24 Април, 2024
0.0259

Бунтеска: Maјка си е мајка, еве и на 70 уште кога ми е тешко си офкам-оф мори мајко

Објавено во: Стил 08 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Ќе ми простат татковците, но денешниов текст го посветувам на мајките. Што би рекол татко ми “абе мајка си е мајка, еве и на 70 уште кога ми е тешко си офкам-оф мори мајко”. И ќе ми простат и сите синови, но денес пишувам за односот мајка-ќерка, кој ми е (не само) познат и најкомплексен од сите, туку истовремено најубав и најболен. Е сега, кога велам мајка, не мислам само на оние жени кои родиле ќерки, туку и за сите оние кои имале љубов и сила да посвојат дете и целосно да се внесат во односот кој бара не само жртва, туку и голема мудрост. Впрочем, раѓањето на дете не не’ прави мајки-родители, туку се’ она што следи потоа (Господ да ни е на помош-иако не сум верник).

Дилемата и тежината во тој однос мајка-ќерка настана во моментот кога ќерка ми порасна доволно за да има свој став кон нештата кои директно ја засегаат, а и оние кои се дел од нашето секојдневие. Дилемите кои ме удрија беа сами по себе контрадикторни: слобода на личноста-да, ама колку за да не се изгуби контрола и детето да не стане збеснато и размазено; безусловна љубов и поддршка-да, но која е границата за себичноста да се има под контрола….и ред други работи.

Откако станав мајка, почнав многу повеќе да ги разбирам постапките на мојата, за која велев “јас кога ќе бидам мајка, ова никогаш, ама никогаш нема да го правам”. И сега се фаќам себе како ги повторувам истите реплики кои сум ги слушала од мајка ми. Но, заради генерацискиот јаз, учам да сум поопуштена и видиците да ми се пошироки. Би излажала ако кажам дека секогаш ми успева, но, секојдневно се преслушувам и растам заедно со ќерка ми.

Трпение и самоконтрола е она што го научив низ овие 11 и кусур години. Да го почитувам расположението на детето, на кое баш и не му е гајле дали мојата пријателка сака да го изгушка, па се трга и го прави оној лик кој недвосмислено значи “аман, остајте ме на раат”. Во мое време (колку ова страшно звучи), беше неприкладно и безобразно на сите родендени и слави да не дозволиш сите да те испошлапаат по лице по стандардните три пати, да те иштипат по образи и во различни фази од животот да не одговориш на прашањата “како во училиште, имаш ли симпатија, дали имаш дечко, кога ќе се омажиш”, па се до она “ајде, кога дете” или ако веќе го имаш, тогаш кога е другото во план!

До следниот понеделнички муабет, Ана Бунтеска. Повеќе на Женски Магазин.


Можеби ќе ве интересира

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти

МЛАДИТЕ БРИТАНЦИ НЕ ГО САКААТ КРАЛСКОТО СЕМЕЈСТВО: Само еден член стои полошо од Хари и Меган

МЛАДИТЕ БРИТАНЦИ НЕ ГО САКААТ КРАЛСКОТО СЕМЕЈСТВО: Само еден член стои полошо од Хари и Меган