Ципрас им го позајми авионот на грчките атлетичари
Објавено во: Балкан 07 Јуни, 2019
Грчките атлетичари ќе одат на Европските игри во Минск со владиниот авион што им го позајми премиерот Алексис Ципрас откако објавија дека нема да може да се натпреваруваат бидејќи не пронашле билети за комерцијални летови.
Грчката атлетска асоцијација срдечно му се заблагодари на премиерот за решавање на проблемот со тоа што им даде млазен авион со кој исклучиво патува само тој.
Претходно националната атлетска федерација објави дека грчките спортисти нема да учествуваат на вторите Европски игри во Белорусија поради технички причини, или поради тоа што не можат да најдат авионски билети.
Претседателот на грчкиот олимписки комитет, Спирос Капралос, рече дека е длабоко повреден од одлуката.
Сепак, понудата на авионот ја најави Алексис Ципрас, кој веќе е во кампања за предвремените парламентарни избори на 7-ми јули.
Четири години по првите Европски игри во Баку, Азербејџан, вторите ќе се одвиваат во Белорусија од 21 јуни до 30 јуни, со учество на 4.000 спортисти од 50 земји.