Дачиќ со остар коментар за пресудата на Караџиќ: „Србите не се геноциден народ“
Објавено во: Балкан 21 Март, 2019
Шефот на српската дипломатија и прв потпретседател на Владата на Србија Ивица Дачиќ за српски медиуми ја искоментирал пресудата за Радован Караџиќ во Хаг кој е осуден на доживотна робија.
Дачиќ ги демантирал и гласините дека оваа пресуда значајно ќе влијае на Република Српска и Србија, како и на обидите на поединци да стават етикета на геноцидот на српскиот народ.
-Хаг уште еднаш покажа кој е и што е, и дека таму само Срби се осудувани и прогласувани за виновници, што никако не може да биде точно-рекол Дачиќ.
Кога се работи за обид оваа пресуда да се искористи за напад на Српска и Србија, Дачиќ вели:
-Сигурно е дека ќе има од оние кои оваа пресуда ќе се обидат да ја искористат за напад на Српска и Србија и да ни го препишат епитетот геноцид, но јас им порачувам: Нема да ви помине! Србија и Српска постојат и ќе опстојат со векови, а српскиот народ никогаш не бил ниту може некој да го прогласи за геноциден-завршува Дачиќ.