БОМБА ИЛИ ПЕТАРДА - што одекна од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ
Објавено во: Македонија 23 Февруари, 2020
Пратеникот Антонио Милошоски објави аудио снимка, на која, како што тврди, се покажува како премиерот грубо се меша во судската власт и во специјалното јавно обвинителство.
Тој вели дека од снимката се слуша како Заев бил во дослух со поранешната обвинителка Јанева за сите нејзини одлуки.
Милошоски ја пушти бомбата, заедно со транскрипт од разговорот, која, како што вели, ја добил од свиркач кој му кажал дека се работи за снимка со висок материјален интерес.
„Заев како премиер во присуство на други лица дава експлицитно јавен исказ дека договарал одлуки со Врховниот суд, што е мешање во судкта власт и флагрантно кршење на законте. Бил во тесна врска со Катица Јанева која не можела да настапува самоволно. Јасно се гледа зошто му се брзаше на нелегален начин да се донесе законот за јавно обвинителство“, рече Милошоски. Според него, по ваков материјал Заев треба да биде приведен или викнат на распит.
Му одговори експремиерот Заев. „Јас во објавените тонски снимки ја коментирам одлуката на Врховен суд за непостапување за предметите од СЈО после јуни 2017 година, состојба со која предметите паѓаа доколку не се изгласаше Законот за јавно обвинителство.
Разговорот некој од присутните неовластено го снимал додека се разговара за причините и потребата зошто треба да се донесе законот за Јавно обвинителство. Toa се веројатно разговори од состаноците кои се водеа со претставници на партиите од власта и опозицијата од албанскиот блок на партии, кога се убедувавме и објаснувавме со групата од осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ зошто е важно да се донесе Законот за јавно обвинителство.
Неовластено снимениот разговор покажува зошто мораше да се донесе Законот за јавно обвинителство - покажува како со него се надминува одлуката на Врховен суд. Со ЗЈО овозможивме сите предмети да добијат правна разрешница врз основа на обезбедените докази. Се зборува дека врховните судии јасно информирале дека ќе ја донесат одлуката што тогаш ја донесоа согласно законот за СЈО каде што е предвидено дека до 30.06.2017 неовластени разговори се докази, а после може да бидат само индиции. Се друго што се слуша во објавеното неовластеното снимање од Милошоски е само аргумент плус преку убедување на соговорниците и потврда, зошто треба да се донесе новиот закон за Јавното обвинителство“, вели Заев.
Објавениот разговор или монолог на Зоран Заев ми наликува на негово себепромовирање во голем моќник, но и претставување како мој голем пријател, се јави и експретседателот на Врховен Јово Вангеловски, откако Милошоски во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ објави аудио снимка на која се слуша гласот на Заев како зборува за предметите на СЈО и за влијанието на власта врз одлуките на Врховниот суд.
„Видно од објавеното писмо на прес конференцијата на господинот Милошоски, се објавува разговор воден во месец мај 2019 година во просториите на Владата, а во кој се спомнува моето име. Објавена е аудио снимка во која лицето З.З. кажува дека со мене нешто договорил. Јас тврдам дека во месец мај 2019 година пред Врховниот суд немаше активен предмет во кој тогашното СЈО се појавува како странка која не е овластен тужител во постапките согласно начелното правно мислење на овој суд. Сите тие постапки беа завршени неколку месеци пред тоа. Со господинот Заев, јас како претседател на највисокиот македонски суд, сум имал неколку средби остварени во премиерскиот кабинет при што бев почестен со кафе и со вода. Од тука, мене објавениот разговор или монолог ми наликува на негово себепромовирање во голем моќник, но и претставување како мој голем пријател“, рече Вангеловски.
А му одговри СДСМ, од каде рекоа дека вознемиреноста на Вангеловски, познат како Јово превара е логична, и дек нема спас за криминалците.
„Кумот на Трајко Велјаноски, познат како Јово превара, не може да бара политичка причина за неговото разрешување, затоа што беше разрешен поради одлука за поништување притвор после која осомничено лице се пушти во бегство. Наместо политички фразеологии Јово превара треба да одговори пред граѓаните зошто чувал десетици предмети во фиока? ВМРО-ДПМНЕ и нивните извршители денеска се закопаа. Пуштија снимки од разговори со кои потврдија зошто мораше да се донесе Законот за јавно обвинителство. Јово Вангеловски, исто како и криминалецот Антонио Милошоски го знае новиот закон за ЈО, тие, заедно со Груевски и извршителот Мицкоски знаат дека предметите на СЈО ќе добијат пресуди врз основа на обезбедените докази“, напишаа од СДСМ.