Берлин: Се прават напори за усвојување на рамката со Албанија, и покрај проблемот со Северна Македонија
Објавено во: Балкан 03 Декември, 2020
Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Марија Адебахр, на редовната конференција во Берлин изјави дека земјатапретседавач со ЕУ работи со полн интензитет за што побрзо отворање на преговорите.
„Советот на ЕУ во март годинава одлучи да започне преговори со Албанија и Македонија и нашата цел останува да ги започнеме овие преговори што е можно побрзо.
Ние сме на мислење дека Европската унија даде збор и тука се занимаваме со кредибилитетот на ЕУ и стабилноста на Западен Балкан, така што она што го знам досега е дека интензивните консултации сè уште се одржуваат во Брисел и на билатерално ниво во земји членки и дека истите продолжуваат. Не се предаваме и мора да напредуваме,беше цитирана Адебахр од Дојче Веле.
Таа не рече дали ќе се одобри рамката за преговори со Албанија, но истакна дека желбата е разговорите да започнат што е можно побрзо.
Дипломатски кругови од Берлин за ДВ изјавија дека во моментов се прави обид да се донесе барем рамка за преговори со Албанија, без оглед дали е постигнат компромис меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Ова е идеја на секретаријатот на Советот на ЕУ, која е поддржана и од Германија, но сепак има голем број земји скептични кон предлогот.