28 Март, 2024
0.0318

Царинска политика по мерка на бизнисот

Објавено во: Економија 24 Април, 2019

Добивај вести на Viber

Во услови на единствен светски пазар, отвореност на економските системи на државите и нивна интеграција, нивото на царинската заштита на домашната економија има исклучително влијание врз нејзината позиционираност на светската економска мапа.

Царините се еден од основните инструменти за надворешно-трговска заштита на националните економии, при што нивната фискална функција како приход во државниот буџет добива секундарно значење, додека примарно значење имаат нивната заштитната и развојната функција.

Во нашата држава во 2017 година приходите од увозни давачки изнесуваат 5.174 милиони денари, односно само 4,9% од вкупните даночни приходи (кои изнесуваат 104.647 милиони денари), а овој процент е задржан и во 2018 година кога од вкупни 114.456 милиони денари даночни приходи само 5.604 милиони денари се реализирани од увозни давачки. Истото е потврда дека и кај нас од фискален аспект царините немаат преголемо значење, во споредба со останатите даноци и акцизите и затоа првенствено треба да се анализира како тие влијаат на промените на  релативните цени, а со тоа и на развојот на одредена гранка, на промените во вредностите на увозот и на извозот, на рамнотежата на трговскиот биланс и на националната економија.


Имено, царините имаат за цел покачување на цената на стоките кои се увезуваат за тие да станат поскапи во однос на домашните и со тоа да ја изгубат конкурентската предност на пазарот на економијата во која се внесуваат. Ефективна царинска заштита се постигнува со многу ниски царински стапки при увозот на интермедијарни стоки и високи царински стапки при увоз на финални производи.  

Во таа насока, царинската политика во нашата држава треба да се фокусира на тоа што треба да заштитуваме (повисоки царински стапки во услови на увоз на финални производи кои се произведуваат кај нас), како и на тоа како да произведуваме дома со цел да извезуваме (пропишување на пониски царински стапки при увозот на интермедијарни стоки, кои не се произведуваат во нашата држава).  


За да се постигне претходното, императив е царинската политика да ги следи промените во структурата на домашната економија кои во претходните години се во насока на зголемено учество на преработувачката индустрија во БДП и да е во функција на зголемување на конкурентноста на домашните претпријатија, за што се потребни анализи за долгорочниот потенцијал на македонската економија. Во изминативе години недостигаше системски пристап во царинската политика и истата се сведуваше на стихијно намалување на одредени царински стапки и на ad hoc носење на автономни мерки.

Во нашиот случај неопходен е системски пристап и ревидирање на одредени царински стапки со цел заштитата на домашниот пазар и производството од странска конкуренција и обезбедување поддршка на стратешките индустрии, со цел зголемување на нивната конкурентност и создавање можности за полесен пробив на неосвоените пазари.  

За таа цел, неопходно е да се тргне со поддршка на секторите кои се извозно ориентирани и присутни на странски пазари. Поради обемот на извоз кој од нашата држава е реализиран во земји-членки на ЕУ (во 2018 година доминира извозот во Германија со 2.756 милиони евра,но значаен извоз е регистриран и во Бугарија, Белгија, Романија, Унгарија и Велика Британија), а со цел обезбедување  еднакви услови од аспект на царинска заштита со компаниите од ЕУ, првенствено, потребно е приспособување на нивото на царинска заштита во нашата држава на ниво на истата во Европската унија. Кога увозот се прави од земји кои не се членки на ЕУ, ЕФТА, ЦЕФТА, Турција и Украина, нивото на царинска заштита на нашата економија за најголем број производи е повисоко од нивото на заштита во Европската унија.

Бидејќи, производството на нашите компании кои се извозно ориентирани е силно условено од увоз на суровини и репроматеријали кои не се произведуваат во нашата држава, а истите често се увезуваат од некои азиски држави или други земји кои не се членки на ЕУ, ЕФТА и ЦЕФТА, и при тоа финалните производи се извезуваат првенствено на европскиот пазар, повисокото ниво на царинска заштита во нашата држава негативно влијае на конкурентноста на домашните компании. 

 

Затоа, а и заради нашите аспирации за членство во Унијата и потребата за приспособување на заедничкиот пазар, неопходно е ревидирање на царинските стапки, во насока на нивно усогласување со царинските стапки во Европската унија.  

На кус рок, ваквите измени би можеле да предизвикаат одредени негативни фискални импликации врз Буџетот на државата, но на среден и долг рок истите ќе придонесат за заштита и раст на работните места во постојните производства и раст на индустриите важни за националната економија, што ќе доведе до пораст на приходите во Буџетот.

Анета Димовска, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија


Можеби ќе ве интересира

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

Просечна плата во АЕК надминува 1.000 евра

Просечна плата во АЕК надминува 1.000 евра

НИНГБО – СТОТИЦИ ИЛЈАДИ КОНТЕЈНЕРИ, СТОТЦИ ИЛЈАДИ ТОНИ СТОКА: Оттука па низ целиот свет, вака се поврзува Кина

НИНГБО – СТОТИЦИ ИЛЈАДИ КОНТЕЈНЕРИ, СТОТЦИ ИЛЈАДИ ТОНИ СТОКА: Оттука па низ целиот свет, вака се поврзува Кина

КАКАОТО СЕ ПРЕТВОРИ ВО НАЈСЈАЈНА ЅВЕЗДА НА ПАЗАРОТ - на берзите се плаќа речиси по 10.000 долари за тон

КАКАОТО СЕ ПРЕТВОРИ ВО НАЈСЈАЈНА ЅВЕЗДА НА ПАЗАРОТ - на берзите се плаќа речиси по 10.000 долари за тон

ВОЛВО СТАВА КРАЈ НА ЕДНА ДОЛГА ИСТОРИЈА - им кажаа збогум на „дизелашите“

ВОЛВО СТАВА КРАЈ НА ЕДНА ДОЛГА ИСТОРИЈА - им кажаа збогум на „дизелашите“

САНКЦИОНИРАН Е ВО УКРАИНА: Руски милијардер го купи „Звечево“

САНКЦИОНИРАН Е ВО УКРАИНА: Руски милијардер го купи „Звечево“