20 Април, 2024
0.0507

Цензори на руската култура

Објавено во: Колумни 13 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

Блогер од Краснодарскиот крај деновиве беше повикан на разговор во полиција за некој текст по барање од друг регион. Оваа вест уште еднаш ги поттикна разговорите за цензорите во руската култура. Подолго од една година трае притисокот врз филмот „Матилда“, кој малкумина го виделе, но многумина бараат забрана за негово прикажување. Премиерата најверојатно ќе се одржи на 26 месецов, но ништо не е сигурно. Пред некој месец во одделни региони во Русија беа “исфрлани“ од библиотеките книги издадени со поддршка од Џорџ Сорос...   

Сите овие појави зборуваат за превривања во руското општество. Превривања кои навестуваат дека во земјата културата е на удар. Но ударот не доаѓа директно од власта, како што би се очекувало. Тој доаѓа од не толку високи слоевина општеството, барем засега. Од дежурни чувари на чистототата на духот, на православието, на власта.

Михаил Малахов блогерот од воведот на текстов е администратор на една група во социјалната мрежа „ВКонтакте“. Го викнале во полиција по „анонимна“ нарачка далеку од неговиот крај. Поводот бил публикувањето на фрагмент од детската книга „Незнајко на месечината“, кој се однесува на полицајците-бандити. Патем, книгата е напишана во далечната 1964 година. Таа се смета за сатира на капитализмот, но некој се препознал во неа во денешна Русија. Книгата-расказ ги опишува авантурите на Незнајко и неговите другари, џуџиња, на месечината, па во неа има и елементи на научна фантастика. Според неа во Русија во деведесеттите години е направен и анимиран филм.

Што содржи фрагментот? Еве го во слободен превод:   

Акои се тие полицајци? -праша Харингичка.
-
Бандити! -со раздразнетост рече Клавче. -Чесен збор, бандити! Вообичаено, обврска на полицајците е да го заштитуваат населението од арамии, а во стварноста тие ги заштитуваат само богаташите. А токму богаташите се и највистинските арамии. Само не’ крадат, покривајќи се со законите, кои сами ги смислуваат. А, кажете, каква е разликата, дали мене според закон ме крадат или не според закон? За мене е сеедно!

-Овде кај вас чудно е некако!-рече Шрафче. –Зошто ги слушате полицијаците и уште тие…како ги нарекувате, богаташи?

-Пробај да не ги послушаш, кога се е во нивни раце: и земјата, и фабриките, и парите, и згора на се оружјето!

Токму овие десетина реченици разбудиле нечија „заштитничка“ совест. Па тој некој, сметајќи дека ќе направи големо дело накодошил во полиција, преку седум реки, полиња и планини. Така е барем официјалниот одговор на полицијата. Според блогерот Малахов  нему му поѕвониле од полицијата и со цела сериозност прашале:- Видете вака, а што пишувате вие овде, Харингичка прашала…Вие што, сакате да разгорите омраза кон полицајците“? Блогерот секако, се обидел да објасни дека се работи за фрагмент од книга, но неговиот соговорник му рекол „Експертизата ќе покаже“. Засега работата не е завршена, нема покренато обвинение, но полицијата продолжува да работи. Од она што ќе покаже „експертизата“ ќе зависи дали се’ ќе помине мирно или пак Малахов ќе треба да плати парична казна или да оди во затвор до пет години. Заради поттикнување омраза или непријателство…

Вревата што се крена околу напишаниот текст од администраторот на групата „Радикални мечтатели“ засега даде еден конкретен резултат. Читаноста на текстовите во групата е зголемена за четири пати. Реклама без пари од полицијата е добра, ако се’ остане на неа.

Но рекламата не е секогаш добродојдена. Алексеј Учител е режисер на филмот „Матилда“, кој мака мачи за да излезе пред гледачите. Пред некој ден имаше специјална проекција на филмот и разговор со Учител. Некои забележаа дека се она што се случува му носи бесплатна реклама на филмот, иако тој се уште официјално не се прикажува.

-Знаете што, јас не му посакувам таква реклама никому. Кога тоа се однесуваше на вербалното препирање, повеќе луѓе добиваа информации за филмот…Но кога веќе почнаа активни дејства на организацијата „Христијанска држава“ и кога кината добиваа писма дека ќе ги палат, секако, тоа е сосема друга ситуација“, изјави Учител во разговорот. Според него, „сега е во тек четвртиот круг на проверки од страна на разни организации“. Белким нема да се мачи до деветтиот круг.

Што е всушност филмот „Матилда“. Станува збор за љубовта меѓу принцот претстолонаследник Николај, подоцна император Николај II и примабалерината од Маринскиот театар од Санкт Петербург, Матилда Кшешинскаја. Се разбира со сцени за кои некои сметаат дека се неумесни. Љубовта траела четири години и прекинала кога Николај се верил со својата идна сопруга. Матилда била фатална жена за многу припадници од високото императорско општество. За некои од нив подоцна се мажела, од некои има деца...Живеела безмалку 100 години. На 99 години починала во Париз.Годинава нејзина пра-правнука е примена во балетот на Бољшој театарот.

