Борисов за името: Тоа е ваша работа, немојте да помислите дека ви солиме памет
Објавено во: Балкан 16 Мај, 2018
Бугарскиот премиер Бојко Борисов се надева дека што е можно поскоро ќе се реши спорот со името меѓу Македонија и Грција.
Тој ова го изјави ден пред официјалниот почеток на Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржува во Софија, како и ден пред новата тет-а-тет средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, која ќе се одржи на маргините на Самитот, утре претпладне.
„Се надеваме дека конечно ќе се реши спорот со името на Македонија. Тоа е ваша работа. Ние само се надеваме, немојте да помислите дека ви солиме памет“- кажа Борисов на конференцијата „Дијалог со Западен Балкан: создавање на регион на раст, безбедност и поврзаност на патот кон Европа, која се одржа еден ден пред утрешниот Самит ЕУ-Западен Балкан.
Македонија има 11 милијарди БДП, Србија, 41 милијарда, Албанија 13 милијарди, Косово осум милијарди, Босна и Херцеговина 17 милијарди, Црна Гора четири милијарди, а Бугарија 57 милијарди, појасни бугарскиот премиер.
Според Борисов, земјите од Западен Балкан според БДП повеќе наликуваат на Словачка, отколку на Романија.