БЕШЕ ГОЛЕМ ЧОВЕК: КАКО Д-Р ЈОВИЦА УГРИНОВСКИ ГО СПАСИ ЖИВОТОТ НА МАЛИОТ ДАВИД - трогателната приказна ја објави Аџибадем Систина
Објавено во: Македонија 30 Ноември, 2022
За операцијата на Давид тој изјави дека ако следиме медицински правила, Давид не требаше да се оперира. Тоа е како да оперираш мртов човек. Но, неговиот инстинкт, долгогодишното искуство и брзината му дале за право, и покрај тоа што шансите за преживување биле еднакви на нула, да влезе во операциона сала и да го оперира.
„Фактот дека ситуацијата се влоши во 2 часот наутро, а ние влеговме во сала во 3 часот наутро, само еден час по случката, ми будеше надеж дека ќе го излечам. Операцијата траеше околу 4 часа, се извади целиот тумор и почна голготата што траеше со месеци. Да се ослободи од машината, да почне сам да дише, да добие движење на рацете и нозете. Вклучени беа сите екипи, првенствено анестезиолозите, физикална терапија“, објаснуваше проф. Угриновски.
Родителите на малиот Давид, Ана и Михајло, објаснуваат дека за нив секој ден бил нова надеж, верувале дека Давид ќе ги отвори очите, а поддршката од проф. Угриновски била клучна за оздравувањето на Давид.
„Давид 45 дена беше на апарати, секој ден го чекавме да се разбуди. Бевме големи оптимисти и верувавме, имавме голема надеж и верба. Постојано му зборувавме, му пеевме, му пуштавме музика. Целиот персонал беше насмеан и наклонет кон него. Имаше атмосфера како ништо да не се случува. Имавме дозвола од професорот постојано да бидеме покрај него, постојано да му зборуваме и да го храбриме. Едноставно да нè чувствува. Професорот Угриновски доаѓаше секој ден по неколкупати за да го види и чекаше дали тој ќе се закашла. Еден ден додека разговаравме со него, Давид се закашла. Професорот кога го чу тоа, само силно извика „браво“ и беше многу среќен. Тоа беше моментот што го чекавме. Давид надмина сè. Тој почна да ги отвора очите на 45. ден“, со солзи во очите, се потсетува Ана Домазетовска на тешките моменти од интензивното лекување на Давид.
„Никогаш нема да можам да се оддолжам на менаџментот, на проф. д-р Јовица Угриновски и на медицинскиот персонал во ‘Аџибадем Систина’ за сето она што го направија за нас. Давид беше нивни вистински миленик. Не дозволија ништо да му недостига. Целиот наш 4-месечен престој во болницата беше бесплатен, а беа покриени и трошоците за зрачниот третман. Д-р Угриновски го спаси животот на нашиот син“ – објаснува Ана Домазетовска, мајката на Давид.