Човекот кој го управуваше „камионот на смртта“ призна вина
Објавено во: Свет 25 Ноември, 2019
Возачот на камионот во кој имаше 39 тела денеска се изјасни за виновен по две обвиненија.
Тој кажа дека е виновен за заговор за помагање на незаконска имиграција и за стекнување пари на криминален начин. Возачот Морис Робинсон призна дека со други луѓе заговарал за извршување на делото незаконска имиграција, како и тоа дека се стекнал со пари за кои знаел или се сомневал дека потекнуваат од криминално дејствување.
Минатиот месец во близина на Лондон беа пронајдени телата во приколката од каминот, а 25- годишниот возач Морис Робинсон беше уапсен и обвинет по неколку обвиненија, вклучително и убиство на 39 луѓе.
Засега не е одреден датум за судење, а возачот повторно треба да се појави на суд на 13 декември. На денешното сослушување не побараа да се изјасни за обвиненијата за смртта на луѓето.
Во приколката од камионот имало тела на 31 маж и осум жени. Најстариот имал 44 години, а три жртви биле малолетни.
Обвинителот на денешното сослушување во судот рече дека најверојатно станува збор за голем и сложен случај.
Уште еден човек од Северна Ирска е обвинет за помагање нелегално да ги внесе луѓето во Британија.
Полицијата во Виетнам уапси 10 луѓе за случајот.
фото АП