ЦЕЛА ДРЖАВА ВО СТРАВ: Во јагоди пронајдени игли за шиење
Објавено во: Свет 19 Септември, 2018
Австралија ќе ги зголеми затворските казни од 10 на 15 години за осудените за намерна контаминација на храна, изјавил премиерот Скот Морисон откако ширум земјата се пронајдени игли во јагоди.
Морисон рекол дека контаминацијата на јагоди со игли за шиење е слична на тероризам и дека од парламентот ќе бара итно да ги заостри затворските казни.
„На тој начин загадувачите на овошје ќе бидат изедначени со осудените за поседување на детска порнографија или финансирање на тероризам. Толку сериозно го сфаќам овој проблем“, истакнал Морисон.
Иглите најпрво се пронајдени во јагодите на еден фармер од државата Квинсленд, но после тоа се појавиле и во овошјето ширум државата, па полицијата сега истражува повеќе од 100 пријавени случаи.
Игли за шиење се најдени во јагоди, јаболки и банани, пренесе Ројтерс. Никој досега не е сериозно повреден, а од австралиската влада велат дека за поединечни случаи се покажало дека се подметнати.
Меѓутоа, бидејќи побарувачката опаѓа, фармерите се приморани да ги фрлаат јагодите, загрозувајќи индустрија вредна околу 115 милиони долари.
Тие затоа ја поздравуваат одлуката на владата, наведувајќи дека ќе се соочат со финансиска криза доколку проблемот не се реши брзо. Австралиските банки се подготвени да понудат финансиска помош за погодените фармери.