25 Април, 2024
0.0302

Битки за територии во Сирија

Објавено во: Колумни 26 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Тоа што можеше да се навести уште по вклучувањето на Русија во настаните во Сирија на покана на сирискиот претседател Башар ал Асад, па првите воени инциденти со Турција и вклучувањето на арапската коалиција предводен од САД денес го имаме на дело. Во Сирија по речиси целосната победа над силите на Исламската држава почнаа да се водат битки за територии. А тоа значи битки за можна поделба на државата, иако сите учесници во воената игра се колнат дека се заинтересирани за територијална целосност на Сирија. Дури американскиот и рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин од Виетнам испратија заедничко соопштение во кое се нагласува дека и двете земји се залагаат за територијална целосност на Сирија. Според развојот на настаните се чини никому не му е гајле дека може да дојде до поделба на Сирија. А можеби некому тоа му е и цел.

На хартија така изгледаат работите. А во практиката, под мотото битка за зачувувањето на целосноста на Сирија и заштита од  „курдските терористи“ во тек е воена акција наречена „Маслиново гранче“. Ја водат турските воени сили на територијата на Сирија во граничниот реон. Мошне симболично име за воена операција. Очигледно Турците решиле мирот, чиј симбол е токму маслиново гранче, да го донесат со помош на војна. На удар се Курдите кои ги зазедоа пограничните реони на северот на Сирија на границата со Турција. За почеток на воената операција на северот на Сирија објави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган минатата сабота. Целта се два реона. Еден околу градот Африн и друг околу градот Манбиџ. Денес борби главно се водат во реонот  на Африн.

Турците најавуваат дека сакаат да ги обезбедат границите, да направат словоден коридор воширочина од 30 километри  и во ослободените реони да вратат околу 3,5 милиони сириски бегалци, кои се товар за државата. Кога велат да се обезбеди границата Турците мислат на безбедност од евентуални напади организирани од страна на Курдите. Но не сите, туку оние Курди блиски до Курдската работничка партија.која делува во Турција, а има свои приврзаници и во Ирак. Но не е само тоа. Многу повеќе Турците се загрижени од евентуалното создавање на курдска автономија во Сирија, како што има во Ирак, а да не зборуваме за евентуален распад на Сирија и создавање на курдска независна држава. Тогаш навистина има место за загриженост, бидејќи и ирачките Курди сакаат независнот. А две независни курдски држави, или во најмала рака автономии, на границата на Турција можат да бидат закана за стабилноста на Турција. Лесно може да дојде до немири во деловите на Турција каде што компактно живеат Курди, па барања за автономии или за отцепување од Турција. Тоа е вистинската загриженост на Турција. Загриженост која што може лесно да стане реалност.

Реалноста е диктирана од фактот што сега главен сојузник на Курдите се САД. Русите во моментов се малку настрана, иако и тие десетици години имаат тесни врски со Курдите во регионот. САД се вклучија во борбите во Сирија непоканети. Голема сила како САД и не чека покана. Тие ќе си ја напишат сами и се' со оправдување дека се вклучуваат во борбите со цел да ги заштитат Сиријците кои се противници на власта на Асад. И тоа на чело на арапска коалиција, а види интересно, во која е и Турција. Но тоа е судбината на малите држави. Во Сирија САД имаат неколку илјади воени лица. Почнаа како инструктори, а во меѓувреме се вклучи и борбената авијација и специјални сили. За САД одлуката на Ердоган до мир да дојде со војна не беше најпријатна. Дури напротив тие го повикаа да внимава како ја води војната, да не трае долго, да нема цивилни жртви и најважно да не биде убиен некој американски војник. Одговорот на Ердоган беше во смисла дека САД не можат да му кажат како да води и колку долго војна, имајќи предвид дека тие и во Ирак и во Авганистан водат војни кои траат со години. Вчера се јавија и од НАТО со повик до својата членка. Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, ја повика Турција да ја ограничи употребата на сила во Сирија. Тој навел дека Турција е земја што претпрела најмногу штета од тероризмот и дека секоја нација има право да се брани, но тоа мора да биде направено на одмерен начин. Турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушуглу, пак, соопшти дека САД предложиле создавање на зона на безбедност во Сирија на границата широка 30 километри за да се избегнат евентуални судири меѓу турски и американски војници.

Во наредниот период ќе видиме каков е тој одмерен начин во водење војна. Особено со курдските борци кои се мошне вешти и се опремени со современо оружје. Особено оние во Манбиџ кои го ослободија тој град од ИД со голема поддршка од страна на Американците. САД планираат да создадат „погранични сили“, кои би имале 30.000 припадници, а кои би ја чувале границата на Сирија со Ирак и Турција за наводно да се спречи враќање на припадници на ИД на територијата на Сирија. Русите и Турците реагираа на оваа одлука и изразија сомневање дека САД сакаат да формираат „свои“ воени сили во регионот што е под контрола на противници на владата на Асад, а кои нормално би можеле да се користат како опозициона вооружена армија која би им се спротивставила на регуларните воени сили на Сирија или пак за борби против Турција. Во крајна линија Турција никако не би сакала да се соочи со американски сили. Во таков случај ќе си ја свитка опашката. Можеби наредниве денови ќе има некаков договор меѓу САД и Турција на овој план. Дотолку повеќе што, како што велат од Анкара, Американците им ветиле дека нема да ги вооружуваат Курдите.

Русите пак во целата оваа работа како да седат настрана. Веројатно има некаков договор меѓу Путин и Ердоган. Тие разговараа телефонски за најновите настани во Сирија. Според Кремљ двајцата претседатели ја нагласиле важноста на „продолжување на активната работа за решавање на кризата, која треба да се темели на принципите на сочувување на територијалната целосност и почитување на суверенитетот на Сирија“. За Русите во моментов е многу поважно успешно да завршат подготовките за Конгресот на сирискиот национален дијалог што на 29 и 30 јануари треба да се одржи во Сочи. На тој собир се очекува да дојдат 1.600 претставници на најразлични политички и етнички групи од Сирија. Сегашниот развој на настаните не оди во полза на овој конгрес. Некои курдски групи токму поради тоа не сакаат да дојдат во Сочи, иако претходно дале согласност за тоа. Турција и Иран сесрдно и помагаат на Русија во убедување на можните учесници да дојдат во Сочи за да се најде долгорочно политичко решавање на кризата во Сирија. Но има сили надвор од Сирија кои ги убедуваат нив да не одат во Сочи. На 12 јануариво Вашингтон е расправано за Сирија во потесен круг во кој биле САД, Британија, Франција, Саудиска Арабија и Јордан. Деновиве одново се зборува за некаков нов напад со хемиско оружје во Сирија. Сето ова е дел од политичкиот фолклор.

Ако работите на теренот останат како што се сега тогаш Курдите би имале под контрола најголем дел од нафтените полиња, сегашната власт би го имала подрачјето на десниот брег на Еуфрат и делот покрај крајбрежјето, а евентуално некаква трета сила би ја контролирала пограничната област со Турција. Но со оглед на тоа што на сите, па и на Курдите, устата им е полна со територијална целосност на Сирија, тогаш останува да се зборува за подготовки за некакво решение за Сирија без Асад. Него не го сакаат ни Турците, ни петорката што на 12 јануари се состанала во Вашингтон. Можеби допрва ќе се засилува притисокот врз него. Дали заради хемиско оружје или нешто друго тој ќе биде  цел на Западот. Да не беа Русите досега ќе го снемаше.

И додека едни молчат и гледаат кон Сочи, други се лутат, а трети удираат...Сиријците си ја чекаат својата судбината, која очигледно е во туѓи раце.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД