24 Април, 2024
0.0293

Бислимовски за Фактор: Ако ТЕ-ТО перел пари со струјата, нека одговара

Објавено во: Економија 04 Октомври, 2018

Добивај вести на Viber

Регулаторната комисија за енергетика не можела да види, ниту пак да спречи непазарно купување гас и продавање електрична енергија од страна на домашни фирми, вели во разговор за Фактор, претседателот на комисијата Марко Бислимовски.
Топлификација АД обвини дека во планот за реорганизација на ТЕ-ТО е наведено дека од 2013 до 2017 година компанијата била условена да купува гас преку офшор фирма и да продава електрична енергија на домашна фирма која морала да ја продаде надвор од државата на дефинирана фирма. Оттаму тврдеа дека ова е непазарно купување суровини и непазарно продавање што е школски пример за перење пари. Бислимовски е претседател на комисијата од годинава, но таа е регулатор на пазарот и плус ги дава лиценците за производство на електрична енергија и топлинска енергија, лиценците за трговија со електрична енергија и за трговија со природен гас, кои ги има и ТЕ-ТО.

Бислимовски: Што се случува на слободен пазар ние не се мешаме. Немаме ингеренции ни со стариот закон, ни со овој закон за енергетика. Со новиот закон за енергетика малку ни се зголемија надлежностите во однос на мониторинг на пазарите. Веќе сме подготвени, имаме и платформа на која ни доставуваат податоци. Ама ни доставуваат податоци, на пример, производител А по која цена продавал на слободниот пазар и затоа што е скокотливо прашање, за тоа што се случува на слободниот пазар ние кажавме дека тие податоци се даваат за наши интерни употреби. На крајот на годината ќе објавиме агрегиран извештај. На пример, тој и тој снабдувач продавал по таа агрегирана цена, без да навлегуваме по која цена продавала на секој поединечен потрошувач. Не смееме да објавиме по која цена ја правел таа трансакција и во реално време, ние не знаеме што се случува, ни на пазарот за електрична енергија, ни на пазарот на природен гас. За електрична енергија трансакциите односно номинациите одат во МЕПСО. Значи МЕПСО знае ТЕ-ТО продал на пример 100 на некој снабдувач и снабдувачот мора да пријави дека купил 100. И кога тие ќе ги спои си проаѓа трансакцијата. Ни МЕПСО ни ние не можеме да им се мешаме по која цена ќе биде трансакцијата.

Фактор: Но ова се обвинувања од 2013 до 2017 година и плус се наведени во Планот за реорганизација на ТЕ-ТО поради стечајот. Имате ли барем сознанија дека тоа се случувало?

Бислимовски: Не се мешаме ние во стечајот. Не сме можеле ни да имаме такви сознанија. Не го следиме тоа. Сега добиваме информации од март 2017 година и тоа дека ТЕ-ТО продал по некоја си цена. Не навлегуваме на кој. Во реално време тоа го прави МЕПСО.

Фактор: Во ред, не се мешате во слободен пазар. Ама навистина станува збор за непазарни трансакции ако се суди по објавеното и по тврдењата на Топлификација. Како гледате на тоа?

Бислимовски: Законот за енергетика дава дозвола да се продава електрична енергија надвор од Македонија. За да продадеш струја надвор од Македонија треба да обезбедиш преносен капацитет. Тоа го одредува МЕПСО на аукција. Треба да ти се јави македонска компанија од тука којашто продава на надворешната компанија и при тоа, на пример ако продава во Грција, на грчкиот електропреносен систем оператор и на македонскиот треба да им се совпаднат бројките по кои се одобрува трансакцијата. Има таква можност. Тоа била нивна пазарна одлука не можеме да им се мешаме.

Фактор: Ама според вас дали е пазарно?

Бислимовски: Во принцип има многу случаеви, трговец од Србија продава на Македонија, транзит проаѓа низ Македонија и ја дава во Грција. Има милион и една работа. А зашто вие мислите дека е непазарно? Прават така и други фирми.

Фактор: Во Македонија?

Бислимовски: Не, во Европа. Од една на друга, на трета фирма, енергијата шета. Е сега ако го правеле заради други цели, за да се избегнат даноци, да се прикријат други работи, тоа ќе си проверат други институции. Ние не можеме како Регулаторна ништо да направиме. Немавме законска можност да им бараме податоци.

Фактор: А немавте увид во нивните ревизорски извештаи? Вие давате лиценци.

Бислимовски: На сите не им бараме извештаи, туку само на оние на кои им определуваме цена. На ЕВН, на БЕГ, на регулираните енергетски дејности им бараме. На овие другите кои се на слободен пазар немаме надлежност да им бараме.


Фактор: Планирате ли да се вклучите, веќе има истрага за случајот ќе соработувате ли?

