Ципрас вели дека без Договорот од Преспа на северната граница ќе ја имале Турција
Објавено во: Балкан 06 Април, 2021
Eкс грчкиот премиер, Алексис Ципрас вели дека е горд на Договорот од Преспа, и дека без него Турција ќе била и на грчката северна граница.
„Горд сум што Грција ја надгради својата геополитичка динамика во петте тешки години додека бевме на власт и што зад себе остави еден многу важен договор, Договорот од Преспа“, изјави претседателот на СИРИЗА Алексис Ципрас во интервју за грчката телевизија „Контра“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, говорејќи за надворешната политика на земјата, тој се осврна и на Договорот од Преспа, рече дека „некои кои глумеа, иако знаеја дека е позитивен договор, се бореа против него до последен момент поради политички цели“.
Договорот е потпишан на 17 јуни 2018 година во Нивици, во Грција, и со него се стави крај на три децении стариот спор за името на нашата земја. Во моментот кога беше потпишан, опозициските партии во двете земји жестоко беа против овој договор.