стојко Пауновски направил само една проверка на квалитетот на горивата со мобилната лабораторија која пред две години беше купена од Владата за 500.000 евра.
Ваквата реакција на Бектеши следува по сторијата за големиот увоз на опасно нафтено масло кое е забрането во ЕУ додека во Македонија на големо го користат индустриските произведувачи и комбинати. Министерот вели дека наместо независната лабораторија на државата, се користеле приватните.
Инаку претходно, Пауновски во сторијата на ИРЛ тврдеше дека наодите за неквалитетот и опасноста на ова гориво веќе ги испраќал до Министерството за економија.
„Ние како држава во последните две години набавивме независна мобилна лабораторија која е во сопственост на Бирото за метрологија, која директорот на Државниот пазарен инспекторат до овој момент ја користел само еднаш
Јас не би сакал да го користам зборот „лажел“ во тоа истражување, но има многу невистини, бидејќи токму оваа лабораторија можеше да се користи за да се направат такви проверки, но тој ниту еднаш не ја известил Владата, ниту Министерството за економија, за какви било сознанија
Ние како Министерство за економија такви сознанија не сме имале, а мобилната лабораторија не била користена од Државниот пазарен инспекторат, туку продолжил да ги користи приватните лаборатории“, рече Бектеши.