Бислимовски: Има регулатива Ремит која ни дозволува да вршиме некоја истрага но само до таму до каде е реално регулаторот да може да испита. Ние само можеме да видиме нешто сомнително и да изреагираме. Само треба да ни се даде таква можност. Во принцип со цениве што ги добиваме од ТЕ-ТО за 2016 и за 2017 нашиот систем не исфрлил дека има проблем. На пример исфрлаше проблеми лани. Снабдувачите во 2017 година сите работеа со загуба. Кога ќе ја анализирате 2017 и во нашиот годишен извештај интересно е дека купувале по поскапа цена, а продавале по поевтина цена. Поради тоа што не си направиле подобро планирање, а во 2017 во јануари и февруари Бугарија ни ја затвори границата и цената отиде до 200 евра за мегават саат а овие веќе имаа договори направено по многу пониска цена. Но не ги следиме во текот на денот трансакциите. Ние сега со маркет мониторинг добиваме на крај на месец и за слободен пазар, набавна цена, продажна цена и тоа го гледаме и го анализираме. Ако излезе нешто сомнително, можеме да речеме си продал или не си продал. Друга брана ни е МЕПСО. Тој нема да дозволи да пројде трансакција ако не е во ред од физички аспект односно од технички аспект. Но во цена не можеме да се мешаме.

Фактор: А во однос на гасот? Купувале гас по цени кои не се берзански.

Бислимовски: За тие работи, за набавката на гасот кај нас дојдоа соодветни институции, водат постапка. Во принцип ние на ТЕ-ТО не можеме да му се мешаме по која цена купува гас, затоа што е слободен учесник на пазарот. Не можеме да му кажеме ти продавај по толку затоа што ние ти викаме, туку тоа е на слободен пазар. Сепак ние мора да ги заштитиме потрошувачите. Нема пазарна логика некој што му треба гасот како гориво да го купи по повисока цена. Тоа се согласувам, тоа нема логика. Но нема што ние да му кажеме. Ние може да реагираме ако тоа влијае врз потрошувачите.
Фактор: Од Топлификација велат дека ниту еден денар немало да биде испран ако вие сте реагирале навреме.

Бислимовски: Регулаторна тешко може да навлезе во перење пари, немаме капацитет.

Фактор: Знаете ли дека целиот случај го истражуваат и истражни органи?

Бислимовски: Прочитав дека истражува Финансиска полиција. Кај нас доаѓаа за друга постапка од МВР оти обвинителството отворило истрага за корисниците на топлинска енергија. Тука апсолутно Регулаторна е надлежна да каже како определувала цена на топлинска енергија. Друга истрага беше за тоа како е издадена лиценцата на БЕГ.

Фактор: Таа друга постапка што ја споменувате е всушност случај во кој се оштетени корисниците на топлинска енергија, затоа што РКЕ признавала поголеми загуби на системот во периодот од 2013 до 2017 година и велат дека таа штета изнесува 12,3 милиони евра, за која има и потврда.

Бислимовски: Нека ја анализираат нашата последна одлука од 2018 година за начинот на пресметка на загуби и нека ја споредат со претходните.

Фактор: А како било во претходните години?

Бислимовски: Има истрага и не би сакал да зборувам. Добар репер е 2018.

Фактор: Имало или немало пропусти од Регулаторна? Признале ли загуби во системот од 17 отсто, а било дозволено 12 проценти?

Бислимовски: Ги дадовме сите документи во МВР непријатно ми е да зборувам за претходни мои колеги. Загуби на енергија се пресметуваат на еден начин. За секоја мрежа има загуби. Во секој правилник, не само во Македонија туку и во Европа се кажува дозволен процент на загуби за таа и таа година. Во Македонија за струјата имаме процент кој е одобрен и над тој не може да се оди.  И се пресметува во најголем дел, за топлинска е 12 проценти.

Оваа година ние признавме 11,5 проценти.

Александра Томиќ


Можеби ќе ве интересира

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

КОИ СЕ БРАТОТ И СЕСТРАТА КОИ ЌЕ ДОБИЈАТ ДИВИДЕНДА ОД ПО 260 ИЛЈАДИ ЕВРА, А ИМА И ОД НАГРАДИ - од пиво добро се живее во Македонија

КОИ СЕ БРАТОТ И СЕСТРАТА КОИ ЌЕ ДОБИЈАТ ДИВИДЕНДА ОД ПО 260 ИЛЈАДИ ЕВРА, А ИМА И ОД НАГРАДИ - од пиво добро се живее во Македонија

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

ГЕРМАНСКИ СИНЏИР ГИ ОТВОРА СВОИТЕ ПРВИ СУПЕРМАРКЕТИ ВО СРБИЈА - еве каде сѐ ги има и каква храна ќе се продава

ГЕРМАНСКИ СИНЏИР ГИ ОТВОРА СВОИТЕ ПРВИ СУПЕРМАРКЕТИ ВО СРБИЈА - еве каде сѐ ги има и каква храна ќе се продава

„Лесно е да креирате политика со 2.500 евра, тешко е да преживеете со 22.500 денари“: Трендафилов - ќе бараме зголемување на минималната плата

„Лесно е да креирате политика со 2.500 евра, тешко е да преживеете со 22.500 денари“: Трендафилов - ќе бараме зголемување на минималната плата