Бујар Османи: Законот за јазиците да не се чепка
Објавено во: Македонија 16 Октомври, 2019
Додека датумот за преговори со Европската унија се уште „виси“ на конец, и на домашен терен не цветаат рози меѓу коалиционите партнери во власта.
Вицепремиерот Бујар Османи смета дека Законот за јазиците не треба да се чепка. Овој став тој го изнесе за телевизијата Алфа, а следува откако претходно премиерот Зоран Заев и министерката за правда, Рената Дескоска, во врска со забелешките на Венецијанската комисија за Законот за јазици изјавија дека институциите се подготвени да ги имплементираат.
„Законот ќе се смени кога ќе има разбирање меѓу двете етнички заедници бидејќи тоа е јазик кој се носи со Бадинтер. Но ако праксата на двете страни ни укаже дека има потешкотии во имплементирањето и дека со одредена одредба може да се подобри функционирањето и ние ќе гласаме за смена на одредбата, но мора да има консензус“, смета вицепремиерот.
Венецијанската комисија, пак, забележа дека во одредени области, „Законот оди премногу далеку, наметнувајќи нереални правни обврски за јавните институции“, што може да ги закочат процесите, особено во судството.