Од каде реакциите? Филмот требаше да има премиера во 2016 година. Но, една пратеничка од Думата сметаше дека тој ги сквернави чувствата на верниците и побара филмот да биде забранет. Во целата работа се вклучи и црквата. Па имаше тужби, жалби, па истраги, па вклучување на навивачки групи против филмот, па палење на автомобил на човек близок до филмот, па закани за сопствениците на кината дека ќе им ги запалат доколку го покажуваат филмот…Филмот доби дозвола за прикажување во август годинава и тоа за лица над 16 годишна возраст. Но нападите не престанаа се појави некоја организација „Христијанска држава“ со свои закани. Нејзин лидер, човек со криминално минато е уапсен. Некои кино мрежи одбиваат да го прикажуваат филмот. Некои руски региони исто така одбиваат да ги прикажат филмот...100.000 потписи се однесени кај претседателот Владимир Путин со барање да ги заштити уставните права на граѓаните и да обезбеди неприкосновеност на православните светци и да ја одземе дозволата за прикажување.

Во предвечерието на премиерата на филмот вчера се огласи и рускиот патријарх Кирил.

Тој не споменувајќи го филмот го призна правото на уметникот да измислува, но посоветува да се разликува измисленото, како уметничка метода, од опасната за општеството-лага. Патријархот повика кон добросовесно однесување со историските факти и изрази мнение дека уметничките дела на историски теми треба да служат во обединување на општеството, а не да се сее раздор. Патем да кажеме дека Николај Втори е прогласен за светец од страна на црквата. Појасен во својата реакција е митрополитот Иларион.- Многу луѓе не разбираат зошто беше потребно во годината на стогодишнината од револуцијата уште еднаш јавно да се плукне во човекот, кој беше стрелан заедно со своето семејство, со малолетните деца. Годишнината од револуцијата е повод за молитва и за споменување на невино настраданите, а не за тоа да се продолжи со плукање на сеќавањето за нив, изјави митрополитот Иларион.

Ниормално на секоја акцииа има и реакција. Филмското братство во Русија, иако не целото, реагираше на односот кон филмот.За режисерот Борис Хлебников станува збор  за смешна и глупава историја. „Ние многу долго кон кловновите се однесувавме спокојно, кон депутати. И сега играта на кловновите стана дел од животот, а не само скандалозност. Кловновите влијаат врз нашиот живот и стануваат дел од неа“.

За Павел Лунгин она што се случува околу „Матилда“ совршено ја менува атмосферата на животот во општетсвото и го префрла него „во епохата на мракобесие, кодошење, страв. А по таа трага следат закани за жестока пресметка…Целата цензура кај нас во земјата доаѓа од долу. Таа е делегирана од многу темни слоеви на населението: некултурни, необразовани, кои со бес на новообратени се дерат за нешто што не го разбираат. Тие оперираат со стравот. И тоа не само со обраќање во полиција, туку и „ќе убиеме, ќе искасапиме, ќе запалиме““.

Во Русија веќе се зборува за ползечка реанимација на цензурата во руската култура. Иако тоа противречи на уставот на државата, каде што цензурата и идеологијата се забранети. Или за тоа дека под маската на православието на уметничките дела почнуваат да им се поставуваат едни или други услови за да можат да постојат. Се ова го зборуваат уметници или писатели, на кои им пречи тоа што црквата излегува надвор од своите предели и влегува на теренот на кината, изложбените салони, театрите.

Што прави Кремљ? Првиот човек се уште се нема јавено иако станува збор за појави кои задираат длабоко во општеството и патот на неговиот развој. Официјално портпаролот Димитриј Песков не сака да зборува за филмот се додека не го види. Но затоа пак се она што се случува околу него за Песков значи „добивање на непријатни форми“. Тој смета дека дискусиите за филмот треба да се одвојот од било кои појави на екстремизам, кои треба да се сосекуваат од надлежните органи. За него е е пожелно да се носат решенија под притисок на екстремисти, на пример, за правото на дистрибутерите за тоа кои филмови ќе бидат на репертоарот.

Но ниту збор за цензурата. Сигурно и тој смета дека во земјата нема цензура. Но затворањето очи пред фактите само ќе ја зголемува опасноста и за власта. Ползечката реанимација на цензурата од долу нагоре некогаш ќе дојде до врвот. А тогаш „ќе убиеме, ќе искасапиме, ќе запалиме“, ќе се слуша и од највисоките делови. Што ќе биде добар повод за експлозија на гневот и насобраната енергија кај незадоволните. Нас за тоа ни требаа осум години.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок